Канческа Милевска го посети Градскиот музеј во Крива Паланка - Канал 5

Канческа Милевска го посети Градскиот музеј во Крива Паланка

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска оствари работна посета на Крива Паланка. Ја посети локалната установа Градски музеј, институција која со поддршка на Министерството за култура имплементира неколку значајни проекти.

Канческа Милевска го посети Градскиот музеј во Крива Паланка
- Исклучително е важно што Министерството почна значаен проект за реконципирање на поставките во музеите со кои многу значајни артефакти што овие институции ги имаат во своите депоа можат да ги презентираат пред јавноста. Оттука, можам да најавам дека веќе следната година ќе биде отворена новата реконципирана и адаптирана етнолошко историска поставка во Кривопаланечкиот музеј, изјави Канческа Милевска.

Таа имаше можност да ги разгледа и најновите наоди од археолошките истражувања на локалитетот Градиште во селото Градец.

- Имав можност да ги погледнам артефактите кои потекнуваат од раниот византиски до доцниот среден 13 и 14 век. Пронајден е богат движен материјал – бронзени монети, садови, градежна керамика, делови од облека и накит, алатки и оружје. Од позначајниот археолошки материјал можат да се издвојат златните монети и монети од времето на Јустинијан Први, како и железната мамуза. Министерството ќе продолжи и во иднина да ги финансира истражувањата на овој локалитет, прв на кој самостојно работи локалната установа Градски музеј Крива Паланка, додаде Канческа Милевска.

Ја истакна и одличната соработка меѓу локалната и централната власт со која, напомена, постојано се развива и збогатува културната понуда во општината.

Со поддршка на Министерството за култура и средства од Општината се одржуваат Меѓународен фолклорен и Театарски фестивал во Крива Паланка.

- Благодарност до Министерството за континуираната поддршка на проектите кои ја унапредуваат нашата локална установа. Се надевам дека поддршката ќе продолжи и во следниот период и дека ќе можеме локалитетот Градиште од кој досега се истражени само 20 отсто, комплетно да го истражиме по што ќе следува негова конзервација и промоција како туристички локалитет, изјави директорот на Градскиот музеј Крива Паланка Драган Величковски.

Во рамки на посетата на Крива Паланка, Канческа Милевска го посети и манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осогвски“ и упати честитки до сите верници по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, честитајќи им го на кривопаланчани утрешниот празник Свети Јоаким Осоговски, светец закрилник на градот.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски искажа благодарност до Министерството за култура и Владата за поддршката на сите значајни проекти од културата со која во изминатите години, нагласи, се реализираа бројни настани од музичко-сценската, ликовната и книжевната дејност.

Присутен беше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој на овој голем христијански празник кој е и празник на рударите, најави дека благодарение на Владата наскоро новиот концесионер кој денеска го рестартираше рудникот „Злетово“ ќе го рестартира и рудникот „Тораница“ и сите рудари ќе бидат вратени на работа.

Министерката присуствуваше и на вечерната богослужба во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ со која чиноначалствуваше митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Производството на делови за авиони станува сè потешко без кинеските минерали

Недостигот на ретки минерали ги поттикна добавувачите во воздухопловната индустрија повторно да ги разгледаат материјалите што се користеле пред неколку децении, во обид да ја намалат зависноста од Кина.

Производството на делови за авиони станува сè потешко без кинеските минерали

Кина има речиси целосен монопол врз продажбата на ретки минерали и други материјали, како што се итриум, индиум фосфид и волфрам. Тие се користат во бројни воздухопловни и воени системи, вклучувајќи премази за млазни мотори, компоненти за турбини и полупроводнички чипови.

Аналитичарите предупредуваат дека ќе бидат потребни уште неколку години за производителите на премази за воздухопловната индустрија да најдат замени за современите материјали базирани на ретки минерали или да обезбедат доволни количества од овие суровини од други извори, вклучително и од САД.

Стравувањата поврзани со прекини во снабдувањето и високите цени доведуваат до преиспитување на материјалите што се користеле пред неколку децении. Всушност, овој проблем би можел да го загрози производството на компоненти за млазни мотори.

