Камерон и Бербок го повикаа Израел на воздржаност

Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.

- Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска во Ерусалим се сретнаа со израелските лидери за да изразат солидарност по иранскиот напад и да повикаат на одмерен одговор за да се избегне ескалација на тензиите.

Дванаесет дена по израелскиот напад на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа седум ирански војници, меѓу кои тројца генерали, Иран во саботата вечерта возврати со напад на израелска територија со беспилотни летала и проектили.

Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.

Камерон и Бербок се првите странски дипломати кои пристигнаа во Израел по нападот без преседан на Иран.

Прво, тие разговараа со претседателот на земјата, Исак Херцог, кој го повика „целиот свет“ преку платформата „Икс“ „одлучно да се ангажира против заканата што ја претставува иранскиот режим, кој сака да ја поткопа стабилноста во целиот регион“.

Тие разговараа и со нивниот израелски колега Израел Кац.

Камерон изјави за британската телевизија дека сака земјите-членки на Г7 да воведат „координирани санкции“ против Иран и ја обвини таа земја дека стои зад „толку многу злонамерни активности“ во регионот.

Тој посочи дека шефовите на дипломатиите на седумте економски најразвиени земји-членки на Г7, кои оваа недела се состануваат во Италија, „мора да испратат јасна и недвосмислена порака“ до Иран.

„Се надеваме“ дека Израел ќе реагира „на начин што минимално ќе придонесе за ескалација на тензиите, на начин што е и интелигентен и одлучувачки“, додаде британскиот министер.

Бербок неделава се заложи ЕУ да воведе нови санкции за иранските беспилотни летала. /МИА

Мадуро: Војната на Украина против Русија е планирана најмалку 20 години

САД планираат и иницираат воени конфликти ширум светот: против Русија, Палестина, Кина, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

„САД планираа серија воени конфликти, а за тоа сведочи издвојувањето на 95 милијарди долари за овие цели. Војната на Украина против Русија беше планирана најмалку 20 години за да ја уништи моќта на Русија, но САД не успеаја да го направат тоа. Денес Русија е посилна економски, политички, социјално, технолошки и воено“, изјави венецуелскиот лидер во авторската емисија „Со Мадуро плус“.

Војната во Палестина се води за да се „консолидира моќта на ционизмот на Блискиот Исток“, истакна Мадуро и посочи дека САД „денес се обидуваат да започнат војна во Тајван против братската Кина“.

Тој, исто така, истакна дека САД формирале база за ЦИА и Јужната команда на американските вооружени сили на територијата на Гвајана Есекибо, која Венецуела ја смета за дел од својата земја.

„Тие планираат да започнат воен конфликт овде“, изјави претседателот на Венецуела и заклучи дека за САД војната е политичка и економска работа.

Хутите нападнале товарен брод во грчка сопственост

Според истите информации товарниот брод „Кикладес“ бил нападнат со три проектили и дронови, но продолжил да плови.

Товарен брод во грчка сопственост што плови под знамето на Малта бил на мета на напад од Хутите во Црвеното море, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации товарниот брод „Кикладес“ бил нападнат со три проектили и дронови, но продолжил да плови.

Паралелно, на мета на напад на Хутите биле и уште еден товарен брод, како и два американски воени бродови.

Вучевиќ ги соопшти имињата на министрите: Дачиќ министер на МВР, Вулин се враќа во Владата

Дачиќ министер на МВР, Вулин се враќа во Владата, Ѓуриќ нов шеф на дипломатијата.

Претседателот на СНС и мандатар на новата српската Влада, Милош Вучевиќ по седницата на Претседателството на партијата ги презентираше кадровските решенија на новата Влада на Србија. Ивица Дачиќ пак ќе биде министер на полицијата, Вулин се враќа во Владата, нов шеф на дипломатијата е досегашниот српски амбасадор во САД Марко Ѓуриќ, додека Братислав Гашиќ од МВР се сели во министерството за одбрана, јави дописникот на МИА од Белград.

-Денеска на седницата на Президиумот на СНС одлучивме за повеќе прашања и теми. Поднесувам барање седницата на Собранието да се одржи утре. Ќе ви го прочитам предлог составот на Влада, рече Вучевиќ.

„Синиша Мали-вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер на Србија и министер за заштита на животната средина, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Братислав Гашиќ министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Златибор Лончар-министер за здравство, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа рече Вучевиќ и додаде:

„Милан Кркобабиќ – министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ, министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор, рече Вучевиќ.

Тој кажа и дека поранешната министерка за култура, Маја Гојковиќ, ќе биде кандидат за нов претседател на Владата на Војводина.

притисни ентер