Кога е време да се каже збогум? - Канал 5

Кога е време да се каже збогум?

 Четири сигурни знаци за прекинување на љубовната врска!

Кога е време да се каже збогум?

Сè повеќе парови поради стравот од осаменост остануваат заедно, иако не функционираат како пар.

Љубовната врска или бракот бараат постојана работа за партнерите да опстанат заедно. Според психолозите, сè повеќе парови остануваат во врска, иако е јасно дека за нив нема иднина. Причините за останување во нефункционална врска најчесто се стравот од осаменост, навиките или стравот дека никогаш повеќе нема да најдат партнер. Ова е особено изразено кај паровите во позрели години, кога одлуката за прекинување на врската тешко се донесува. Според веб-страницата Psychology today, постојат 4 јасни знаци дека е време да кажете збогум и да ја прекинете токсичната врска.

1. Недостаток на доверба

Довербата е основа на секој однос, а особено кога станува збор за љубовта. Довербата во врската е витална основа која негува интимност и меѓусебно разбирање. Недостатокот на доверба, шпионирањето од лажни профили на социјалните мрежи, па дури и следењето се сигурен знак дека доверба не постои, ниту пак може да се изгради. И покрај надежите и напорите да се изгради доверба, постојаното проверување и недоверба ги поткопува темелите на секоја врска, особено на љубовната.

2. Нерешен и деструктивен конфликт

Несогласувањата во врската или бракот се нешто што е сосема нормално, но важно е да знаете каде е границата. Ако секое несогласување завршува со жестока расправија во која има куп навреди или, не дај Боже, физичка пресметка, јасно е дека станува збор за токсична врска во која ниеден од партнерите не го добива она што му е потребно. И покрај обидите да се реши конфликтот, токсичната динамика најчесто продолжува создававајќи несигурно и нездраво опкружување, што е сигурен пат кон прекин на врската - прашање е само кога. Наместо да трпите вакво малтретирање, подобро е да ја прекинете врската и да продолжите сами.

3. Емоционално запоставување

Емоционалното запоставување е една од најчестите причини за крај на врската или бракот. Страста, колку и да била јака, со текот на времето избледува, а ако исчезнат и емоциите, се губи нишката што ги поврзува поединците како пар. Психолозите советуваат да поразговарате искрено за да знаете на што сте. Доколку партнерот го одбие разговорот и обидот работите да се подобрат, па наместо емоционално да ве поддржи, изразува рамнодушност, тоа е знак дека на вашата љубовна врска ѝ дошол крајот.

4. Неусогласеност на животните цели

Старата поговорка вели дека „сличностите се привлекуваат“, што според психолозите е точно, но само до одреден степен. По некое време, јасно е дека парот може да успее само ако имаат исти или барем слични животни цели. Доколку еден од партнерите копнее по мир и семејство, а другиот инсистира на излегувања и патувања, јасно е дека немаат заеднички цели и таквата врска е осудена на неуспех. И покрај силните емоции кои можат да постојат помеѓу таквите партнери, јасно е дека неусогласеноста на животните цели создава сè поголем јаз помеѓу нив и на крај доведува до крај на романсата.

Извор: srecna.republika.rs

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Реакција на прес-конференција на СДСМ

Добро е што Кузеска дава признание што од брусење шахти и казни на тие кои не употребуваат Северна, стигнавме денес и европските челници да употребуваат македонски идентитет и култура

ВМРО-ДПМНЕ: Реакција на прес-конференција на СДСМ

Прес-конференцијата на Богданка Кузеска каде посочува дека Урсула фон дер Лајен употребува македонски јазик, култура и идентитет, со оглед на фактот што доаѓа од партијата позната по тоа што кога беше на власт ги брусеше капаците од шахтите зошто имале сонце, ја разбираме единствено како големо признание на оваа Влада која од состојба каде Заев како премиер ги корегираше и казнуваше сите кои не употребуваат Северна дојдовме до ситуација европските челници да ја прифатат придавката македонски и да се јакне македонскиот идентитет.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Делегација на МЕРМС во Женева

58% од инсталираниот капацитет е од обновливи извори – следен чекор модерна мрежа и складирање.

Делегација на МЕРМС во Женева

Делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на UNECE Sustainable Energy Week која се одржа во Палатата на нациите во Женева, со фокус на прашањата поврзани со енергетската транзиција, енергетската безбедност, достапноста на енергијата и одржливиот развој.

Во рамки на настанот се одржаа состаноци на Групата експерти за енергетска ефикасност (GEEE), Групата експерти за почисти електроенергетски системи (GECES) и Групата експерти за обновлива енергија (GERE), како и 35-тата сесија на Комитетот за одржлива енергија на UNECE (CSE).

Во рамки на 13-тата сесија на Групата експерти за обновлива енергија (GERE-13), на панел-дискусијата Exchange of experiences on how to increase the uptake of renewable energy, Марко Минов од Секторот за обновливи извори на енергија, го претстави напредокот во спроведувањето на регулаторната рамка од Законот за енергетика и новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со кои се унапредува интеграцијата на енергетскиот пазар и се создаваат предвидливи услови за развој и инвестиции во обновливите извори.

Како клучни реформи беа опфатени прекуграничната распределба на капацитети, балансирањето, оперативната сигурност, гаранциите за потекло, активните потрошувачи, енергетските заедници и конкурентните механизми за поддршка на производството од обновливи извори на енергија.

Во излагањето, Минов го истакна и значителниот раст на капацитетите од обновливи извори на енергија во Македонија, особено на фотонапонските електроцентрали, а ги претстави и Годишните планови за изградба на енергетски објекти како инструмент за предвидлив и координиран развој на енергетскиот сектор и систематско планирање на нови производни капацитети и системи за складирање на енергија.

Во рамки на дискусијата, меѓу другото беше нагласено и дека: „зголемувањето на капацитетите од обновливи извори е само дел од енергетската транзиција. Следниот предизвик е електроенергетскиот систем да стане пофлексибилен, поотпорен и способен да интегрира сè поголеми количини на варијабилни обновливи извори. Интеграцијата на нови капацитети од обновливи извори, модернизацијата на мрежна инфраструктура, пазарните механизми и складирањето на енергија ќе биде важен дел од идниот развој на енергетскиот систем“.

Во рамки на 35 сесија на Комитетот за одржлива енергија (CSE-35) на тема Strengthening Energy Security, Affordability and Sustainability in an Uncertain World, меѓу другото беше одржана и дискусија на високо ниво, посветена на приоритетите, предизвиците и можностите за зајакнување на енергетската безбедност, достапноста и одржливоста.

Во рамки на сесијата, Елена Ивановска, кабинетски службеник задолжен за следење на стратешките приоритети на Владата, која воедно претседаваше и со сесијата System-wide Solutions to Strengthen Energy Security, Affordability and Sustainability, се обрати во име на Македонија, претставувајќи ги приоритетите на земјата и конкретните активности за унапредување на сигурноста, достапноста и одржливоста на енергетскиот систем.

Во своето обраќање, Ивановска истакна дека за Македонија, трите цели (енергетската сигурност, достапноста и одржливоста) се тесно поврзани и дека забрзувањето на развојот на обновливите извори, намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија и обезбедувањето сигурно снабдување бараат модерна, отпорна и регионално поврзана електроенергетска мрежа.

Посебен акцент беше ставен на потребата развојот на мрежната инфраструктура да го следи брзиот раст на обновливите извори. Во таа насока, беше посочено дека Македонија од 2021 година, кога обновливите извори сочинувале околу 38% од инсталираниот производен капацитет, до 2025 година достигнала учество од околу 58%, со повеќе од 1.750 MW инсталирани капацитети од обновливи извори.

Брзиот развој на сончевата енергија носи и нови барања за преносниот систем, особено поради децентрализираното варијабилно производство, двонасочните текови на електрична енергија и потребата од балансирање на системот.

Ивановска посочи и на потребата од значителни инвестиции во преносната мрежа, унапредување на регионалната соработка и развој на механизми за флексибилност, батериски системи за складирање енергија и управување со потрошувачката.

Учеството на претставниците од Министерството: Елена Ивановска, Билјана Матевска, Марко Минов, Сара Кочева, Ангела Алексова, Ненад Стојковски и Љубица Трајковска Лешоска претставуваше можност за размена на искуства со земјите членки на UNECE, претставници на меѓународни организации и експерти од областа на енергетиката, особено во делот на забрзувањето на енергетската транзиција и создавањето пофлексибилни, сигурни и одржливи енергетски системи, но и можност за претставување на реформите и искуствата на нашата земја.

Државата останува посветена на сигурна, достапна и одржлива енергетска транзиција, со фокус на понатамошно зголемување на производството од обновливи извори, модернизација и проширување на мрежната инфраструктура, развој на складирањето на енергија, унапредување на пазарната интеграција и создавање предвидлива регулаторна рамка за нови инвестиции.

Пораката од Женева е јасна: амбициозниот развој на обновливите извори мора да биде проследен со инвестиции во мрежата, флексибилност, складирање, регионална поврзаност и институционален капацитет.

Само преку интегриран пристап може да се изгради енергетски систем кој истовремено ќе биде сигурен, отпорен и одржлив.

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лишени од слобода се 12 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, лишени од слобода се 12 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“.

Лишени од слобода се 12 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“

Од нив, осуммина управувале возило без положен возачки испит и тоа: М.Љ.(40), А.Ш.(22) и Ј.Б.(30) сите од Скопје, И.Р.(24) од с.Света Петка, скопско, А.Р.(23) од с.Беловиште, гостиварско, С.А.(35) од с.Мелница, велешко и Н.М.(28) од с.Зрновци, кочанско и 17-годишник од село во Општина Градско.

Под дејство на алкохол управувале две лица и тоа: Н.П.(29) од Куманово и М.Н.(19) од Скопје. Додека пак, со забрана за управување со моторно возило управувале С.Н. (37) од Кичево и Р.Х.(37) од с.Рашче, скопско.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер