Кои се најпознатите суеверија поврзани со љубовта и од каде влечат корени? - Канал 5

Кои се најпознатите суеверија поврзани со љубовта и од каде влечат корени?

Како за сè останато, така постојат суеверија за љубовта. Многумина не веруваат во нив, но сепак ги прават смеејќи се самите на себе.

Кои се најпознатите суеверија поврзани со љубовта и од каде влечат корени?
Верувањата во вакви суеверија ни помагаат кога сме исплашени и несигурни, ни даваат чувство дека имаме некаква контрола над нашата судбина.
Ме сака, не ме сака – Сигурно макар еднаш сте зеле цвеќе и сте почнале да му ги кинете листовите велејќи: „Ме сака, не ме сака“. Тоа е како цвеќето да ви го дава одговорот кој го очекувате, а доколку не ви се допаѓа одговорот, секогаш можете да скинете друго цвеќе. Верувале или не, ова суеверие влече корени уште од средновековна Франција, каде се играла играта наречена effeuiller la marguerite, што во превод би значело кинење маргаритка. Во денешно време, најчесто тоа го прават девојките, но не само маргаритката, туку и кое било друго цвеќе може да ви заврши работа. Исто така, слично на ова е играта со јаболкото, кое го вртите држејќи го за дршката и изговарајќи ги имињата на симпатиите. Оној на чие име ќе се откине дршката е вистинскиот за вас.
Фрлање паричка во бунар – Освен што се извор на вода, бунарите се места каде се замислуваат желби. Во минатото жените фрлале паричка во бунар и си замислувале желба, најчесто посакувајќи сопруг или деца. Ако после тоа си го виделе сопствениот одраз во бунарот, тоа е знак дека желбата ќе се исполни. Во денешно време сè уште постојат вакви и слични верувања, некогаш луѓето фрлаат паричка иако и самите се свесни дека не е логично исполнувањето на нивната желба да зависи од тоа.
Чекај три дена пред да ја побараш – Ова најчесто го гледаме во филмовите, но некои од момците навистина преферираат да чекаат неколку дена пред да ја побараат девојката со цел да не остават впечаток дека се очајни. Оваа теорија, добро ја „разработи“ Барни од серијата „Како ја запознав мајка ви“, поврзувајќи ја дури со Исус кој чекал три дена за да воскресне. Сепак, на вас останува колку дена ќе чекате и дали воопшто ќе ја употребите во пракса оваа теорија на Барни.
Ставање бонбонче под перница – Сигурно сте чуле дека свадбеното бонбонче кое ви го дала невестата треба да го ставите под перница за да го сонувате вашиот иден сопруг. Друга варијанта е ставање дел од свадбената торта под перница со истата намера – на сон да ви се појави оној вистинскиот. Ваквите верувања за првпат се појавуваат во Англија во 17-ти век.
Фрлање ориз над младоженците – Ваквата традиција потекнува од старите хебрејски, асирски и египетски култури и верувања, каде оризот бил симбол на плодност и добра среќа. Во Кина се верувало дека оризот ќе им го одвлече вниманието на злите духови со цел да не ги чепкаат младоженците. Во зависност од различните обичаи, во денешно време кај нас по младоженците се фрла со ориз, ситни парички или бонбони.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Фламинго револуција“: Албанците 100 дена протестираат против планот на зетот на Трамп (ВИДЕО)

Противниците на проект за луксузни недвижнини во заштитен природен резерват во Албанија вчера демонстрираа во главниот град Тирана по 100-ти ден по ред.

„Фламинго револуција“: Албанците 100 дена протестираат против планот на зетот на Трамп (ВИДЕО)

Протестот е насочен против плановите на американските инвеститори во делтата на реката Вјоса.

Демонстрантите држеа транспаренти со слогани како „Албанија не е на продажба“ и побараа оставка од премиерот Еди Рама, тврдејќи дека корупцијата стои зад неговата континуирана поддршка за проектот.

Проект поврзан со компанијата на зетот на Трамп

Проектот го води компанија поврзана со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Луксузни хотели, комплекси вили и рекреативни објекти се планирани за заливот Звернец и островот Сазан.

Проектот го води мрежа на компании поврзани со Affinity Partners, инвестицискиот фонд на Џаред Кушнер основан во 2021 година и со седиште во Мајами, чии средства под управување пораснаа за 60 проценти минатата година, на 4,8 милијарди долари. Развојот сега е јавно управуван од „Сазан риел естејт дивелопмент“, компанија првично регистрирана во Катар, а градежната дозвола ја поседува „Звернец Саут Адриатик дивелопмент“, контролирана преку структура од пет компании регистрирани во Амстердам.

На чело е Ашер Абешера, долгогодишен деловен партнер на Кушнер од Бруклин, а партнери се албанскиот претприемач Шефкет Кастрати и катарско-сириските браќа Мутаз и Рамез Ал-Кајат. „Афинити“ вели дека ова не е нивен проект и дека инвеститорите се вклучени „во нивен личен капацитет“.

Иванка Трамп јавно го промовираше проектот и го посети регионот Валона со архитекти; таа и Кушнер велат дека го откриле местото од јахта во 2021 година.

