Карпош одбележа 49 години од своето постоење - Канал 5

Карпош одбележа 49 години од своето постоење

Со Свечена манифестација која се одржа денеска во просториите на Кинотеката, Општина Карпош ја одбележа 49 годишнината од своето основање. 

Карпош одбележа 49 години од своето постоење

По тој повод, пред централниот настан, актуелниот градоначалник Сотир Лукровски во својот работен кабинет оствари средба со поранешните градоначалници на Општина Карпош, Сашо Кузмановски, Андреј Петров, Саша Димиќ и Стефан Богоев. Во рамки на состанокот, присутните разговараа за теми од областа на локалната самоуправа, каде беа разменети конкретни предлози и искуства во насока на поефикасно менаџирање со Општината.

Свечената академија започна со интонирање на македонската химна, со прекрасната вокална изведба на деветоодделенката Анастасија Јанковиќ од основното училиште „Владо Тасевски“. Веднаш потоа, се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода им посака топло добредојде на присутните гости. Притоа, првиот човек на локалната самоуправа се осврна кон 49 годишниот континуитет, заедништво и традиција која ја граделе жителите на оваа општина.

„Тоа се години кои оставиле зад себе илјадници приказни за растењето, за создавањето, за трудот, визијата и за луѓето кои ја направија оваа општина посебно место за живеење. Во изминатите речиси пет децении, Карпош прерасна во динамична, современа и препознатлива урбана средина. Озеленивме простори, изградивме инфраструктура, создадовме услови за подобар живот – но најважното е дека создадовме заедница. Заедница во која се слуша гласот на граѓаните, во која младите растат со можности, а повозрасните со достоинство“ – истакна Лукровски.

Пред присутните тој изрази длабока почит кон сите оние кои оставиле значаен белег во развојот на Карпош.

„Голем број генерации оставија дел од себе во развојот на оваа општина – учители, лекари, културни работници, спортисти, занаетчии, студенти, активисти, мајки и татковци кои секојдневно градат подобро утре. Токму затоа, денес не славиме само историја – туку славиме и луѓе. Оваа годишнина за сите нас е потсетник, но и обврска. Потсетник на она што сме го постигнале и обврска да продолжиме уште подобро, поуспешно и поодговорно. Карпош заслужува да биде место каде што институциите работат за граѓаните, каде што идеите се претвораат во реалност, а визиите во конкретни проекти“ – посочи Лукровски.

Општинскиот татко откри дека пред него стои сериозен предизвик за да ја придвижи напред локалната самоуправа, потенцирајќи дека на тој пат вистинската сила му ја даваат карпошани.

„Вашата енергија, вашата доверба и вашата критика се темелот врз кој продолжуваме да градиме и за тоа, Ви благодарам. Да продолжиме да го градиме Карпош како општина на културата, образованието, зеленилото, спортот и современиот урбан развој. Како локална заедница што се грижи за своите најмлади и ги почитува своите највозрасни жители, верувајќи во нивната иднината. Драги сограѓани,

Нека ни е честит роденденот на Општина Карпош! Нека ни е со среќа, со напредок и со заедништво“ – додаде Лукровски.

Како и секоја година, по повод роденденот на локаланата самоуправа, Општина Карпош традиционално додели благодарници на хуманите крводарители, пофалница на најдобриот полициски службеник и плакета на заслужен граѓанин на Општина Карпош. Во таа насока, градоначалникот Сотир Лукровски им врачи благодарници на Стојанче Масевски, Перо Давидовски, Јовица Даниловски, Ване Чичовски, Стевча Алексов и Зоран Даниловски, кои досега дарувале крв над 50 пати. Благодарници добија и административците од Карпош, Виктор Божиновски, Горан Данаиловски и Олга Цубалевска, кои го демонстрираа својот солидарен дух, досега дарувајќи крв над 20 пати.

Лукровски ѝ додели пофалница на полициската службеничка Елена Дракуловска од ПС Карпош, која го доби ова признание за нејзината служба и големиот придонес во непреченото обезбедување на јавниот ред и мир, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните на Карпош.

Легендарниот фудбалски ас, Драги Сетинов е прогласен за „Заслужен граѓанин на Општина Карпош“ за 2025 година. Во оваа пригода, градоначалникот Лукровски му ја додели плакетата на господинот Сетинов, посакувајќи му многу здравје и успех во животот. Инаку, повозрасните љубители на фудбалот се сеќаваат на Сетинов од неговите беспрекорни настапи во прилепска „Победа“, во скопски „Вардар“ и во сплитски „Хајдук“. Родум од Скопје, својата професионална кариера тој ја започнува на 20 годишна возраст, во далечната 1981 година, а ја завршува во 1992-та година, во клубот „Етникос“ од Пиреја. Драги Сетинов важи за еден од подобрите одбранбени фудбалери на просторот на поранешна Југославија.

Завршниот дел од денешната свечена манифестација им припадна на основците од Карпош. Со својата бравурозна изведба, младите карпошани ги стоплија срцата на присутните гости, изведувајќи четири ритмичко – мелодични точки на сцената. Со својот настап, учениците од „Петар Поп Арсов“, „Владо Тасевски“ и „Вера Циривири Трена“, ги потсетија повозрасните гости што значи да се биде дете, да се сонува, да се биде слободен и бескрајно креативен.

Општина Карпош

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Објавени се првите снимки од свадбата на Мајли Сајрус (ФОТО)

Пејачката Мајли Сајрус и музичарот Макс Морандо се венчаа за време на викендот, а за оваа посебна пригода, невестата избра венчаница која ги комбинира едноставноста, елеганцијата и софистицираноста. 

Објавени се првите снимки од свадбата на Мајли Сајрус (ФОТО)

Наместо луксузна креација со многу детали, таа се одлучи за минималистички модел кој привлекува внимание токму со својот крој и женствени детали.

Мајли сподели фотографии од церемонијата на социјалните мрежи и покажа фустан со долги ракави, отворен грб и едноставна силуета. Елегантното издание го комплетираше со впечатливи обетки и чевли со отворена потпетица, додека целиот изглед остана во духот на ненаметлив гламур.

Венчаницата е уште еден пример дека впечатливиот изглед не бара комплицирана креација. Чист крој и еден ефектен детаљ, како што е отворен грб, беа доволни пејачката да блесне на својата свадба.

Тие сакаа да ја задржат свадбата за себе

Двојката ја објави својата свршувачка во декември 2025 година, но деталите за подготовките за свадбата најчесто ги криеја од јавноста. Уште во март, извор близок до двојката изјави за списанието People дека Мајли и Макс не планираат голема, традиционална прослава.

„Тие не планираат никаков голем, традиционален настан. Макс е многу повлечен и таков вид прослава едноставно не е негов стил. Кога ќе се венчаат, тоа ќе биде нешто помало и значајно само за нив. Нема да биде голема холивудска продукција“, рече изворот во тоа време.

Се чини дека се одлучиле токму за тој пристап, без многу помпа и медиумско внимание.

Мајли претходно зборуваше за тоа колку ѝ значи приватноста

Пејачката претходно нагласи дека сака да ја заштити својата врска со Макс од премногу јавен интерес. Кога беше прашана за нејзината свршувачка на 2 декември, таа разговараше со списанието People за тоа колку ѝ значи тоа што успеала да го задржи приватниот дел од својот живот за мал круг луѓе.

„Она што можам да го кажам е дека нашата приватност и фактот дека успеавме сè да го задржиме приватно е нешто што го восхитувам. Мило ми е што имам поголем избор во она што го споделувам со другите. Мислам дека има врска и со возраста, бидејќи сега сум многу повнимателна во врска со тоа што сакам да откријам“, рече Мајли. Нејзината свадба остана во согласност со она што го кажа претходно - најважните моменти не мора да се претворат во голем јавен настан за да бидат посебни.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп повторно шокира- објави ВИ фотографија со Хуанг како го преживува неговиот атентат (ФОТО)

Откако призна дека ги повикал членовите на одборот на Nvidia за да ги убеди да го вратат Џенсен Хуанг на функцијата извршен директор, Доналд Трамп помина речиси еден час на телефон со CNBC, славејќи ја одлуката.

Трамп повторно шокира- објави ВИ фотографија со Хуанг како го преживува неговиот атентат (ФОТО)

Потоа, американскиот претседател објави слика генерирана од вештачка интелигенција на социјалната мрежа Truth Social, споредувајќи го враќањето на Хуанг на чело на технолошкиот гигант со обидот за атентат врз него во Батлер, Пенсилванија, објавува Independent.co.uk..

Сликата генерирана од вештачка интелигенција го прикажува Хуанг до претседателот во познатата сцена веднаш по пукањето на предизборниот митинг во јули 2024 година, кога куршум му го изгребал увото на Трамп и убил еден учесник на митингот. Друго лице рането во нападот почина од повредите оваа година.

Сепак, изменетата верзија на фотографијата на Трамп го прикажува Хуанг со крв на образот и крената тупаница што држи црвен градник. Зад него се вее знамето на Nvidia, кое го замени црвено-бело-синото американско знаме.

Хуанг поднесе оставка пред помалку од две недели откако се појавија информации за неговата афера со Алис Хуанг, извршната директорка на „Мегаспид“ со седиште во Сингапур, која е под истрага на Министерството за трговија на САД за кршење на контролите за извоз на САД. Алис Хуанг е осомничена дека е кинески шпион.

„Њујорк тајмс“ претходно објави дека американските разузнавачки агенции утврдиле дека Алис Хуанг била ангажирана да влијае врз Џенсен Хуанг да ја охрабри „Нвидија“ да продава понапредни чипови на Пекинг, што покрена сериозни прашања за националната безбедност.

Во понеделник, Трамп призна дека се вклучил во состанокот на одборот на директори на „Нвидија“ за, како што рече, да ги „убеди“ да го вратат Хуанг на функцијата извршен директор.

„Разговарав со нив и ги убедив. Беше многу полесно да се убедат вчера отколку пред една недела“, рече Трамп за време на речиси едночасовниот телефонски разговор во живо со CNBC во понеделник наутро.

Претседателот ја нарече својата невидена интервенција „многу важна“ по скандалот што го отвори патот за конгресни и федерални истраги за можни закани за националната безбедност.

Трамп, сепак, рече дека верува оти Хуанг „не направил ништо погрешно“ и инсистираше дека е „ослободен од какво било кривично дело“.

„Нвидија“ во соопштението од понеделникот, објавувајќи го враќањето на Хуанг, изјави дека одлуката е заснована на „мислења и препораки од највисоките нивоа на американската влада“.

„Го убедивме, барем врз основа на сè што знаеме, а знаеме многу. Луѓето прашуваат: „Дали тој претставува закана?“ Не, заканата е неговото губење“, изјави Трамп за CNBC.

Американскиот претседател додаде дека ако тој беше кинескиот претседател Си Џинпинг, би рекол: „Ајде да го донесеме тука веднаш. Може да има што сака. Ќе му го дадеме Пекинг“.

Акциите за технологија паѓаат откако Хуанг поднесе оставка на 12 ноември. „Нвидија“, која беше највредната компанија во светот околу две години, изгуби околу 1,5 трилиони долари пазарна вредност во тој период.

Според финансиските извештаи, Трамп поседува акции на „Нвидија“ во вредност помеѓу 13 и 62 милиони долари. Ова предизвика критики од групите за надзор и од некои политичари кои веруваат дека тој ги ставил своите финансиски интереси пред грижите за националната безбедност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Предмети од „Титаник“ се продадени за астрономски цени- рекорд постави златен часовник на една од патничките

Ретки предмети што им припаѓале на патниците на Титаник, кој потона на 15 април 1912 година, се продадени на аукција за рекордни суми, а најголемо внимание привлекоа златен џебен часовник и дијамантски прстен.

Предмети од „Титаник“ се продадени за астрономски цени- рекорд постави златен часовник на една од патничките

Ендру Олдриџ од „Хенри Олдриџ и син“, во англискиот округ Вилтшир, ја опиша аукцијата како „епохална“, нагласувајќи дека таа потврдува колку приказната за трагичната судбина на познатиот брод е сè уште присутна низ целиот свет.

Удри во леден брег и потона

Часовник што ѝ припаѓал на Мери Манган, 32-годишна патничка од Ирска, бил продаден за дури 250.000 фунти, додека прстенот на Лејди Даф Гордон достигнал цена од 140.000 фунти.

Меѓу највредните предмети било писмо пронајдено на телото на неговиот автор, Рамон Гомез, патник од прва класа. Новиот сопственик платил 80.000 фунти за него.

Во писмото, бродот е опишан во многу детали - од боите во кои бил обоен, до температурата, до бројот на луѓе што вечерале.

За потсетување, Титаник отплови на своето прво патување на 10 април 1912 година, но во раните утрински часови на 15 април, удрил во леден брег и потонал. Околу 1.500 луѓе загинале во трагедијата.

Златниот џебен часовник на Мери Манган бил пронајден на нејзиното тело по бродоломот. Предметот потоа бил вратен на нејзиното семејство, заедно со други лични предмети.

Манган претходно се преселила во Соединетите Држави, а на почетокот на 1912 година се вратила во Ирска за да ги посети роднините. Часовникот неодамна бил изложен во Музејот на Титаник во Белфаст, заедно со други предмети од колекцијата на нејзиното семејство.

На продажба се повеќе од 100 предмети

На продажба се повеќе од 100 предмети поврзани со несреќниот брод. Меѓу нив биле документ за осигурување, продаден за 27.000 фунти, и редок билет за патување, кој достигнал цена од 45.500 фунти.

Меѓу предметите била и разгледница напишана од Џек Филипс, еден од главните радио оператори, кој загинал во катастрофата.

Филипс останал на работа, испраќајќи безжични повици за помош и помагајќи во координирањето на спасувањето додека бродот тонел, објавува Би-Би-Си.

Тој ја напишал разгледницата четири дена пред трагедијата и ѝ ја испратил на својата сестра Елси. Таа била продадена на аукција за речиси 32.000 фунти.

Според аукционерот Ендру Олдриџ, вкупната вредност на продадените предмети надминала 1 милион фунти, при што предметите од Титаник сочинуваат значаен дел од таа сума.

Тој забележал дека џебниот часовник го срушил рекордот за предмет што му припаѓал на патник од трета класа, додека прстенот достигнал највисока цена некогаш платена за накит од бродот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер