Кој е лидерот на јеменските Хути?

Повеќе бродски компании ги прекинаа операциите или тргнаа по подолги рути околу Африка поради кампањата на Хутите.

Абдул Малик ал-Хути, таинствениот водач на јеменските бунтовници Хути, чии напади врз бродови во Црвеното Море поттикнаа напади од американската и британската војска, создаде пркосна сила од парталавата милиција во влечки што денес ги предизвикува најголемите светски сили.

Повеќе бродски компании ги прекинаа операциите или тргнаа по подолги рути околу Африка поради кампањата на Хутите, кои владеат со поголемиот дел од Јемен откако издржаа војна против силите поддржани од моќната Саудиска Арабија.

Вооружената група поддржана од Иран вети дека ќе продолжи со притисокот врз глобалната поморска трговија, што може да и нанесе штета на светската економија, додека Израел не престане со бомбардирањето на Газа за да го уништи Хамас, група која исто така ја поддржува Иран.

Хутите рекоа дека ќе возвратат откако американските и британските воени авиони, бродови и подморници извршија напади во Јемен како одмазда за нападите врз бродови во Црвеното Море, проширувајќи го регионалниот конфликт поради војната во судирите во Газа, за што некои аналитичари велат дека може да го наруши сето она што Хутите успеаја да направат во Јемен досега.

„Тие успеаја да ги преживеат последните осум години. Тие ја проширија својата моќ, но сега провоцираат воздушни напади од најмоќната војска во светот“, рече Тобијас Борк, виш соработник за безбедност на Блискиот Исток во институтот Royal United Services.

Трансформација на руралната милиција

Ал-Хути стекна репутација на жесток командант на бојното поле пред да стане лидер на Хутите, планинските борци кои се борат против воената коалиција предводена од Саудиска Арабија од 2015 година во конфликт во кој загинаа десетици илјади луѓе и ја уништи јеменската економија, оставајќи милиони гладни.

Под водство на Ал-Хути, кој е во своите 40-ти години, групата доведе десетици илјади борци и создаде огромен арсенал на вооружени дронови и балистички ракети. Тоа оружје го користеше за да ја нападне стратешката саудиска инфраструктура, иако со години беше изложена на саудиско бомбардирање.

Во јануари 2022 година, Хутите го подигнаа нивото со ракетен напад врз туристичкиот и трговски центар на Заливот, Обединетите Арапски Емирати, кои, како и Саудиска Арабија, се важен сојузник на САД.

„Тој (Ал-Хути) успеа да ја трансформира руралната милиција која најмногу се потпираше на тактиките на бунтовниците во една од најотпорните недржавни вооружени групи во регионот“, рече Лудовико Карлино, главен аналитичар во HIS Markit.

Во говорот во 2022 година, Ал-Хути рече дека неговата цел е да може да нападне која било цел во Саудиска Арабија или Обединетите Арапски Емирати, големите производители на нафта во ОПЕК, кои сметаат дека Иран и неговите сателити се главни безбедносни закани за Блискиот Исток и пошироко.

Ал-Хути е познат по тоа што ретко останува долго на едно место, по тоа што никогаш не се среќава со медиумите и не сака закажани јавни настапи.

Од почетокот на војната во Јемен – која нашироко се смета за посреден конфликт меѓу Саудиска Арабија и Иран – странските претставници кои имале работа се занимаваат со Ал-Хути никогаш не се сретнале лично со него, рече извор запознаен со ова прашање.

Помалку должен на Иранците отколку Хезболах

Многумина кои барале состаноци биле замолени да отпатуваат во упориштето на Хутите Сана, каде што безбедносен конвој на Хутите ги носи во безбедни куќи и се спроведуваат безбедносни проверки пред да бидат однесени во просторија на горниот кат каде што тој се појавува само на екран.

Движењето Хути е основано за да се бори за интересите на шиитите Зајди, малцинска секта која владееше со илјадагодишното кралство во Јемен до 1962 година, а која се чувствуваше сè позагрозена под власта на Али Абдула Салех од 1990 до 2012 година.

Поддршката на Иран за Хутите, кои ја принудија меѓународно признатата јеменска влада поддржана од Саудиска Арабија на егзил во 2021 година, му помогна на Техеран да ја прошири својата регионална мрежа, која исто така ги вклучува Хезболах во Либан и милициите во Ирак и Сирија.

Експертите за Јемен велат дека Хутите се првенствено мотивирани од домашните интереси, иако тие имаат политички наклонетости кон Иран и Хезболах. Хутите негираат дека се марионети на Техеран и велат дека се борат против корумпираниот систем и регионалната агресија.

Иран ги гледа Хутите како дел од својата регионална „оска на отпор“ – серија групи поддржани од Техеран – a движењето усвои елементи на иранската револуционерна идеологија.

Саудиска Арабија и нејзините сојузници го обвинуваат Иран за вооружување и обука на Хутите, што Техеран го негира. Аналитичарите велат дека Хутите се понезависни од Хезболах.

„Тој (Ал-Хути) им должи помалку на Иранците отколку Хезболах. Со други зборови, се што му беше кажано да направи тој го направи тоа, рече Питер Салисбери, висок аналитичар во Меѓународната кризна група.

Брутален внатрешен разузнавачки апарат

Хутите, како и другите страни во јеменската политика, дејствуваат во земја во која коалициите често се менуваат.

Кон крајот на 2017 година, тие го убија поранешниот претседател Салех во заседа покрај пат, откако тој ја смени страната во корист на сојузот предводен од Саудиска Арабија. Тие создадоа и воена држава за да го зголемат својот притисок.

„Хутите исто така се потпираат на многу брутален внатрешен разузнавачки апарат, потиснувајќи секаков вид несогласување“, рече Карлино.

Во претходно снимени говори и проповеди, Ал-Хути, чија лоза влече корени од пророкот Мухамед, тврди дека неговото движење е мета поради неговата религија.

„Мораме да се фокусираме на зачувување на автентичноста на нашата исламска припадност и идентитет“, рече тој во еден говор, осудувајќи ја „меката војна“ за слабеење на моралот на Хутите.

„Денес се соочуваме со најопасната војна“. /МИА

На собраниска седница гласање за новите членови на Советот на АВМУ

Собранието денеска ќе ја одржи 34-та седница, на чиј дневен ред се вкупно 25 точки, меѓу кои и Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на АВМУ е четврта точка на дневен ред. За да биде донесена потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија.

Премиерот Христијански Мицкоски вчера изјави дека изборот на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) е спроведен согласно законски одредби и секој оној кој ги исполнува, може да ја врши таа функција.

- Изборот на членови на АВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави кои што не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој кој што ги исполнува законските ктитериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за која што ќе биде предложен. Тој кој што не ги исполнува нема да биде предложен, вели Мицкоски на новинарско прашање за коментар за наводни реакции од странски амбасади за професионалноста на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и нејзина политизација.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.

Пред пратениците на денешната седница како 14-та точка се и Предлог-измените на Законот за пратениците, по скратена постапка. Овој Предлог-закон е поднесен од пратеничката група на Левица, со кој се превидува намалување на сумата што Собранието им ја исплаќа на парламентарците за патни трошоци. Според Левица, во периодот од 2010 до 2024 година, за патни трошоци за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле потрошени 3.700.000 евра, на СДСМ 2.000.000 евра и на ДУИ 680.000 евра.

- Во овие суми не се вметнати трошоците за кирии за пратениците, од кои грото имаат станови во Скопје, додека наплаќаат кирии од државата. Утре, 12 февруари - среда, 120 пратеника имаат можност да ја напуштат ароганцијата и да гласаат за Законот на Левица, која џентлменски предлага ограничување на патните трошоци (да не е укинување, за да не се „навредат" останатите пратеници), посочи пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска.

Пратениците ќе расправаат и по Предлог - одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Предлог одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование, Предлогот за разрешување на директорот и заменик на директорот на Агенцијата за администрација и Предлог на одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На дневен ред на оваа седница се и неколку законско решенија од областа на финансиите, како и Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

Измените на Кривичниот законик од 2023 година на седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

- Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде, вели Трајанов за „Канал 5“ телевизија.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик предизвикаа реакции во јавноста

Собранието на 6 септември 2023 година ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста , кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Министерството за правда интензивно работи на измени на Кривичниот законик

Министерството за правда наскоро се очекува да излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

До донесување на нов Кривичен законик, кој треба да биде целосно усогласен со европските политики, Министерството работи на измени како привремено решение, односно враќањето на членовите 353, 353-в и 354 што ќе овозможи поефикасна примена на Законот против корупцијата и злоупотребата на службената функција.

Во однос на новиот Кривичен законик, министерот за правда Игор Филков очекува тој да биде донесен оваа година.

- Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23, вели Филков.

Едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик, како што посочува Филков, ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

- Новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица, вели министерот Филков.

Откако ќе се добие мислење од Европската комисија, Кривичниот законик оди во владина процедура, а потоа ќе биде проследен до Собранието.

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во Македонија

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во земјава, на кој ќе се дискутира и за улогата на високото образование во обликувањето на иднината во оваа област ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Настанот е во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

притисни ентер