Еколошките групи предупредуваат дека развојот може да предизвика трајна штета на кревкиот екосистем на делтата Вјоса на јадранскиот брег на Албанија, вклучувајќи места за размножување и одмор на фламинга, чапји и други птици.

Делтата на Вјосе и лагуната Нарта покриваат повеќе од 250 квадратни километри и 18 видови живеалишта од мрежата Натура 2000, од ​​кои шест се приоритетни, а подрачјето ги исполнува критериумите на Рамсарската конвенција и повеќе од 2.300 видови зависат од него. Во март 2023 година, Вјоса беше прогласена за прв европски национален парк за диви реки, на 12.727 хектари и во категоријата II на IUCN.

Покрај фламингата и чапјите, загрозени се и далматинските пеликани, каретанските желки и медитеранските крзнени фоки, заедно со повеќе од 200 видови птици кои го користат подрачјето како место за одмор на миграциските патишта. Еколозите предупредуваат против фрлање чакал врз древните песочни дини, заштитени како природни споменици, и против пополнување на еден од двата отвори што ја поврзуваат лагуната Нарта со морето, со што се прекинува размената на вода. Орнитологот Џон Ворпси од здружението PPNEA рече дека за десет години тоа ќе биде „сиво место направено од бетон“.

„Фламинго револуција“

Албанските медиуми го нарекоа движењето „Фламинго револуција“.

Според локалните медиуми, дозволата за градба на одморалиштето сè уште не е издадена. Сепак, градежната механизација пристигна на предложената локација кон крајот на мај, предизвикувајќи бран протести кои продолжуваат и оттогаш.

Рама одбива да поднесе оставка

Рама одбива да поднесе оставка, нарекувајќи го проектот благослов за земјата, отфрлајќи ги критиките како идеолошки и нагласувајќи дека инвеститори и архитекти од Данска, Франција, Грција, Јапонија и Турција се исто така вклучени во проектот, и дека Кушнер не дејствува во име на американската администрација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Илјадници во Берлин се собраа на протест против АфД

Околу 5.000 луѓе се собраа вчера пред Бранденбуршката порта во Берлин за да протестираат против крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD), која претходниот ден убедливо победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт. 

Илјадници во Берлин се собраа на протест против АфД

Полицијата процени дека се собрале околу 5.000 луѓе и објави дека протестот поминал без инциденти.

Меѓу демонстрантите беа познатата германска активистка за климатски промени Луиза Нојбауер и главните кандидати на Зелените и Левицата на регионалните избори во Берлин, кои ќе се одржат на 20 септември, пишува dpa. Саксонија-Анхалт е федерална држава на истокот од Германија, со главен град Магдебург.

Демонстрантите носеа транспаренти со пораките „Фашизмот не е алтернатива“ и „Стоп на нацистите од AfD! Стоп на расизмот и социјалните намалувања“ и скандираа „Сите заедно против фашизмот!“. Стотици луѓе се собраа вечерва на протест во блискиот Потсдам, пренесува dpa.

AfD убедливо победи во Саксонија-Анхалт

Да ве потсетиме дека AфД завчера постигна историска победа во источногерманската покраина Саксонија-Анхалт. Партијата освои 43,8 проценти од гласовите и 39 од вкупно 83 места во покраинскиот парламент. За апсолутно мнозинство ѝ беа потребни 42 мандати.

ЦДУ заврши втора со 17,2 проценти од гласовите и 15 мандати, додека СПД, Зелените и Левицата освоија по осум места. Излезноста беше 77,8 проценти. Официјалните бројки објавени во моментов се привремени конечни резултати откако ќе бидат преброени сите 2.661 избирачки места.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВЛЕН: 35 години независност, заедно градиме европска и еднаква држава

Денес ја одбележуваме 35-годишнината од независноста на Македонија, историски датум кој ја претставува волјата на граѓаните да живеат во слободна, демократска и суверена држава.

ВЛЕН: 35 години независност, заедно градиме европска и еднаква држава

Овој ден им припаѓа на сите граѓани на земјата, без разлика на нивната етничка припадност, јазик, вера или политички убедувања. Тоа е ден кој нè потсетува дека државата се гради со заеднички придонес и дека нашата иднина е посилна кога се почитуваме едни со други и обезбедуваме еднаквост за сите.

Албанците се нераскинлив дел од историјата, државноста и развојот на оваа земја. Нивниот придонес во изградбата на институциите и зајакнувањето на нашето општество е нераскинлив дел од идентитетот на Македонија.

Во 35 години независност, земјата помина низ бројни предизвици и направи значајни чекори напред. Денес, наша одговорност е да изградиме функционална, демократска и економски развиена држава, во која еднаквоста, правдата и владеењето на правото се секојдневни вредности, а не само принципи на хартија.

За ВЛЕН, европскиот пат на Македонија нема алтернатива. Интеграцијата во Европската Унија значи повисоки стандарди, повеќе можности за граѓаните, посилни институции и посигурна иднина за младите генерации.

Да ја одбележиме оваа 35-годишнина со гордост за она што сме го постигнале, но и со одговорност за она што треба да го изградиме.

Среќна 35-годишнина од независноста на Македонија!,с е наведува во партиското соопштение.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер