Концерт и промоција на книга во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ - Канал 5

Концерт и промоција на книга во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“

Во рамките на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ на Министерство за култура и општина Велес, синоќа во Ликовниот салон во Велес се одржа Вечер на популарни арии. Настап имаа уметничките од Штип, мецосопранот-младата Наташа Пандазиева и нејзината професорка на пијано-придружба Наташа Трбојевиќ.

Концерт и промоција на книга во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“
Тие ја воодушевија велешката публика со изведбата на популарни арии како „Адио Рома“ од Монтеверди, познати арии од Моцарт, од Јохан Штраус, од Росини, како и „Ленка“ од македонскиот композитор Тодор Скаловски.

Пандазиева која за првпат настапува во овој град изјави дека е презадоволна од настапот и од приемот на велешката публика.

- Јас и професорката Трбојевиќ сме пресреќни што бевме вклучени да учествуваме во оваа важна културна манифестација за Велес и Македонија, а каде што љубителите на класичната музика можат во живо да слушнат вакви популарни арии и во помалите места надвор од Скопје. Со тоа воедно е и остварена целта на Министерството за култура за доближување на културата до целокупната македонска јавност преку оваа манифестација Град на културата, а која секоја година се одржува во друг македонски град, рече Пандазиева.

Таа зема повеќекрато учество и во мајсторската школа на познатиот италијански диригент Маурицио Торелли. Освен во Македонија таа со своите арии е популарна и на оперските сцени во соседна Бугарија: Државната Опера на Русе, Операта на Пловдив и Државната опера на Стара Загора, каде се појавува со бројни значајни улоги.

Во рамките на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ синоќа во Ликовниот салон во Велес беше промовирана стихозбирката „КРУГ полу КРУГ“ од Игор Крајчев.

Првиот промотор проф. д-р Златко Жоглев рече дека книгата има 40-тина песни поделени во три целини „Кругови“, „Прашина“ и „Крикови“. Филозофската основа на поезијата на Игор Крајчев во ова дело е во тоа што тој има инкорпорирано неколку клучни работи што се важни за филозофијата и за човекот.

Како што појасни пред присутните вториот промотор, проф д-р Венко Андоновски, големиот поет се раѓа кога од колективниот симбол ќе направи индивидуален симбол,токму тоа според него, се случува во првиот циклус песни на Игор Крајчев.

- Кај Игор Крајчев кругот е индивидуален симбол, кај него кругот може да значи и безбедност, а може да значи и ропство, кругот е замка, а тој простор е доволно голем за да не сфатиш дека си роб. Кругот е симбол на растежот што е уште една индивидуализација, а кругот кај Крајчев е поистоветен и со поезијата, појасни Андоновски.

Поезијата на Крајчев, според него има доста допирни точки со поезијата на Рацин. Пред присутните го прогласи Игор Крајчев за достаоен наследник на големиот македонски поет од Велес, Коста Солев Рацин.

Инаку Игор Крајчев за оваа стихозбирка „КРУГ полу КРУГ“ ја доби и „специјалната награда Караманов за 2014“. Тој во 2005 година ја издаде својата првата книга постмодернистичка поезија „Реалности“. Во 2007 својот прв епско-фантастичен роман „Воини и херои“, кој целосно беше распродаден и во 2012 година излезе и неговото второ издание. Во 2009 година излезе вториот роман на Крајчев „Три секунди“, а како и првиот подржан од Министерството за култура.

Учесник е на повеќе поетски манифестации, член на Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестацијата „Рацинови средби“ и на „Детските Рацинови средби“ во Велес. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Град на духови“ на Кавказ- порано бил рударски рај, а сега шума ги проголта зградите (ФОТО)

На југоистокот на Абхазија, во градот Ткварчали, се наоѓа Акармара, некогаш просперитетна рударска населба, а денес една од највпечатливите напуштени локации во поранешниот СССР.

„Град на духови“ на Кавказ- порано бил рударски рај, а сега шума ги проголта зградите (ФОТО)

Денес, еден вид „град на духови“ привлекува туристи и урбани истражувачи, но е создаден од сосема различни причини.

Важен дел од рударската индустрија

Историјата на Акармара започнува во 1938 година, кога е основана рударска населба, првенствено за експлоатација на јаглен потребен на советската индустрија.

Важноста на оваа област дополнително се зголемила за време на Втората светска војна, кога залихите со јаглен станале уште поважни за СССР, и откако Донбас паднал под германска окупација.

Во 1942 година, Ткварчали добил статус на град, а во неговиот состав биле вклучени околните рударски населби, вклучувајќи ја и Акармара. По завршувањето на војната, во изградбата на населбата учествувале и германски воени заробеници.

Со текот на времето, биле изградени бројни згради што ѝ дале на Акармара изглед на развиен рударски град. Имало станбени згради, болници, училиште, кино, ресторан и хотел.

Пред распадот на Советскиот Сојуз, населбата беше густо населена и претставуваше важен дел од локалната рударска индустрија.

Војна, опсада и несигурност

Во раните 1990-ти, распадот на СССР и политичките конфликти на Кавказ доведоа до големи промени. Војната во Абхазија започна на 14 август 1992 година.

Градот Ткварчали беше под опсада 413 дена. Долгорочната блокада и прекинот на рударството на јаглен - што беше основа на локалната економија - имаа сериозно влијание врз животот во областа.

Така, жителите на Акармара почнаа да ги напуштаат своите домови, а населбата остана без луѓе и објекти што некогаш ја правеа живо место.

Повеќето од зградите беа напуштени со текот на времето, додека само неколку семејства останаа да живеат во Акармара.

Со текот на годините, поранешната рударска населба почна сè повеќе да го менува својот изглед. Без редовно одржување, зградите почнаа да се распаѓаат, а вегетацијата постепено ги зафаќаше дворовите, улиците и напуштените згради.

Комбинација од напуштена архитектура и природа

Дрвјата и бујната вегетација сега ги опкружуваат станбените блокови и старите јавни згради, создавајќи необична сцена што ја навела Акармара да биде наречена „град на сталкери“.

Оваа комбинација од напуштена архитектура и природа што полека презема контрола е една од причините зошто местото го привлече вниманието на посетителите.

Сепак, Акармара не е целосно без жители. Неколку семејства сè уште живеат во областа, додека туристите доаѓаат да ги истражуваат напуштените улици и да ги видат остатоците од поранешниот рударски живот.

Друга интересна карактеристика се познатите водопади во областа, кои привлекуваат посетители желни за природна убавина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шокантен пресврт по нападот во Краков: Полицаецот, кој беше прогласен за херој, сега е на распит во Обвинителството

Случајот со полициската интервенција во Краков доби нов пресврт откако еден од полицајците кои го совладаа вооружениот напаѓач дојде под истрага на обвинителството. 

Шокантен пресврт по нападот во Краков: Полицаецот, кој беше прогласен за херој, сега е на распит во Обвинителството

Имено, поднесена е официјална жалба против полицаецот Јакуб Кулик за начинот на кој го користел службеното оружје, објавува Fakt.pl.

Подносителот на жалбата бара истрага за тоа дали полицаецот законски го користел своето оружје против напаѓачот. Како што дознава полскиот портал Onet.pl, жалбата ја поднел Полјак кој живее во Лондон. Обвинителството потврди дека ќе ја разгледа жалбата, но тоа не значи автоматски дека ќе отвори истрага против полицајците.

Жалбата прво ја примило Окружното обвинителство во Краков, кое потоа ја препратило до надлежното одделение кое го истражува нападот. Раководителот на тоа одделение, Ерик Стасиелак, потврди дека жалбата е примена.

„Таква жалба навистина ни е поднесена и, како и во случај на секоја слична жалба, ќе покренеме соодветна постапка“, изјави тој за Onet.

Што вели обвинителството?

Стасјелак истакна дека обвинителството не покренало постапка по сопствена иницијатива во врска со постапувањето на полицајците, бидејќи не забележало никакво основано сомнение дека е сторено кривично дело во нивните постапувања.

„Не видовме никакво основано сомнение во постапувањето на полицијата дека е сторено кривично дело“, рече обвинителот.