„Можеме да се обидеме да ги подобриме овие материјали“

Националниот совет за истражување на Канада (NRC) – главната канадска институција за научно и индустриско истражување и развој – објави дека недостигот на ретки минерали ја поттикнува потрагата по алтернативи за премазите што служат како топлинска бариера во најжешките делови на млазните мотори.

„NRC“ и неколку индустриски партнери истражуваат дали циркониум диоксидот и другите керамички оксиди – материјали што се користеле уште во 1970-тите и 1980-тите години – можат да ги достигнат перформансите на современите премази базирани на ретки минерали. „Сега, 50 години подоцна, располагаме со подобри инструменти и понапредни методи, па можеме да се обидеме да ги подобриме тие материјали“, изјави Роџерио Лима, истражувач во „NRC“.

Решението нема да се најде брзо

Европскиот производител на топлински премази „Oerlikon Metco“ објави дека веќе продава одредени производи што не содржат ретки минерали и дека развива нови. Тие вклучуваат премази што служат како топлинска бариера, базирани на циркониум диоксид со додаток на магнезиум оксид и калциум оксид.

Некои американски добавувачи на топлински премази, исто така, истражуваат алтернативи за делови каде што употребата на такви материјали носи помал ризик, изјави извор од индустријата. Достапноста на суровини би можела да се зголеми и преку рециклирање на вишокот материјали за премази, истакна друг извор од индустријата. Сепак, таквите решенија можат само да ја намалат, но не и целосно да ја елиминираат зависноста на воздухопловната индустрија од Кина. „Дури и според најоптимистичките проценки, ќе бидат потребни години, а не месеци, за да се надмине нашата зависност од Кина во однос на снабдувањето со минерали од групата на ретки земји“, изјави Џефри Герц, поранешен функционер во Советот за национална безбедност на Белата куќа и виш соработник во Центарот за нова американска безбедност. Тоа значи дека Кина ќе продолжи да има значително влијание во трговските преговори со САД, заклучи Герц.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно со сончеви периоди

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви преиоди, свежо и ветровито. 

Утре променливо облачно со сончеви периоди

Во западните планинските региони ќе има услови за појава на слаб локален дожд. Ќе дува умерен до засилен, а наместа долж Повардарието повремено силен северен ветер со брзина од 60 km/h. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 16 до 25 степени.

Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, свежо и ветровито. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 22 степена.

До крајот на седмицата ќе преовладува променливо облачно и свежо време со ниски утрински температури. Во петок попладне, во текот на ноќта и во сабота повторно се очекуваат врнежи од дожд, локално пообилни.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бобан Илиоски објави дека потпишал договор со GLORY: Пишувам историја за македонскиот кикбокс

Македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски објави дека потпишал договор со GLORY Kickboxing, една од најпознатите светски организации во овој спорт.

Бобан Илиоски објави дека потпишал договор со GLORY: Пишувам историја за македонскиот кикбокс

„Денес со огромна гордост можам да кажам дека го направив еден од најголемите чекори во мојата кариера потпишав договор со „GLORY Kickboxing“.

Со ова не го остварувам само мојот сон, туку пишувам историја за македонскиот кикбокс.

Ова е голем чекор за мене, но и врата што се отвора за сите млади македонски кикбоксери кои сонуваат еден ден да стигнат до најголемата сцена. Сакам да покажам дека со многу работа, жртва, дисциплина и верба во себе соништата можат да станат реалност.

За мене ова е остварување на долгогодишен сон. Зад овој момент стојат безброј тренинзи, откажувања, падови, станувања и моменти во кои морав да продолжам и кога беше најтешко.

Ова е огромна работа за мене, но и за моето семејство, кое беше со мене од самиот почеток и веруваше во мене кога можеби никој друг не веруваше.

Од срце сакам да им се заблагодарам на сите кои на било каков начин ми помогнале да стигнам до овој момент на моите тренери,пријатели, луѓе кои ме поддржувале, како и на сите што верувале во мене и во мојот сон.

Ова е само почеток.

Македонијо, време е да се слушне нашето име на најголемата кик бокс сцена во светот🇲🇰

Сонот е остварен ,историјата е започната

Јас сум првиот кикбоксер од Македонија што потпиша за GLORY.

Посебна благодарност до Мајк Пасениер за дадената прилика, довербата и можноста да бидам дел од оваа голема организација.“- објави Илиоски на Инстаграм.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер