Јубилејно издание на „Златна бубамара на популарноста“

Вчера под мотото „Да живмене“ во преполната сала „Борис Трајковски“ се одржа 25 јубилејно издание на „Златна бубамара на популарноста“.

Доделени беа 20 награди во повеќе категории.

Главен церемонијал мајстор на и овојгодинешната „Бубамара“ беше Сашко Коцев а младите комичари Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски беа негови придружни сили за смеење и добро расположение.

За спортските достигнувања во минатата година – награди „Златна бубамара“ добија теквондистот Дејан Георгиевски, освојувач на сребро на Олимпијадата во Токио, и фудбалската репрезентација на Македонија. Нивното појавување на сцената предизвика огромни аплаузи и изрази на поддршка.

Симон Трпчески, доби награда како музички амбасадор на Македонија.

Меѓу наградените се најдоа имињата на легендарните Феруз Мустафов, Љупчо Трајковски-Фис, Наум Петревски, Васка Јанковска, Жељко Бебек, Благица Павловска и други.

Реконструирана пешачката патека на улица „Љубљанска" во Карпош

Со асфалтирањето на третиот дел од пешачката патека на улица „Љубљанска", на потегот од улицата „Разловечко востание" до булевар „Илинден", целосно е реконструирана пешачката патека, на вкупна површина од 1300 квадратни метри.

Како што информираат од прес-службата на Град Скопје, на овој потег, исто така ќе бидат поставени заштитни столпчиња, со цел зголемување на безбедноста за пешаците и спречување на непрописно паркирање возила на пешачката патека.

Посочуваат дека досега се поставени 94 заштитни столпчиња на реконструираната пешачка патека на улицата Љубљанска, на потегот од од булеварот „Партизански одреди" до улицата „Разловечко востание".

– Реконструкцијата на пешачката патека продолжува од другата страна на улицата „Љубљанска", во насока од булеварот „Илинден" до „Сити Мол", на површина од 1000 квадратни метри. Со обновувањето на пешачката патека се олеснува движењето на пешаците на овој потег и се зголемува безбедноста за учесниците во сообраќајот, соопштуваат од Град Скопје.

Талибанците ги отфрлија забелешките на ОН во врска со правата на жените во Авганистан

Талибанската влада во Авганистан ги отфрли барањата на Советот за безбедност на ОН за укинување на строгите ограничувања воведени за авганистанските жени, посочувајќи ја како „неоснована" загриженоста на светската организација.

Советот за безбедност на ОН во вторникот едногласно усвои резолуција со која се критикуваат талибанците за воведените ограничувања на слободата на движење на девојчињата и жените како и нивен пристап до образовните установи и јавните места, мерки што беа воведени минатата година откако САД и сојузниците се повлекоа од Авганистан. Врховниот водач на Авганистан, Хибатула Ахунџада, нареди и задолжително покривање на лицата на жените на јавни места, што наиде на осуда кај меѓународната заедница.

Советот за безбедност ги повикаа Талибанците „неодложно да ги напуштат политиките и практиките со кои се ограничуваат човековите права и основните слободи на авганистанските жени и девојки". Истовремено се бара и отворање на училиштата за женските деца.

Авганистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Владата во Кабул ги смета забелешките на Советот за безбедност како „неоснована ангажираност" по однос правата на жените во Авганистан.

– Бидејќи жителите на Авганистан се главно муслимани, авганистанската Влада верува дека носењето исламски хиџаб е согласно верските и културните практики во општеството, се посочува во соопштението на МНР во Кабул.

Талибанците практикуваат шеријатска доктрина во толкувањето на исламот со строги и репресивни религиозни норми.

СНН: САД ќе и испорачаат на Украина напредни ракетни системи со голем дострел

Администрацијата на Бајден се подготвува да и испрати на Украина нови видови оружје како ракетни системи со голем дострел што можат да гаѓаат цели во внатрешноста на Русија, а кои се најбарани од страна на Киев, јави денеска Си Ен Ен.

Според извори на телевизијата, администрацијата е расположена да ги испрати системите како дел од поголем пакет воена и безбедносна помош за Украина, а за што може да биде објавено веќе идната недела.

Високи украински претставници, вклучително и претседателот Володомир Зеленски, повеќепати досега бараа од САД и сојузниците испорачување на Мултилансерен ракетен систем (Multiple Launch Rocket System или MLRS). Овој американски оружен систем истрелува ракети со дострел од стотици километри, многу подалеку од ракетите во посед на Украина.

Украинците сметаат дека со вакво оружје може да се измени текот на војната против Русија.

Друг систем што Украина го побара е Мобилен артилериски ракетен систем (High Mobility Artillery Rocket System или HIMARS), полесен систем на тркала со можност да испалува ист тип муниција како и MLRS.

На почетокот, администрацијата беше неодлучна околу испраќање вакви офанзивни оружја бидејќи би испровоцирале реакција од Русија во Украина, но и надвор од неа. Таа загриженост била истакната од Националниот совет за безбедност, дека со вакви ситеми Украина може да гаѓа цели во внатрешноста на Русија бидејќи нивниот дострел е до 300 километри.

Друга загриженост била дали САД може да си дозволат да издвојуваат вакви напредни оружја, а кои се дел од нивните резреви.

Сепак, се дознава дека се прават напори системите да бидат испратени во најскоро време и во рамките на поголем пакет воена и безбедносна помош.

притисни ентер