Јаневска: Владата е фокусирана на развој на науката - Канал 5

Јаневска: Владата е фокусирана на развој на науката

Владата е фокусирана на развој на науката, во 2026 приоритет е основање на првиот државен научно – технолошки парк.

Јаневска: Владата е фокусирана на развој на науката

Владата на Македонија е силно фокусирана на поддршка и развој на научно – истражувачката дејност, затоа што цениме дека таа е основата за развој на целокупното општество. Направивме многу во изминатиот период, а клучен стратешки приоритет во 2026 година ќе биде основањето на првиот јавен научно-технолошки парк, иницијатива која ќе ја зајакне истражувачката инфраструктура и ќе означи почеток на нова ера на технолошки развој и иновации во нашата земја.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на панел дискусија на тема „Истражувачка инфраструктура - двигател на триаголникот на знаење: искуства и најдобри практики“ организирана во рамки на дводневниот министерски состанок на земјите од Западен Балкан за истражувања и иновации кој се одржува во Подгорица, Црна Гора, каде присуствува заедно со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

„Истражувачката инфраструктура не е само физички простор или технолошка опрема. Таа е основа на знаењето, катализатор за иновации и мост помеѓу образованието и реалниот свет. За да функционира добро мора да биде дисциплинарна, поддржана од јавни и приватни партнерства и најважно - меѓународно поврзана. Тоа е нашиот фокус во моментов, по низата воведени системски промени и мерки кои ја поддржуваат научната дејност“, рече министерката Јаневска.

Информираше дека Владата во два наврати неодамна вложи 9,7 милиони евра во 103 научно-истражувачки проекти наменети за развој на лабораториски ресурси, издвојувајќи ја лабораторијата AMBICON на Универзитетот „Гоце Делчев“, како современ партнер за заштита на животната средина и безбедност при работа. Потсети и дека се основани 7 центри за трансфер на технологии и 5 инкубатори на технологии, истакнувајќи ја работата на Европскиот центар за дигитални иновации INNOFEIT на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кој е основан со подеднакво финансиско учество на државата и Европската унија.

„Со големо задоволство објавувам дека минатата недела Европската унија одлучи Македонија преку проектот „Везилка“ на УКИМ да стане дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција, што претставува значаен чекор кон зајакнување на националните дигитални капацитети и интеграција во европската истражувачко-иновациска инфраструктура“, нагласи Јаневска, додавајќи дека овој проект вреден 6 милиони евра ќе овозможи пристап до европски суперкомпјутери, ќе поттикне развој на човечки капитал преку обуки и ќе обезбеди поддршка за компании, истражувачи и институции во користење на напредни ВИ решенија.

Министерката во своето излагање истакна и дека неодамна во Македонија е основана и нова независна јавна институција „ИНОВА“ која ќе служи како централно тело за поддршка на иновациите и малите и средни претпријатија и ќе има клучна улога во спроведување на Стратегијата за паметна специјализација.

За Стратегијата пак, посочи дека обезбедува идеална рамка за надминување на предизвиците во спроведувањето на два важни паралелни процеси - зелената и дигиталната трансформација на општеството. Како што рече, овој стратешки документ поттикнува соработка меѓу институциите на системот, образовните установи, бизнис секторот и граѓанското општество, а креирањето иновации го насочува кон еколошките и дигиталните приоритети.

За време на дводневниот министерски состанок освен за можностите за развој и поврзување на истражувачката инфраструктура на земјите од Западен Балкан и ефективноста на националните стратегии за паметна специјализација, се дискутира и за Планот за раст на земјите од регионот, како и за примената на вештачката интелигенција во науката и истражувањето.

Предвидено е министерката Јаневска да оствари билатерални средби со еврокомесарката за истражување и иновации Екатерина Захариева, директорката на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, Сабине Хенцлер, претседателката на Европската мрежа за соработка во областа на истражувањето и технологијата (COST) Асе Горницка и со црногорската министерка за образование, истражување и иновации Ангела Јакшиќ Стојановиќ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска Давкова: Ги охрабрувам жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова присуствуваше на настанот „Розов пикник појадок“.

Сиљановска Давкова: Ги охрабрувам жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи

„Утрово, Градскиот парк осамна во розово, а Школка се отвори за „Розовиот пикник појадок“, каде што разговаравме и ги слушнавме искуствата на жените кои се борат со рак на дојката, но и укажувањата за важноста на превентивните прегледи.

Денот мина во розов ритам, со гласовите на женскиот хор „Фрида“, розовата прошетка и различните содржини: од практична демонстрација за самопреглед на дојките и консултации со специјалисти за реконструктивна хирургија, до „Писмо до идната јас“, како порака што ќе нè пречека по една година.

Ме радува присуството на министерот за здравство Сашо Клековски и неговата поддршка на работата на ХЕМА-ОНКО, во функција на создавање услови за унапредување на превенцијата и навременото откривање, но и за подобра и подостапна грижа за женското здравје.

Ги охрабрувам девојките и жените да се информираат навреме и да не ги одложуваат редовните прегледи, оти сопственото здравје мора да биде императив.

Посакувам „розовото“ што денеска нè обедини да не остане само симбол врзан за октомври, туку да ја обои целата година со повеќе навремено откриени случаи и спасени животи.“- објави Сиљановска Давкова на Фејсбук.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: До кога Заев и Филипче? Додека ви треба алиби за изолацијатa, економската и дипломатска катаклизма?

ВМРО-ОКГ повторно: квислинзи, распродажба, а тие „боксувале достоинствен пат“. Нема документ. Нема подобари услови. Има само етикета.

СДСМ: До кога Заев и Филипче? Додека ви треба алиби за изолацијатa, економската и дипломатска катаклизма?

Таа влада ја воведе земјата во НАТО. Вие бевте против. Сега Тимчо вели: тоа е најдобра работа за земјата и за инвестициите.

Инвеститорите ги растеравте. Останаа оние за антимон рудници и дата-центри за туѓа дигитализација и туѓи профити.

Таа влада ги отвори преговорите со ЕУ. Вие ги кочите. Намерно ја изолирате земјата.

Задолжително стана одењето пред Лаура Ковеши, европското обвинителство, пред влез. Тогаш некој ќе мора да одговара. Тоа не го сака арамијата Мицкоски.

Таа влада беше првата демократска по десет години мрак.

Мрак поради истата оваа банда што денеска е на власт. Само тогашните чираци станаа мајстори на арамискиот занает.

Таа влада донесе слобода на медиумите и на говорот. Таа влада на 27 април сакавте да ја запрете.

Таа влада имаше 250 милиони евра инвестиции во еден квартал. Оваа банда само 18 милиони.

Таа влада правеше прослава за НАТО со денови по градовите, за 280.000 евра. Вие - славевте со Гета за 5,53 милиони евра.

Таа влада помина една од најголемите кризи во светот: ковид кризата, потоа енергетска криза и почеток на војната во Украина. Им помагаше на граѓаните со пакети мерки. Ги зголеми платите и пензиите.

Во таа влада доаѓаа странски државници. Не мораше трговец со оружје да им плаќа лобирање за средба по ходници.

За таа влада Фон дер Лајен рече дека имала храброст за важни политички одлуки.

За истата Преспа што Мицкоски денес ја нарекува ремек-дело на дипломатијата, а Силјановска вели дека идентитетот, јазикот и културата се заштитени благодарение на неа.

А вие што направивте, освен криминални тендери? Што направи Мицкоски, освен што ја изолира земјата, ги задолжи децата и внуците за 4 милијарди евра за две години - половина од долгот напрсвен од независноста до денес, земјоделците ги доведе до работ на егзистенција, граѓаните ги осиромаши! Економска катаклизма. Армагедон за Македонија.

Што направивте вие, големи патриоти со бугарски државјанства и фирми? Освен што како скакулци изедовте сè.

Имате ли барем нешто со што да се пофалите? Немате.

Имате квислинг и сателит за партнер, и банда на своја сметка.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре сончево и релативно топло

Утрото ќе биде ведро и студено, а во текот на денот сончево и релативно топло. 

Утре сончево и релативно топло

Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 22 до 29 степени.

Во Скопје, сончево и релативно топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 27 степени.

Во следните денови времето ќе биде релативно топло. До среда утрата ќе бидат ведри и студени, а во текот на денот ќе преовладува сончево време. Од четврток ќе има зголемување на облачноста и утринските температури ќе бидат во пораст. Услови за локален дожд ќе има во петок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер