КИФ: За земјите од регионот да нема ограничување на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји

Шесте комори во рамки на КИФ ги идентификувале во моментов најважните прашања за одржување на виталноста на економиите, но и системите во земјите од Западен Балкан во ситуацијата од која што сите се погодени.

Коморскиот инвестициски форум во кој членуваат стопанските комори на шесте држави од Западен Балкан испрати апел до Европската Унија да ја прошири листата на земји со дозвола за увоз од ЕУ, како и за проширување на иницијативата за „зелени коридори" кон Западен Балкан.

Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања денеска изјави дека во услови кога пандемијата на корона вирусот предизвикува сериозни последици и за економиите на Западниот Балкан шесте стопански комори на КИФ се во постојана меѓусебна и во комуникација со нивните влади и деловните заедници, со цел да го идентификуваат и анализираат влијанието на пандемијата и да предложат соодветни мерки за помош на компаниите и нивните активности во оваа неизвесна ситуација.

Шесте комори во рамки на КИФ ги идентификувале во моментов најважните прашања за одржување на виталноста на економиите, но и системите во земјите од Западен Балкан во ситуацијата од која што сите се погодени, поради што претседателот на КИФ упатил апел за помош и поддршка до претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лејен, Кристиан Даниелсон генерален директор на Генералниот Директорат за преговори за добрососедство и проширување, Оливер Вархељи, европскиот комесар за добрососедство и проширување, како и Фил Хоган, европскиот комесар за трговија.

– Едно од клучните прашања што ги засега земјите од регонот е ограничувањето на извозот на заштитна медицинска опрема од европските земји. Здравствените системи во земјите од Западен Балкан се генерално послаби во однос на ЕУ, најмногу како резултат на недостаток на јавни средства и не толку силни економии. Покрај тоа, во регионот не постојат и доволно овластени производствени капацитети за да се премости јазот помеѓу побарувачката и понудата. Повикувајќи се на одлуката на Европската Комисија за изземање на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Велика Британија од барањата за одобрение за извоз на ЕУ, КИФ ја повика Комисијата да ја прошири одлуката и за земјите од Западен Балкан. Побарано е земјите од регионот да можат исто така да учествуваат во заедничката набавка на медицинска заштитна опрема,изјави Јовановски.

Овие мерки, според КИФ, се важни не само за помош на здравствените системи во земјите од Западен Балкан, туку и за поддршка на производствените капацитети за продолжување со нивната работа. Моментно, компаниите немаат доволно заштитна опрема за нивните вработени, или пак залихите се многу намалени што во спротивно ќе доведе до стопирање и затворање на нивното производство. Оваа ситуација може да биде погубна и за Европската Унија, бидејќи многу компании од регионот се дел од синџирот на снабдување на ЕУ којшто во овие моменти е многу важно да продолжи активно да функционира.

Од причини што надворешните граници на ЕУ географски го опфаќаат и Западен Балкан побарано е од Европската Комисија итно да се земе предвид и можноста за дозвола за пристап до „зелените коридори" на компаниите од Западен Балкан.

-Протокот на стока – особено на приоритетни продукти како што се прехранбени производи, лекови, медицинска опрема – не смее да се прекине во ова кризно време. Транспортот на стоки од примарно значење треба да има приоритет во однос на другите стоки преку „зелените коридори" каде што протокот на сообраќај мора да тече непрекинато. Увозот на репроматеријали и суровини од ЕУ, потребни за производство на производи од примарно значење, е подеднакво важен за одржување на капацитетите на компаниите од регионот, и истиот треба да биде вклучен во системот на „зелени коридори". Земјите од Западен Балкан потребно е да бидат вклучени во сите „Зелени коридори" вклучувајќи го патниот, железничкиот, поморскиот и авио транспорт. Од друга страна, пак, при движењето по овие коридори треба да биде одобрено за сите комерцијални возила, а земјите членки не смеат да прават разлика помеѓу стоките наменети за нивниот пазар и стоките во транзит, укажува Коморскиот инвестициски совет.

