Јованка Тренчевска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика

Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика.

Новоименуваната министерка Јованка Тренчевска ја презеде функцијата од досегашната министерка Јагода Шахпаска.

Со тоа министерката за труд и социјална политика Тренчевска и официјално го започнува управувањето со овој сектор.

„Чест и задоволство ми претставува да го предводам секторот во кој со години наназад активно учествував во креирањето на социјалните политики насочени кон граѓаните, а особено кон најранливата категорија. Приоритет ќе ми бидат, унапредување на правата од социјалната заштита, обезбедување на редовни и сигурни пензии, заштита и почитување на работничките права како и грижа за најмладите. Продолжуваме заедно да градиме едно општество за сите. Родовата еднаквост останува и понатаму високо на мојата и на агендата на Министерството за труд и социјална политика,“ истакна Тренчевска.

Досегашната министерка за труд и социјална политика Шахпаска на нејзината наследничка Тренчевска и посака успешна и плодна работа. Таа ја информираше за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.

Тренчевска доаѓа од раководната позиција на Државниот Инспекторат на труд, а претходно ја извршуваше функцијата Државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика. Таа е дел од ова министерство 19 години со нејзино активно учество во креирањето на политиките за родовата еднаквост на жените и мажите, каде има водечка позиција во овој сектор. Нејзината досегашна кариера е во насока на унапредување на правата на работниците како и родовата еднаквост меѓу мажите и жените. Министерката Тренчевска е магистер по социолошки науки.

Министерство за труд и социјална политика

Црвенковски: Договорот со Бугарија со формулацијата за „заедничка историја“ беше голема грешка

Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. 

Бугарското вето за Македонија најверојатно ќе се повтори и на претстојниот јунски самит, Договорот за добрососедство беше грешка со која се отвори Пандорината кутија и сега односите меѓу двете земји се полоши од претходно- оценува поранешниот Претседател на државата Бранко Црвенковски. На дебата посветена на предизвиците од надворешната политика, тој кажа дека не верува во решение за евроинтеграциите набрзо, особено поради преземените обврски со потпишаниот договор во 2017та- формираната историска комисија и пратфатената теза дека Македонија има заедничка историја со Бугарија. За Црвенковски се апсурдни тврдењата дека македонскиот идентитет е зачуван, додека на маса се токму историските настани и личности.

-Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на Претседателот Радев дадена за време на неговата посета на Берлин: „нема да дозволиме македонизмот да влезе во ЕУ.“ Епа ние од „македонизмот“ ниту можеме ниту смееме да се откажеме. – Бранко Црвенковски – поранешен Претседател на Р. Македонија.

Поранешниот шеф на државата решение во спорот гледа само доколку двете страни се согласат на сопствено толкување на сите прашања. Тој упати порака до актуелните политичари да стават крај на праксата за подигање на надежите и очекувањата на македонската јавност. Според него треба јасно да се каже дека блокадата од Бугарија може да потрае подолг временски период и тоа не треба да биде национална трагедија, туку мотив за реформи на целокупниот систем дома. Во меѓувреме, за Црвенковски е прифатлива идејата на Макрон за создавање на Европска политичка заедница како подготовка за преговори на земјите-кандидати.

-Да бидеме реални. Како ќе изгледа ЕУ после 10-15 години и како ќе се одрази тоа на процесот на проширување нема да се одлучува во Скопје, Белград, Тирана и Подгорица туку во Брисел и пред се во Париз и Берлин. Оттука сметам дека е неопходно, не напуштајќи ја определбата од највисок приоритет за што е можно побрзо отпочнување на преговрите за придружување со крајна цел- полноправно членство во Унијата, да изготвиме национална стратегија за дејствување и при други можни сценарија со кои би можеле да се соочиме и без наша волја и спротивно на нашите желби.– Бранко Црвенковски – поранешен Претседател на Р. Македонија.

Црвенковски додава дека Македонија треба да посвети повеќе внимание и на стратешкиот дијалог за продлабочување на партнерството со САД во јуни. Смета дека тајмингот не е случан, туку јасна порака од Вашингтон дека во критични моменти, како и во 2008ма година по ветото од Грција, тие и сега стојат зад стабилноста, безбедноста и евроатлантските аспирации на Македонија.

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај се реализира според сите стандарди.

Градот Скопје апелира да не се манипулира јавноста со фотографии од претходната состојба на патеката и проектот кој опфаќа реконструкција на целиот мост, кој е во интерес на сите граѓани и да не се злоупотребува за дневно политички цели.

Рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај се реализира според сите стандарди и согласно проектна документација изработена од стручни лица.

По негативните реакции од јавноста во врска со изградбата на рампата за пристап на лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај, Град Скопје ја информира и уверува јавноста дека изградбата на патеката се реализира според сите стандарди за ваков вид патеки и согласно проектна документација изработена од стручни лица.

Со изградбата на оваа рампа на овој фреквентен потег ќе се овозможи полесен пристап до мостот во Сарај за сите граѓани, за лицата со потешкотии во движењето, за родителите со мали деца, велосипедистите и за рекреативците.

За да нема дополнителни заблуди во јавноста, Во прилог Ви испраќаме фотографии и видео анимација од проектот.

Вонреден коалициски совет вечерва во Софија, тема е Македонија

Четири коалициски партнери, две непотполно усогласени позиции.

Ќе го утврди ли Кабинетот на Петков финалниот став во однос на Македонија пред јунскиот самит, ќе се знае вечерва по вонредениот Коалициски совет свикан по барање на бугарскиот премиер. Засега со став се огласи само лидерот на умерената „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, кој повикува на прагматичност. Смета дека крајот на јуни како тајминг за кревање на ветото е тешко дофатлив, но не и невозможен, а клучното очекување на Софија е заштитата на човековите права во Македонија.

-Рокот е исклучително краток и од тој аспект не сум оптимист дека тоа може да се случи, но да видиме што француското претседателство може да предложи. Ние очекуваме гаранции дека Македонија ќе го промени Уставот и дека тие гаранции ќе станат дел од преговарачката рамка меѓу ЕК, ЕУ и Македонија. Треба внимателно и без многу хистерија да разговараме за можностите., вели Христо Иванов, претседател на Демократска Бугарија.

Дека во Кабинетот на Петков нема единствена позиција во однос на Македонија смета и бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, според кого, бугарските социјалисти на Нинова и „Има таков народ“ на Трифонов веќе се изјасниле дека во моментов не се за промена на актуелната владина позиција.

-Премиерот Петков и неговата партија се за започнување на преговори на Македонија, а другите два коалициски партнери, партијата на Слави Трифонов и БСП се повеќе против. Така што, тоа биде основната тема на разговор оваа вечер. , вели за Канал 5, Владимир Владимиров, политички аналитичар.

Петков пред неколку дена посочи дека за кревање на ветото евентуалното решение треба да мине низ три фази и да биде потврдено во бугарското собрание. Дел од бугарската опозиција тврди дека владата попуштила пред меѓународниот притисок, пред се од страна на Вашингтон.

-Имаме информација дека бугарската влада подготвила решение со кое ќе ја пушти Македонија да го почне преговарачкиот процес. Нашата информација вели дека тоа ќе биде објавено многу брзо, со оглед дека како што знаеме минатата недела во посета ни беше висок американски дипломат, чија цел очигледно беше тоа. , изјави Костадин Костадинов, лидер на партијата „Преродба“.

Петков минатата недела го повика Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата со Македонија, но бугарскиот претседател му врати дека прво би сакал да ги чуе неговите позиции за прашањето.

притисни ентер