Барањето на помалите политички партии за измени во изборниот модел почнува да добива поддршка и од поголемите партии. На парламентарните избори освен за политичка партија, гласачите да имаат можност да заокружат и поединечни кандидати од листата на пратеници. Ова значи дека избирачите ќе имаат можност самите да избираат пратеници. Поддршка за овој предлог стигна и од новиот Претседател Пендаровски кој ги повика власта и опозицијата да седнат и да се договорат за ова важно прашање, а најдобро би било тоа да се направи со консензус.
Претседателот Пендаровски смета дека во Република Северна Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Република Северна Македонија.
Пропорционалниот изборен модел со отворени листи меѓу другото е во полза и на помалите партии, бидејќи според досегашната пракса, дури и кога ќе освојат околу 30 илјади гласови, ако не се во една изборна единица немаат свој претставник во Собранието. Аналитичарот Арсовски смета дека ако отворените листи ќе придонесат во демократизацијата во земјава и квалитетен избор на народни претставници.
Од СДСМ и ДУИ даваат поддршка на предлогот за една изборна единица, од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека најпрво е потребна внатрепартиска консултција.
Пропорционалниот изборен систем е застапен во 20 земји-членки на Европската Унија. Во Македонија се применуваат затворени листи. Државата е поделена на 6 изборни единици, во кои се избираат по 20 пратеници. На изборните ливчиња стојат само политичките партии, а листата на пратеници ја формираат самите партии. Многу познавачи изминативе години сугерираат дека е потребна измена на изборниот модел токму со отворени листи бидејќи ќе придонесе за поголема излезност на изборите, но и ќе ги мотивира политичките партии да кандидираат подобри кадри.