Со оглед на тоа што Европската Унија е водечки трговски партнер на земјите од Западен Балкан, посочува КИФ, домашните компании се соочуваат со многу предизвици при испорака на потребните производи до нивните партнери во ЕУ. Тие постојано известуваат за проблемите во навремената испорака на нивните производи, како и неможноста за навремено доставување на потребните материјали и компоненти до нивните матични компании со седиште во ЕУ. Возачите на камиони се соочуваат со дополнителни предизвици при испорака на стоки на Единствениот пазар, заради различни режими за карантин на внатрешните и надворешните граници на ЕУ. Од тие причини, како што изјави Јовановски, КИФ во своето барање искажува подготвеност за целосно прилагодување и почитување на ЕУ правилата, како што се преминување на граничните премини со прикажување на валидна интернационалана дозвола за вршење превоз од стана на возачите, доказ дека возачите се тестирани и се негативни на коронавирусот, како и почитување на мерките за одржување на лична хигиена и дезинфекција на транспортните возила.

-Пристапот до Западен Балкан преку „зелените коридори" сигурно ќе донесе позитивно влијание и на ЕУ и на Западен Балкан. Од тие причини, Коморскиот инвестициски форум испрати апел до Европската Унија да ја прошири листата на земји со дозвола за увоз од ЕУ, како и проширување на иницијативата за „зелени коридори" кон Западен Балкан, за да се вклучат шесте земји од регионот со цел одржување на виталноста на економиите на ЕУ, но и на регионот, информира Стопанската комора на Македонија. /МИА

Стапи во сила Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд

Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто.

Индустријата и земјоделците од Европската Унија добиваат мноштвото нови извозни можности со стапувањето во сила на Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд, кој се очекува да ги намали годишните извозни давачки на европските компании за околу 140 милиони евра, соопшти Европската комисија.

- Благодарение на овој договор, се очекува трговијата меѓу ЕУ и Нов Зеланд во рок од една деценија да порасне за 30 отсто, при што извозот од Унијата потенцијално би се зголемил на 4,5 милијарди евра годишно. Инвестициите на ЕУ во Нов Зеланд имаат потенцијал да се зголемат и за 80 проценти. Овој историски договор, исто така, вклучува обврски без преседан за одржливост, вклучително и почитување на Парискиот договор за климата и основните работнички права, се додава во соопштението.

Со Договорот се укинуваат царините за клучните извозни земјоделско-прехранбени стоки од ЕУ, вклучително и свинското месо, виното, шампањското, чоколадата и кондиторските производи. Дополнително, со спогодбата се гарантира заштита на близу 2.000 вина и жестоки пијалаци од ЕУ, како и на 163 од европски производи со гарантирано географско потекло, како Фета сирењето, истарската пршута или чоколадните бонбони со марципан од Либек.

Од друга страна се обезбедени царински квоти за увоз на говедско и овчо месо и млечни производи во ЕУ.

Договорот предвидува и полесен пристап на компании од ЕУ до договори за новозеландски државни набавки на стоки, услуги и концесии, како посебна помош за извозот на малите бизниси.

Преговорите за Трговскиот договор меѓу ЕУ и Нов Зеланд започнаа во јуни 2018 година. Договорот беше потпишан на 9 јули минатата година, по што тој беше одобрен од страна на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ, на 22, односно 27 ноември. Од друга страна, постапката за ратификација на Договорот во Нов Зеланд заврши на 25 март годинава. /МИА

Од утре до понеделник јавниот превоз во Скопје по неделен возен ред

За време на велигденските празници, односно од утре петок - 3 мај до понеделник 6 мај. јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред.

Како што информираат од ЈСП Скопје исклучок ќе бидат линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 55, 56, 56А, 81, 118, 160 и 164 кои утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

-Утре и во понеделник на 5 мај од 7 до 14 часот дежурни ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров. Во сабота сите билетарници и центри за персонализација ќе функционираат вообичаено, а в недела за сите е неработен ден, информираат од ЈСП Скопје.

Жичницата за време на празничните денови нема да работи единствено во понеделник, другите денови ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот.

Од ЈСП Скопје потсетуваат дека за време на викенди и државни празници користењето на линијата 25 (Транспортен центар – Средно Водно) е бесплатно за сите граѓани.

Изречени 34 санкции за возење под дејство на алкохол на подрачје на СВР Битола

Полицијата вчера на територија на СВР Битола изрекла вкупно 34 мерки за возење под дејство на алкохол.

Како што соопшти денеска МВР, 15 казни се изречени на подрачје на Битола, 11 на подрачје на Ресен, три во Македонски Брод, по две мерки во Прилеп и Крушево и една мерка на подрачје на Демир Хисар.

Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат, велат од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

притисни ентер