Конституиран новиот УO на МКФ, Дејан Јовановски ќе биде генерален секретар

Откако пред дваесетина дена Петар Наумоски беше назначен за нов претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), денеска е конституиран новиот управен одбор, а назначен е и првиот оперативец, односно генерален секретар.

Во новиот УО на МКФ, покрај претседателот Наумоски, како и новоизбраните потпретседатели Илија Пенов (менаџерот од „Капилот банка“) и Сашо Дракуловски (брокер), го сочинуваат и: легендарниот поранешен кошаркар, Благоја Георгиевски-Буштур, Сашо Босилков (Орка холдинг), Тони Трајков (Дизајн фантазија), Даниел Воиновски (Еуроимпекс Пежо), Среќко Трајковски (ГИМ), Ристо Јаневски (ОКТА), Горан Ѓорѓиевски (Пекара Специјал), Анатол Кутревски (Пекабеско), Пејчо Илиев-Баџо, Александар Свртинов, претставник од компанијата „Тинекс’’ како и претставници од Здружението на тренери, и Здружението на прволигашите. Наумоски го исполни и ветувањето дадено на изборното собрание, па во новиот УО го кооптира и неговиот противкандидатот Абдураим Бајрактар, кој беше и член на претходниот состав на УО на МКФ.

На првата работна средба, новиот УО го разреши Дејан Лекиќ од функцијата Генерален секретар, а на негово место е назначен поранешниот македонски репрезентативец Дејан Јовановски, кој пред извесен период ја извршуваше и улогата на спортски директор во КК Работнички, , а во МКФ доаѓа од Агенцијата за млади и спорт.

Првиот голем предизвик на Наумоски и неговите соработници, ќе биде регуларно да го приведат домашното првенство кон крај, а веднаш потоа им претстојат активности на меѓународен план, со настапите на повеќе селекции, првенствено машката сениорска која во септември ја очекува настап на завршницата на Европското првенство.

НАТО: Се интензивираат хибридните напади на Русија врз членките на Алијансата

Членките на НАТО се длабоко загрижени поради неодамнешните зголемени злонамерни хибридни напади на Русија на територијата на земјите од Алијансата, кои претставуваат безбедносна закана, соопшти денеска Алијансата.

Тоа, според соопштението објавено на веб-страницата на НАТО, вклучува напади кои резултираа со истрага и обвинение против повеќе лица во врска со непријателски активности кои ги засегаат Чешка, Естонија, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Велика Британија.

НАТО го осуди однесувањето на Русија и ја повика да ги почитува нејзините меѓународни обврски, велејќи дека постапките на Москва нема да ги одвратат членките на Алијансата да продолжат да ја поддржуваат Украина.

Во соопштението се наведува дека овие инциденти се дел од „интензивната кампања на Русија која продолжува да ја спроведува на целата територија на земјите членки на НАТО“.

Се наведува дека овие инциденти вклучуваат саботажа, акти на насилство, кибер и електронско попречување, кампањи за дезинформација и други хибридни операции.

НАТО ја нагласува солидарноста со земјите-членки погодени од руските хибридни напади и истакнува дека ќе дејствува колективно за да ги реши таквите акции.

Се нагласува дека Алијансата ќе продолжи да се спротивставува на руските хибридни напади. /MИА

Папата Фрањо упати честитка до монсињор Стојанов по повод 25-годишниот бискупски јубилеј

25-годишен јубилеј од хиротонијата на Киро Стојанов.

Апостолскиот нунциј во земјава монсињор Лучано Суријани, придружуван од првиот советник во нунцијатурата монсињор Џорџо Кеца, вчера во бискупската резиденција на Водно лично му ја предаде честитката од папата Фрањо на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов по повод неговиот 25-годишен јубилеј од хиротонијата.

- Наполнуваш дваесет и пет години од твојата епископска хиротонија. Ви го честитаме овој јубилеј и пастирската служба која грижливо ја извршуваше. Тоа всушност е служба на постојано проповедање на Евангелието и посветено толкување на христијанската вистина. Преку застапништво на Пресвета Богородица, која се вознесе на небо, Го молиме Господа за ведрина на духот и добро здравје. Исто така упатуваме благослов до Тебе и твоето стадо, со понизна молба да упатувате молитви, па така – зајакнати со верата, надежта и љубовта – посветено да ја извршуваме петровата служба, се наведува во честитката.

Редовната седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во БИХ ќе се одржи на 15 мај

Редовната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во Босна и Херцеговина ќе се одржи на 15 мај, соопшти Советот за безбедност на ОН.

Засега не се објавени дневниот ред и времето на одржување на седницата.

На 30 април на барање на Русија се одржа вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина.

Владата на Република Српска претходно до Советот за безбедност на ОН достави извештај за состојбата во БиХ, со посебен осврт на последиците од евентуалното усвојување на резолуцијата за Сребреница, која беше поднесена до Генералното собрание без согласност од сите три конститутивни народи во БиХ.

Редовни седници на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина се одржуваат двапати годишно. /МИА

притисни ентер