Kонференција на Меѓународната федерација на библиотекарски асоцијации (IFLA) Кејптаун - Канал 5

Kонференција на Меѓународната федерација на библиотекарски асоцијации (IFLA) Кејптаун

Во Кејптаун, во Јужноафриканската Република, од 15 до 22 август 2015 г., се одржа 81-та конференција на Меѓународната федерација на библиотекарски асоцијации (ИФЛА). Во своето поздравно обраќање пред повеќе од 2000 гости и учесници, во Конференцискиот центар на Кејптаун, претседателката на ИФЛА, г-ѓа Синика Сипила, ја искажа својата благодарност и воедно упати признание за развојот на библиотечната дејност на Африканскиот континент. Темата на овогодишната конференција беше Динамични библиотеки: пристап, развој и трансформација. Претседателката Синика ја истакна улогата на библиотеките во градењето силни граѓански општества, јакнењето на демократијата, како и борбата со сиромаштијата, невработеноста и незнаењето.

Kонференција на Меѓународната федерација на библиотекарски асоцијации (IFLA) Кејптаун

Во рамките на Конференцијата на ИФЛА, во Центарот на книгата на Јужноафриканската Република, се одржа и традиционалната средба на директорите на националните библиотеки (ЦДНЛ) од цел свет. На средбата се обратија претседателот на асоцијацијата, г. Каи Екхолм, директор на Финската национална библиотека и заменик министерот за култура на Јужноафриканската Република, г-ѓа Риџојс Мобудафаси.

На конференцијата се разгледаа стратешките приоритети и заложби во воспоставувањето на глобална дигитална стратегија со посебна презентација на искуствата на Националните библиотеки на Велика Британија и Франција, соодветно претставени од директорите на овие две еминентни библиотеки, г-н Роли Китинг и г-н Бруно Расин, во однос на заштитата и презентацијата на културното наследство и предизвиците на новото време пред кои се исправени Националните библиотеки.

На конференцијата на ИФЛА во Кејп Таун, како претставник на Република Македонија учествуваше и директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, д-р Иван К. Заров. Следната, 82-ра конференција на ИФЛА, ќе се одржи во Колумбус, Охајо, САД, 2016 година - соопштија од Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерката Божиновска во Виена: Зајакнување на енергетските врски со Австрија во фокусот на посетата

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Виена го започна учеството во меѓународната програма „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“.

Министерката Божиновска во Виена: Зајакнување на енергетските врски со Австрија во фокусот на посетата

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Виена го започна учеството во меѓународната програма „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“, во рамки на која учествуваше на сесија посветена на оперативното управување со кризи и оствари средби со високи претставници на австриски институции.

Во фокусот на првиот ден беше и унапредувањето на односите меѓу Македонија и Австрија во областа на енергетиката. Божиновска оствари работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија.

На средбата беа разменети мислења за билатералните и економските односи, актуелните прашања во енергетиката и процесите на енергетска транзиција, како и за можностите за продлабочување на контактите и размена на искуства во енергетскиот сектор.

Како дел од програмата, Божиновска оствари и работен ручек со директорот на Дипломатската академија на Виена, амбасадорот Мартин Ајхтингер. Во фокусот на разговорот беа лидерството, јавната служба и значењето на меѓународната размена на искуства.

„Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“ е извршна програма на Дипломатската академија на Виена, која ги поврзува жените на лидерски позиции од регионот и е насочена кон зајакнување на лидерските капацитети и размена на искуства за современите предизвици во јавниот сектор.

Во продолжение на престојот во Виена, министерката Божиновска ќе има обраќање пред студентите на Дипломатската академија на Виена и ќе одржи предавање посветено на енергетската транзиција и актуелните состојби во енергетскиот сектор во Македонија. Пред студентите ќе бидат презентирани клучните процеси во енергетиката, развојот на обновливите извори на енергија, модернизацијата на инфраструктурата, енергетската сигурност и регионалното поврзување.

Со учеството во програмата и работната агенда во Виена, Министерството продолжува со активно меѓународно позиционирање на македонските енергетски приоритети и отворање простор за нови партнерства и размена на искуства.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Епилог на ученичките и студентските протести во Франција: Илјадници уапсени, стотици повредени полицајци (ВИДЕО)

Вкупно 6.629 лица се уапсени за време на протестите на средношколците и студентите во градовите низ Франција, а повредени беа 761 полицаец, како и 215 ученици и 89 наставници, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез.

Епилог на ученичките и студентските протести во Франција: Илјадници уапсени, стотици повредени полицајци (ВИДЕО)

Тој рече дека протестите брзо станаа сериозни и дека досега вклучиле најголем број училишта во Франција и дека бројот на учесници бил поголем од вообичаеното, објави BFM TV.

Нуњез, исто така, рече дека е „претерано да се зборува за полициска репресија“ за време на протестите во средните училишта.

„Тоа е првата вистина што треба да се утврди: нема интервенција кога има средношколци кои демонстрираат мирно“, рече Нуњез.

Протестите на француските средношколци започнаа кон крајот на септември во Кретеј, предградие на Париз, а потоа се проширија низ целата земја, со барања за подобри услови во училиштата, поголеми инвестиции во образованието и решение за проблемот со недостигот на наставници.

Најтешко повредени во протестите беа 15-годишен ученик чија рака беше откината од граната солзавец во Ленс на 5 октомври, како и 14-годишник кој беше погоден во лицето од таква граната во Сен-Уен-ла-Мон на 28 септември, при што се здоби со сериозни повреди на вилицата и забите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот грчки амбасадор, Јоанис Малукос

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република, Јоанис Малукос.

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот грчки амбасадор, Јоанис Малукос

Таа, третирајќи ја Грција како важен сосед и потенцијален стратешки партнер, изрази искрено очекување за отворање ново поглавје во меѓусебните односи, во духот на добрососедството, градено низ bona fide политика.

За Сиљановска-Давкова, Хеленската Република, како земја од регионот со најдолго искуство во Европската Унија, има историска и политичка одговорност за европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

Во пресрет на грчкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, таа очекува засилен грчки ангажман насочен кон исполнување на ветувањата од Солунската агенда во далечната 2003 година.

Во однос на економската соработка, претседателката ги издвои Коридорот 10 и гасниот интерконектор како проекти од стратешко значење за обете земји, заради сигурниот гарантиран придонес кон поголема поврзаност, економски развој и регионална енергетска безбедност.

Претседателката ја поздрави грчката иницијатива за впишување на регионот на Преспа во листата на светско наследство на УНЕСКО, заради неговата исклучителна природна и културна вредност.

Таа цврсто верува во моќта на културната дипломатија, водена од фантастичниот успех на грчко-бугарско-македонската изведба на сценската кантата „Carmina Burana“.

Амбасадорот Малукос изрази подготвеност за добрососедството, градено преку конструктивен политички дијалог и доследно почитување на меѓународното право.

Тој вети силна грчка поддршка на македонскиот пат кон ЕУ, информирајќи дека проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе биде приоритет на грчката агенда за време на претседавањето.

Присуството на грчките компании во земјава, амбасадорот го оцени како важен економски мост.

Сиљановска-Давкова упати срдечни поздрави до грчкиот претседател, Константинос Тасулас, и до грчкиот народ.

На крајот, на амбасадорот Малукос, му посака добро здравје и успешна работа, соопштуваат од Кабинетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер