Комбинирањето на тутун со канабис предизвикува уникатни промени во мозокот - Канал 5

Комбинирањето на тутун со канабис предизвикува уникатни промени во мозокот

Научниците откриле дека луѓето кои истовремено користат тутун и канабис покажуваат уникатни промени во хемијата на мозокот, сугерира едно прелиминарно истражување.

Комбинирањето на тутун со канабис предизвикува уникатни промени во мозокот

Наодите би можеле да објаснат зошто корисниците на обете супстанции често имаат потешки проблеми со зависноста и менталното здравје во споредба со оние кои користат само една од супстанците, објавува Science Alert.

Да потсетиме дека студија од 2024 година покажа дека младите луѓе во Соединетите Држави кои користеле и тутун и канабис имале поголема веројатност да пријават проблеми со менталното здравје отколку оние кои користеле само канабис или само тутун.

Зголемени нивоа на клучен ензим

Иако ова е мала, прелиминарна студија, истражувачите биле изненадени од резултатите. Тимот ги споредувал скенирањата на мозокот од осум учесници кои користеле само канабис со пет учесници кои користеле и тутун и канабис. Групата која ги користела двете супстанци истовремено, имала значително повисоки нивоа на ензимот амид хидролаза на масни киселини (FAAH), во повеќе регии на мозокот.

Овој ензим е клучен за ендоканабиноидниот систем и цврсто ги контролира нивоата на невротрансмитер поврзан со чувствата на задоволство и радост.

Неодамнешните студии на животни сугерираат дека FAAH може да игра улога во тоа како мозокот реагира на никотин, но дали ова важи и кај луѓето останува да се потврди. Познато е дека луѓето со одредени варијанти на генот FAAH се изложени на поголем ризик од злоупотреба на дрога и зависност, а генот е поврзан и со анксиозност.

„Ова е прв доказ кај луѓе за молекуларниот механизам кој би можел да објасни зошто луѓето кои користат и канабис и тутун имаат потешки последици“, изјавила главната авторка и психолог Рејчел Рабин од Универзитетот Мекгил во Канада.

Потребни се понатамошни истражувања

Студијата не опфаќала лица кои консумираат само цигари, па можно е самиот тутун да е одговорен за забележаните промени во мозокот. Потребни се понатамошни истражувања за да се разјасни дали овој хемиски профил е директно предизвикан од тутунот, дали канабисот го влошува, па така доведува до поголеми ризици за менталното здравје.

„Она што нè изненади беше јачината на ефектот и колку се разликуваше кај лицата кои користеа само канабис, во споредба со оние кои користеа и тутун и канабис“, изјавила коавторката и психијатар од Мекгил, Ромина Мизрахи.

Предизвик за научниците

Еден од актуелните предизвици во истражувањето на канабисот е раздвојувањето на луѓето кои користат само канабис од оние кои го комбинираат со тутун – што многу често се практикува.

Според некои проценки, до 80 проценти од корисниците на канабис користат и тутунски производи. Ова преклопување би можело значително да влијае на резултатите од истражувањата за ефектите на канабисот врз белодробните заболувања, менталното здравје, мозокот и когнитивната функција.

Скоро сите претходни истражувања на оваа тема се засновале само на набљудување, што значи дека не може да ги утврдат причините и последиците. Исто така, честопати не се прави разлика колку некој користи тутун или канабис, што би можело да влијае на резултатите.

Засега, се чини поверојатно тутунот и канабисот консумирани заедно да имаат различни ефекти од користењето само на канабисот. Со текот на времето, повеќе студии ќе го потврдат или побијат ова.

„Идентификувањето на овој механизам е важен чекор кон наоѓање цели за идните лекови за лекување на нарушувања поврзани со употребата на канабис, особено кај оние кои истовремено користат тутун“, заклучува Рабин.

Студијата е објавена во списанието “Drug and Alcohol Dependence Reports”.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Google го доживеа најлошиот ден во историјата

Акциите на Alphabet, матичната компанија на Google, вчера го забележаа најголемиот еднодневен пад во историјата на компанијата.

Google го доживеа најлошиот ден во историјата

Нивната вредност се намали за речиси 13 отсто, со што пазарната капитализација на Alphabet се намали за приближно 500 милијарди долари.

Како што пренесува „The Wall Street Journal“, до масовната продажба дојде поради разочарувачките финансиски резултати, забавувањето на растот на приходите од онлајн пребарувањето, како и поради зголемената загриженост кај инвеститорите во врска со огромните трошоци поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Акциите на Alphabet ја завршија трговската сесија на ниво од 283,82 долари, што претставува пад од 12,64 отсто. Ова е вториот најголем еднодневен пад на пазарната вредност за која било компанија во историјата на американскиот берзански пазар. Единствено Nvidia забележа поголем пад – во јануари 2025 година – кога изгуби приближно 593 милијарди долари од својата вредност.

Падот на матичната компанија на Google повлече надолу и дел од американските берзански индекси, особено технолошки ориентираниот индекс Nasdaq.

Инвеститорите беа особено загрижени поради резултатите од бизнисот со рекламирање на Google, кој со децении претставува главен извор на приходи и профит за компанијата. Во третиот квартал, приходите од онлајн пребарувањето на Google пораснаа за 12 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Иако ова претставува раст, тој е значително побавен отколку во претходниот дел од годината; приходите од пребарувањето пораснаа за 19 отсто во првиот квартал и за 17 отсто во вториот.

Секторот „Google Services“ – кој ги опфаќа онлајн пребарувањето, YouTube и претплатите – оствари приход од 96,3 милијарди долари, што е под очекувањата на аналитичарите кои предвидуваа 98,5 милијарди долари. Вкупните приходи на Alphabet достигнаа 127,6 милијарди долари – што претставува раст од 25 отсто на годишно ниво – но сепак се под очекувањата на Волстрит. Нето-добивката се намали за 25 отсто, на 26,17 милијарди долари.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Акциска контрола на товарни возила – констатирана 101 неправилност, 25 возила исклучени од сообраќај

При спроведената контрола контролирани се 781 возило, од кои 92 се упатени на технички преглед. 

Акциска контрола на товарни возила – констатирана 101 неправилност, 25 возила исклучени од сообраќај

На 28.10.2026 година, во периодот од 09:00 до 14:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на товарни возила, насочена кон откривање и санкционирање на неправилности поврзани со претовар, неправилно сместен и необезбеден товар, техничка исправност на возилата, превоз на лица, како и на моторни возила кои се вклучуваат во сообраќај од земјени патишта, градилишта и слични површини, при што нанесуваат кал на коловозот.

При спроведената контрола контролирани се 781 возило, од кои 92 се упатени на технички преглед. Констатирани се 101 неправилност, а поради утврдените неправилности, 25 возила се исклучени од сообраќај.

Во рамки на контролата евидентирани се и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.

Дополнително, констатирани се и 219 прекршоци од друг вид.

За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на акциски сообраќајни контроли и апелира до возачите и превозниците да ја почитуваат законската регулатива, да обезбедат техничка исправност на возилата и правилно сместување и обезбедување на товарот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Вучевска Петковска: Крива Паланка тоне во долгови, а ветените мерки за пензионерите, бесплатниот оброк за учениците и пречистителната станица останаа само на хартија

​За неколку дена ќе наврши една година од вториот мандат на градоначалникот Сашко Митовски.

Вучевска Петковска: Крива Паланка тоне во долгови, а ветените мерки за пензионерите, бесплатниот оброк за учениците и пречистителната станица останаа само на хартија

Една година е доволно време за граѓаните да побараат отчет. И затоа денес прашуваме: Што доби Крива Паланка за оваа една година, добивме ли решени комунални проблеми, добивме ли подобри услуги или добивме нешто друго, поголеми долгови и нереализирани ветувања.

Според податоците со кои располага нашата советничка група, заклучно со 30 јуни 2026 година, обврските на Општина Крива Паланка достигнале околу 128 милиони денари. А тоа не е крајната состојба. Во третиот квартал обврските продолжуваат да растат. Граѓаните не гласаа за нов список со ветувања, гласаа за реализација.

Загрижува и случајот со Европската куќа. Просторот е затворен, а зградата која е сопственост на Општина Крива Паланка, според информациите со кои располагаме, е одземена од страна на извршител поради неплатени догови на Општината. Спротивно на тоа на граѓаните им беше ветено нов Младински центар.

Затоа прашуваме: Како се ветуваат нови простори, ако не успевме да го заштитиме постојниот општински имот? По кој основ е поведена извршната постапка, колкави обврски стојат зад ова и што презела општината за да го заштити својот имот? Не може да се зборува за развој, ако општината губи контрола врз сопствениот имот. И тука е клучното прашање: Ако долгот расте, каде се резултатите?

Во предизборниот период на граѓаните им беа ветени многу работи. Бесплатен оброк за учениците до петто одделение. Финансиска поддршка за пензионери со ниски примања од 3000 до 6000 денари. Финансиска поддршка за пензионерите за набавка на огревно дрво. Ветена беше и балон-сала во дворот на Касарната. Главен фекален колектор и пречистителна станица. Решавање на проблемите со свлечишта и други инфраструктурни проблеми.

Но, граѓаните имаат право да прашаат: Што е направено досега, дали за ветените проекти има проектна документација, дали се обезбедени средства, дали е започната постапка и кога точно ќе се реализираат? Затоа што граѓаните не гласаа за нови ветувања. Гласаа за реализација.

Особено загрижува состојбата во ЈП „Комуналец“. Според информациите со кои располагаме, претпријатието се соочува со сериозни финансиски проблеми, а на вработените сè уште не им е целосно исплатена плата за месец август. Затоа прашуваме: Колкав е долгот на ЈП „Комуналец“? Колкави се неговите доспеани обврски? Колку се должи за плати, придонеси и добавувачи? И кој е планот за излез од оваа состојба?

Не може општината да бара нови задолжувања, а истовремено долгот да расте и јавното претпријатие да се соочува со финансиски проблеми. Ние како советничка група не бегаме од одговорност. Напротив. Ќе продолжиме на секоја седница да бараме бројки, документи и отчет. И затоа денес испраќаме јасна порака: Не бараме политички пресметки. Бараме отчет. Не бараме нови оправдувања. Бараме резултати. Не бараме нови ветувања. Бараме реализација.

Единствено нешто што беше забележано во предходната година е реализација на проектите кои ги финансираше Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Крива Паланка заслужува да знае каде одат нејзините пари. Крива Паланка заслужува функционално јавно претпријатие. Крива Паланка заслужува инфраструктура и решени комунални проблеми. И пред сè граѓаните заслужуваат одговор на едно едноставно прашање: По една година од вториот мандат – каде се резултатите што го оправдуваат растот на долгот?

Тоа е прашањето на кое градоначалникот и општинската власт треба да одговорат пред граѓаните. Не со зборови. Туку со бројки. Не со ветувања. Туку со реализирани проекти.

YouTube video

Слаѓана Вучевска Петковска, советничка во Советот на Општина Крива Паланка

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер