Комитова: Несреќата не се случила поради голема брзина, причините за пожарот непознати

Министерката за регионален развој и јавни работи на Бугарија, Виолета Комитова изјави дека причина за минатонеделната несреќа на автобусот на „Беса Транс" не била големата брзина на движење.

– Овде има еден чуден настан – пожар, кој според мене е главна причина за жртвите, рече Комитова, додавајќи дека засега нема објаснување што го предизвикало пожарот.

Таа на брифинг изјави дека до денеска на патот каде што се случи несреќата не се завршени постапките за експропријација. – Градежниците граделе на туѓо земјиште, изјави Комитова.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, изготвениот извештај за состојбата на патот уште еднаш потврдува дека не се работи за автопат, туку за експресен пат. Комитова рече дека не може да се тврди дека дозволената брзина на движење од 120 километри на час е главната причина за несреќата.

До датумот на несреќата, завршено е одбележувањето само на централната линија, со задоцнување од околу шест месеци. Означувањето на оваа делница и поставувањето на знаците е доделено на две фирми со ист сопственик. Двете компании требало да ја постават и сигнализацијата. Во 2013 година тие го поставиле знакот за дозволена брзина од 120 километри на час, а заштитната ограда, кога била поставена во 2007 година, ги исполнувала барањата, но од 2021 година, според Комитова, има нови правила.

Петков ја предаде апликацијата ,,dDnevnik" на Ковачевски за превенција и лекување дијабет

Бугарскиот премиер Кирил Петков на претседателот на Владата ,Димитар Ковачевски му ја предаде апликацијата „dDnevnik" која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес во нашата земја.

Софтверското решение „dDnevnik" го изготвија врвните таленти на компанијата „Скеил Фокус", која како најголема странска инвестиција од Бугарија во ИТ секторот работи во нашата земја од 2019 година.

Станува збор за Проект подржан од Министерството за надворешни работи на Бугарија, преку оперативната Програма за развој, во кој компанијата „Скеил Фокус" е партнер заедно со Фондацијата Метаморфозис од Скопје, која има за мисија да ги доближи дигиталните технологии до сите граѓани.

Идејата за развој на ваков вид апликација е поддржана и прифатена и од Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Тимот на Скеил Фокус за време на реализацијата на Проектот ја развиваше апликацијата „dDnevnik", консултирајќи се со лекари, ендокринолози и секако со здруженијата на пациентите со дијабетес.

Корисниците на оваа апликација ќе имаат можност бесплатно да ја користат на македонски и албански јазик и ќе биде достапна за корисниците од февруари годинава. За неколку месеци, оваа апликација ќе стане активна и на бугарски јазик во Република Бугарија, за тамошните пациенти. Оваа мобилна апликација е достапна на двете платформи за IOS и за Android.

Претседателот на Бордот на директори на Скеил Фокус, Пламен Цеков пред присутните порача дека преку апликацијата „dDnevnik" дијабетичарите успешно ќе можат да се справат со предизвиците што ги носи дијабетесот и ќе им помогне во превенцијата и за поефикасно лекување.

„„dDnevnik" овозможува пациентите да ги запишуваат измерените вредности за нивото на шеќер во крвта на нивните мобилни телефони, наместо на хартија. Добиените анализи за одреден временски период, апликацијата овозможува да бидат споделени со лекарите или други блиски членови од семејството, преку однапред дефинирани правила од страна на корисникот", истакна Цеков.

Генералната менаџерка на „Скеил Фокус" за Македонија, Софче Јовановска порача дека голема е професионалната сатисфакција на целиот тим на компанијата од креирањето на ваков тип на апликација, која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес, а на лекарите ќе им овозможи полесен пристап до аналитички податоци за здравјето на пациентите.

Ова е само еден од над 500 светски проекти, кои „Скеил Фокус" ги има испорачано за повеќе од 300 клиенти низ светот, во Америка, Европа и Азија. Токму годинава, „Скеил Фокус" слави 10 годишен јубилеј, 10 години забрзан раст и развој, препознаен и од реномираните Форбс и Фајненшл Тајмс кои што изминативе години ја вброија компанијата и во најбрзо растечките компании во Европа, се наведува во соопштението од Владата.

Во Скопје компанијата започна да работи со 10 вработени, а денеска бројката надминува 130 луѓе. Бизнис планот на „Скеил Фокус" е да ги мотивира и задржи младите ИТ кадри да останат во земјата.

Средба на претседателот Пендаровски со бугарскиот премиер Петков

Претседателот Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков, кој престојува во официјална посета на Македонија, се наведува во соопштението на кабинетот на претседателот. 

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните.

Во однос на отворените прашања меѓу двете земји, претседателот посочи дека е потребно враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.

Претседателот Пендаровски истакна дека Македонија во духот на добрососедството и почитување на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање на компромисно решение за отворените прашања.

Тој додаде дека отпочнувањето на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.

Вториот човек на Ватикан позитивен на коронавирусот

Италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, државен секретар и втор човек на Ватикан, како и неговиот заменик, се позитивни на коронавирусот, соопшти денеска ватиканската медиумска служба.

„Паролин (67) е позитивен на Ковид, но со благи симптоми и сега е во изолација", изјави Матео Бруни, директор на медиумската служба.

Позитивен е и неговиот заменик Едгар Пења Пара, венецуелски надбискуп, и нема симптоми, додаде тој.

И двајцата биле вакцинирани против вирусот.

Папата Франциск (85), кој исто така е вакциниран, често се среќава со Паролин, кој му е десна рака и добар познавач на дипломатските прашања.

притисни ентер