Кинематограферот на филмот „Нахид“ гостин на ИФФК „Браќа Манаки“ - Канал 5

Кинематограферот на филмот „Нахид“ гостин на ИФФК „Браќа Манаки“

На ИФФК „Браќа Манаки“ претпладнево беше претставен Мортеза Геиди, кинематографер на „Нахид“ - ирански филм од главната натпреварувачка програма на фестивалот, кој беше прикажан вчеравечер пред бројна публика.

Кинематограферот на филмот „Нахид“ гостин на ИФФК „Браќа Манаки“
Филмот е на младата иранска режисерка Ајда Панахандех, генерација на Геиди, и „Нахид“ е нивни прв игран филм по снимени неколку кратки и документарни филмови и една ТВ-серија. За овој филм на годинашниот Кански фестивал режисерката доби награда за талентиран автор.
Во киносалите во Иран филмот ќе почне да се прикажува од оваа есен и Геиди очекува добри реакции во својата земја какви што имаат од публиката на фестивалите.

„Нахид“ е модерна психолошка драма за односи во семејството, за брак во криза, што не е новина во иранската кинематографија, која последните години бележи подем и често третира современи теми. Пример е драмата „Развод“ на Асгар Фархади, која во 2011 година доби „Златна мечка“ во Берлин и „Оскар“ за неанглиски филм.

Геиди и Панахандех ќе работат и на нов филмски проект. Тој рече дека покрај оваа режисерка, уште две-три млади и перспективни авторки од Иран снимаат филмови.

Зборувајќи за работата на „Нахид“, Геиди на прес-конференцијата истакна дека главно им било сценариото, приказната за Нахид, пожртвувана мајка која не може да почне нов живот поради притисоци од семејството и закана дека ќе го загуби старателството над синот. Другите аспекти следувале потоа, како ентериерот и градот (филмот е снимен во стариот ирански град-пристаниште Анзали), а боите во филмот се во функција на психолошката состојба на ликовите.

- Нахид е главна фигура во филмот и затоа мојата камера беше секогаш фокусирана кон неа. За да го доловам нејзиното расположение ги користевме боите, затоа често има сивило, но има и светлина во моментите кога е таа во куќата на саканиот, и темни бои кои ја прикажуваат мрачноста кога е кај нејзиното семејство, рече Геиди.

Тој инаку се школувал за режисер и за време на студиите сфатил дека всушност повеќе сака да е директор на фотографија, па паралелно го работел тоа. Рече дека има повеќе кинематографери од кои доста научил. Два месеца работел како асистент на кинематограферот -трикратен оскаровец Виторио Стораро, а рече го почитува и учи од Роџер Дикинс, директор на фотографија кој соработува со браќата Коен.

На новинарско прашање за тоа колку во Иран се гледаат филмови, Геиди одговори дека Иранците сакаат филм и дека треба да се создава атмосфера за публиката да ги гледа филмовите. Ирански филм и оваа година ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин - „Такси“ на Џафар Панахи.
На 36. ИФФК „Браќа Манаки“ денеска мастерклас ќе одржи кинематограферот од Полска Ришард Ленчевски, еден од тројцата годинашни добитници на „Златна камера 300“ за животно дело. Покрај него, добитници се и српскиот кинематографер Божидар Бота Николиќ и Јаромир Шофр од Чешка, на кои високото признание ќе им биде врачено в недела на затворањето на фестивалот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Во разговорот беа потврдени одличните македонско-австриски односи, втемелени врз заемна почит, пријателство и соработка, како и врз споделени европски вредности.

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31) во Анталија, оствари средба со претседателот на Република Австрија, Александер Ван дер Белен.

Во разговорот беа потврдени одличните македонско-австриски односи, втемелени врз заемна почит, пријателство и соработка, како и врз споделени европски вредности.

Таа изрази благодарност за принципиелната поддршка од Австрија на македонскиот евроинтегративен пат и за нејзината посветеност кон стабилноста, безбедноста и европската перспектива на Западен Балкан.

Соговорниците разменија мислења за иднината на европскиот проект и процесот на проширување на Европската Унија, при што беше нагласено дека неговата кредибилност се гради врз јасни правила, еднакви критериуми и заслуги, а европската перспектива мора да остане реална и достижна за земјите кандидатки.

Сиљановска-Давкова истакна дека проширувањето не е само политичко и економско прашање, туку и безбедносно, особено во време на геополитички тензии коишто се закана за мирот во Европа.

Обајцата укажаа на можностите за продлабочување на македонско-австриската соработка во економијата, енергетиката, климатските политики, образованието и културата.

На средбата беше изразена подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво, а како конкретен чекор во таа насока беше договорено да се реализира официјална средба меѓу двајцата претседатели.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Продолжението на надзорната расправа во Собранието за АЛТА банка ќе биде дополнително утврдено

Јавното обвинителство ги следи состојбите и доколку детектира кривично правен настан во случајот со АЛТА банка ќе постапи согласно законските надлежности

Продолжението на надзорната расправа во Собранието за АЛТА банка ќе биде дополнително утврдено

Јавното обвинителство ги следи состојбите и доколку детектира кривично правен настан во случајот со АЛТА банка ќе постапи согласно законските надлежности, одговори државниот обвинител Ненад Савески на надзорната расправа во Собранието на прашањата од пратеникот на СДСМ Миле Талески поврзани со сомнежи за евентуални незаконски дејствија.

На надзорната расправа за АЛТА банка, се објавуваа документи и записници- имало ли влез на сомнителен капитал во домашната банка и од кога и со чии одлуки?

Премиерот Мицкоски рече дека уште во 2023, владата на СДСМ и ДУИ дава насоки да се влезе во деловни односи со Давор Мацура.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче одговори дека ова е брутална лага. Пратеничката од СДСМ и претседателка на комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, по исцрпувањето на листата на повикани сведоци за првиот ден, доцна синоќа ја прекина расправата и најави дека продолжението и агендата дополнително ќе се утврдат на координација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Променливо облачно и релативно топло

Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла.

Променливо облачно и релативно топло

Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 21 степен.

Во Скопје, претежно облачно, во делови од котлината ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во петок ќе преовладува релативно топло време со температури кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Од сабота поради продор на постудена воздушна маса од север температурите ќе бидат во опаѓање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер