Две лица се осомничени за кривично дело Насилство по вчерашниот инцидент во Чаир кога градоначалничката на Скопје Данела Арсовска беше физички нападната а МВР поднесе кривична пријава. Од Јавното обвинителство информираа и дека до скопскиот Кривичен суд доставиле предлог на едно од лицата да му се определи притвор поради опасност од бегство и ризикот да го изврши делото со кое и се заканувал. За вториот осомничен се побарани полесни мерки на претпазливост.
-Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата “Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал.
Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв, велат од обвинителството.
Од МВР пак најавија дека по безбедносна проценка на АНБ на скопската градоначалничка Арсовска ќе и биде обезбедена 24-часовсна полициска заштита со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски. Оттаму потврдија дека ја доставиле кривичната пријава до ЈО за вчерашниот инцидент но и ги отфрлија обвинувањата дека не постапувале во случаите поврзани со градоначалничката.
-Во однос на последните настани поврзани со г-ѓа Арсовска, МВР посочува дека и покрај тоа што таа во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, институцијата постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава согласно законот и воспоставените процедури. Министерството за внатрешни работи најостро ги отфрла сите обвинувања дека не постапува во случаите поврзани со г-ѓа Арсовска. -МВР
Премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ги коментира случувањата со Арсовска и ги повика институциите да постапат.
-Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот. Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам. – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада
Од опозициската СДСМ пак побараа оставка од министерот за внатрешни Панче Тошковски.
-Инцидентот вчера и срамното непостапување на МВР и Тошковски, беше порака до секој што ќе се осмели да зборува за криминал, да покаже злоупотреби, да посочи корупција. Вчерашниот настан е порака до секој судија, секој обвинител, секој државен службеник или граѓанин да не се осмели да го чепне криминалот на власта. Ова е порака дека секој кој ќе им ги орткрие кримииналите може да биде следниот. Ова е систем на страв и закани кој доаѓа директно од власта. – Богданка Кузеска – Портпарол на СДСМ
Владејачката ВМРО ДПМНЕ пак одговори дека СДСМ само во три случаи излегува во јавност за Арсовска.
-Првиот кога ја напаѓаше дека таа е неспособна и има бугарско државјанство. Вториот случај, кога во опозиција ја користеше за напаѓање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И третиот случај, кога заедно со Бугарите ја брани Данела.- ВМРО ДПМНЕ
Инцидентот со скопската градоначалничка се случи вчера попладне во близина на полициската станица во Чаир. Арсовска тврдеше дека при увид на дивоградба најпривин добила закани по нејзиниот и живото на нејзиното семејство а потоа и физички била нападната со удари со клоци додека полицајците кои биле присутни не презеле ништо по што замина во болница. Министерот Тошковски пак во телевизиско гостување негираше дека инцидентот се случил пред очите на полицијата и дека ништо не презела, фактичката состојба рече дека ќе се утврди за да не излезе како што рече оној што се претставува како жртва е можеби оној кој предизвикал физички напад.