Каматната стапка на благајничките записи се намалува, останатите каматни стапки непроменети

Каматната стапка на благајничките записи се намалува за 0,2 п.п., останатите каматни стапки се непроменети, одлучи Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка

Каматната стапка на благајничките записи се намалува за 0,2 п.п., останатите каматни стапки се непроменети, одлучи Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на вчерашната седница на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

- На седницата беше оценето дека и покрај досегашните релативно поволни трендови, ризиците и натаму постојат и се понагласени. Оттука, беше одлучено да се продолжи со внимателното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,2 п.п., на нивото од 5,35%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари, соопшти Народната банка.

Ваквата промена во монетарната поставеност, како што се посочува, е одраз на поволните трендови кај инфлацијата и девизни резерви, а при и понатаму присутни и понагласени ризици поврзани со надворешното окружување. Покрај ова, има и ризици од домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. Во однос на надворешните ризици, најавата за воведување нови протекционистички мерки може да предизвика повторно глобални инфлациски притисоци. Променливоста на пазарите на примарните производи, исто така, е забележлива, под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во јануари, беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., што е петто намалување од јуни минатата година.

И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Инфлацијата се движи во рамките на очекувањата. Годишната стапка на инфлација во декември 2024 година изнесува 4,4% и очекувано се задржа на слично ниво како во ноември, под влијание на споредбената основа во истиот период претходната година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените. Годишната динамика на цените на храната и на базичната инфлација и натаму е стабилна, додека падот кај цените на енергијата умерено забавува. Притоа, остварената просечна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и е на исто ниво со проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции. Во јануарските анкети на ЕК за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на очекувањата за берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози за 2025 година, направена е нагорна ревизија кај цената на нафтата, а надолна кај основните прехранбени производи. Иако инфлациските движења се во согласност со очекувањата, ризиците постојат и потребно е внимателно следење.

Состојбата на девизниот пазар во континуитет е стабилна и движењата се поволни. Минатата година девизните резерви остварија раст, малку повисок од очекуваниот, со што нивото на девизните резерви на крајот на декември достигна 5.019 милиони евра. Ова е соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Растот главно произлегува од откупот на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот октомври ‒ ноември 2024 година засега е понизок во споредба со очекувањата за четвртиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на декември се во согласност со проектираните нето-приливи од приватните трансфери.

Во однос на економскиот раст, расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – ноември упатуваат на натамошен раст во последниот квартал на 2024 година. Имено, градежништвото и прометот во угостителството бележат забрзан реален раст, а движењата во индустријата во четвртиот квартал се слични, што е во прилог на очекувањата за мало забрзување на економскиот раст во последниот квартал на 2024 година, за разлика од трговијата каде што реалниот раст е поумерен. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст заклучно со декември и движењата се значително подобри од очекувањата за последниот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.

Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за натамошно внимателно нормализирање на монетарната политика. Ризиците од надворешното окружување и понатаму постојат и се понагласени, а будно се следат и ризиците од домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и врз цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок, с енаведува во соопштнието од НБ.

СЗО: Масовната вакцинација на децата во Газа против детска парализа ќе продолжи во сабота

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека во сабота ќе продолжи масовна кампања за вакцинација против детска парализа во Појасот Газа, со цел да се вакцинираат повеќе од половина милион деца.

„Сегашната средина во Газа, вклучително и пренатрупаноста во засолништата и сериозно оштетената водоводна и санитарна инфраструктура и инфраструктурата за одржување хигиена, што го олеснува фекално-оралниот пренос, создава идеални услови за понатамошно ширење на полиовирусот“, се вели во соопштението на СЗО.

Се додава дека големите движења на населението поради сегашниот прекин на огнот најверојатно ќе го влошат ширењето на инфекцијата со полиовирусот.

Детската парализа е многу заразна вирусна болест која примарно ги погодува децата на возраст под пет години и може да предизвика неповратна парализа на екстремитетите.

Вирусот, категоризиран како тип еден, тип два и тип три, се шири преку контаминирана вода или храна и го напаѓа нервниот систем. /МИА

Ел Сиси: Да се усвои план за обнова на Газа без раселување на Палестинците

Ел Сиси ја повика денеска меѓународната заедница во Мадрид да усвои план за обнова на Газа разурната од војна без раселување на Палестинците

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси ја повика денеска меѓународната заедница во Мадрид да усвои план за обнова на Газа разурната од војна без раселување на Палестинците, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги налути Арапите со неговата визија за енклавата.

„Истакнавме колку е значајно меѓународната заедница да усвои план за обнова на Појасот Газа без раселување на Палестинците - повторувам, без раселување на Палестинците од нивната земја“, рече Ел Сиси на заедничката прес-конференција со шпанскиот премиер Педро Санчез во Мадрид.

Тој додаде дека Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) им е неопходна на Палестинците./МИА

Уставниот суд поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на ЈО

 Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука да поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители кои се избрани од редот на јавните обвинители. 

Оваа одлука е резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот. Според оспорената одредба, мандатот на овие членови се смета за позитивно оценет јавно-обвинителски стаж, освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители.

Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство. Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”. Се тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник, бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои Законодавецот не им го гарантирал. Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства, се наведува во иницијативата.

Во врска со иницијативата за Изборниот законик со која се оспорени членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, која што, исто така, беше на денешната седница, како што соопштуваат од Уставен, немало мнозинство бидејќи гласањето било изедначено поради отсуство на судијката Ана Павловска Данева. Ќе се гласа повторно на следната седница.

Подносителите на иницијативата Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева, сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик, кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 отсто од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.

притисни ентер