Самото поднесување на пријава не значи дека автоматски ќе се отвори истрага. Обвинителството прво мора да ја разгледа нејзината содржина, а доколку заклучи дека полицаецот не го прекршил законот, може да одлучи да не презема понатамошни чекори.

Поранешниот полицаец и инструктор по стрелаштво, Дариуш Томишек, исто така, коментираше за постапувањето на полицајците. Според него, полицаецот дејствувал во рамките на своите законски овластувања, а полицајците кои го совладале напаѓачот заслужуваат да бидат наречени херои.

Друг испитаник на порталот Онет изрази сомнеж дека пријавата може да претставува провокација од страна на лице кое и самото има проблеми со судството.

Кој ја поднел пријавата?

Полскиот портал Онет, исто така, доби дополнителни информации за лицето кое ја поднело пријавата. Според нивните информации, нејзините лични податоци, датумот и местото на раѓање се совпаѓаат со оние на маж кого го бара полската полиција.

Мажот наводно е поврзан со неколку случаи, вклучувајќи измама, возење под дејство на алкохол или дрога и упатување кривични закани.

Сепак, самото совпаѓање на деталите не потврдува дека станува збор за истото лице. Оваа информација покрена дополнителни прашања за идентитетот на подносителот на жалбата и неговите мотиви.

Обвинителот ги брани полицајците

Обвинителот од Краков, Пјотр Космати, исто така, јавно зборуваше за случајот, поддржувајќи ги постапките на полицајците и објаснувајќи зошто верува дека употребата на оружје била оправдана, дури и откако напаѓачот паднал на земја.

„Со оглед на прашањата што се појавија во врска со постапките на полицајците кои совладаа вооружен терорист во Краков, верувам дека пукањето во напаѓачот кој лежел на земја било целосно ОПРАВДАНО И ВО СОГЛАСНОСТ со важечките законски прописи. Не е важно дали напаѓачот лежел на земја. Ако оружјето сè уште било во неговиот дофат, постоела реална можност да се употреби, што претставувало непосредна опасност за животите на другите луѓе, вклучително и полицајците“, напиша тој на социјалните мрежи. Извештајот сега ќе го разгледа обвинителството, кое ќе одлучи дали постојат основи за понатамошни дејствија. Сепак, засега останува на сила ставот на обвинителот Стасиелак дека нема основано сомнение за сторување кривично дело во дејствијата на полицајците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На Исар–Марвинци е откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање (ВИДЕО)

Археолошките истражувања на локалитетот Исар–Марвинци кај Валандово во 2026 година донесоа исклучителни откритија, кои отвораат нови сознанија за урбаниот развој и секојдневниот живот во античкиот град.

На Исар–Марвинци е откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање (ВИДЕО)

Во рамките на истражувањата на комплексот на јавната римска бања, откриен е монументален базен со димензии поголеми од 4,5 × 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри, обложен со повеќе од осум различни видови мермер.

Особено значајно е откривањето на исклучително добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и циркулација на топол воздух. Комплексот е поврзан и со градската цистерна, а се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина.

Покрај монументалната архитектура, откриени се и значајни движни наоди: сребрена монета на Ихнајците (500–480 г. пр. н. е.), бронзени монети од хеленистичкиот и римскиот период, мермерна биста со претстава на воен командант, фрагменти од скулптури и епиграфски споменик од син мермер со посветен натпис.

Овие откритија сведочат за развиената јавна инфраструктура, економската моќ и значењето на античкиот град, а овозможуваат и нови сознанија за неговиот урбан и општествен живот.

Истражувањето на комплексот ќе продолжи во 2027 година, во рамките на Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Со истражувањата раководеше кустос-советник Јане Клековски, а во стручниот тим учествуваа Игор Ширтовски, Сања Битрак, Андриана Петковска, Стефан Трајковски, Васил Николовски, Елена Рафајловска и Славица Бабамова.

Националниот археолошки музеј изразува благодарност за поддршката и соработката на Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, НУ Завод и музеј – Струмица и Општина Валандово, објавија на ФБ од Националниот археолошки музеј.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер