Јулија Навална: На Путин мора да му дојде крајот

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија, денеска изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да дојде до крај, јави Бета.

-За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен, рече Навална и притоа за сето тоа го обвини рускиот претседател.

Во видео порака објавена на Јутјуб таа кажа дека со секој нов мандат на Путин целата ситуација во земјата се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку тој остане на власт.

-Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови, им порача Јулија на граѓаните на Русија и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки за жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака, туку само тој“.

Таа додаде дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“, а тој не го исполнил ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога кажа дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.

-Пред два месеци Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашни терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија смрт на десетици наши сограѓани. А сепак, секој ден мирно апсат поединци за новинарство, ставови, па дури и објава на социјалните мрежи, рече Навална.

Таа додаде дека мора да се обезбеди никој во светот да нема доверба во Путин, ниту во Русија, ниту надвор од нејзините граници.

-Нашата земја моментално ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе му дојде крајот. Не се откажувајте, вистината ќе победи, заклучила Јулија Навална во видео пораката на ЈуТјуб по повод новата, петта инаугурација на Владимир Путин како претседател на Русија.

Сабаленка за поразот од Швјонтек: Сè уште сум среќна со резултатот во Рим

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка го коментираше поразот од полската претставничка Ига Швјонтек во финалето на турнирот во Рим. 

Таа истакна дека генерално е задоволна од нејзиниот настап во главниот град на Италија.

- Иако работите не одеа во моја корист, сепак сум среќен со резултатот во Рим. Во првиот сет не играв многу добро и не ја чувствував мојата игра. Во вториот се обидов да бидам малку поагресивна. Имав неколку можности да направам брејк. Можеби ако ги реализирав, натпреварот ќе испаднеше поинаку. Но, јас не го направив тоа. Ќе се обидам подобро следниот пат, рече Сабаленка на прес-конференција.

Во меч што траеше 1 час 29 минути Швјонтек победи со резултат 6:2, 6:3. Првиот светски рекет ја освои својата четврта ВТА титула во сезоната и 21-ва во кариерата.

Ова е втор меч на тенисерките во последните две недели. Швјонтек и Сабаленка се сретнаа на 4 мај во решавачкиот меч на турнирот во Мадрид. Тогаш победи исто така првиот рекет на светот. /МИА

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

По веста објавена од Иранската државна телевизија дека хеликоптерот, со кој патувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“ на терен се упатени 16 спасувачки тимови и беспилотни летала.

Според новинската агенција Мехр операцијата за пребарување и спасување ќе потрае извесно време поради непроодноста на теренот, планинските и шумските услови, како и неповолните временски услови, особено густата магла.

Иранската државна телевизија, како и државната Иранска новинска агенција (ИРНА) не јавија за состојбата на Раиси по инцидентот. ИРНА на англиски јазик објави дека хеликоптерот се урнал.

Дел од иранските медиуми објавија дека некои од придружниците на претседателот во хеликоптерот успеале да стапат во контакт со централните власти, истакнувајќи оти тоа надеж дека нема жртви во инцидентот.

Конвојот на претседателот се состоеше од три хеликоптери. Во другите две летала се превезувале други ирански функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

притисни ентер