Јовески: Обвинителството ќе истражува за додатоците кои ги добивале обвинителите од СЈО

Обвинителството ќе ги стави под лупа платите и додатоците за доверливост кои ги земале специјалните јавни обвинители – вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за Канал 5.

“Обвинителите ќе ги испитаат сите околности и правно релевантни факти за исплата на платите и додатоците и доколку се утврди дека има основано сомнение за извршено кривично дело, ќе се постапи согласно Закон. Исплатата на плати и надоместоци е утврдена во Законот за плати на јавните обвинители. До постапување на алатката “Отворени финансии”, висината на надоместоците и начинот на пресметување на платата и надоместоците за СЈО јавно не беа достапни, за разлика од примањата на сите други обвинители, за кои на сајтот на ЈОРСМ јавно е објавен коефициентот за исплата на плати.” – вели Јовески.

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии". Вакви додатоци и надоместоци добивале и другите обвинители и некои вработени во СЈО.

Северозападна Индија ја зафати топлотен бран, температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен

Топлотен бран зафати делови од северозападна Индија, а главниот град Њу Делхи е ставен во состојба на готовност поради опасно топло време.

Температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен Целзиусов, а блиските држави Пенџаб, Харајана и Раџастан исто така забележаа пораст на температурата што се очекува да се задржи во следните неколку дена.

Индискиот метеоролошки оддел ги предупреди луѓето да не излегуваат на Сонце во попладневните часови, да пијат многу вода и да носат соодветна облека. На ранливите лица, особено на постарите, им е препорачано да не излегуваат надвор.

Во април, мај и јуни секогаш има високи температури во поголемиот дел од Индија, но жештините станаа поинтензивни во текот на изминатата деценија./МИА

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

ИДФ ги повика Палестинците да ги евакуираат крајбрежните населби во северниот дел на Газа

Израелската армија ги повика Палестинците во крајбрежните населби во северниот дел на Газа да ја евакуираат областа додека ја продолжува операцијата во Џабалија.

Портпаролот на Израелските безбедносни сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адри, објави список на нови зони што треба да се евакуираат, а на палестинските цивили им беше кажано да се преселат во засолништа западно од градот Газа, пишува „Tајмс оф Израел“.

Минатиот викенд, ИДФ издаде предупредување за евакуација на градот Џабалија, пред да биде извршен нападот.

Оттогаш, армијата двапати ја прошири зоната за евакуација, а најновата најава ги вклучува областите Ал-Ататра и Ал-Карам во Појасот Газа. /МИА

притисни ентер