Израел соопшти дека пресретнал ракета истрелана од Јемен - Канал 5

Израел соопшти дека пресретнал ракета истрелана од Јемен

Израел соопшти дека неговата воздушна одбрана денеска соборила ракета земја-земја истрелана од Јемен, пренесоа британските медиуми. 

Израел соопшти дека пресретнал ракета истрелана од Јемен

Утрово јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, соопштија дека истрелале неколку ракети врз израелскиот град Еилат на брегот на Црвеното Море.

Нападот поттикна ескалација на насилството меѓу Израел и Хутите што започна во петокот кога јеменските бунтовници извршија напад со беспилотно летало во кој загина еден и ранети четворица во центарот на Тел Авив.

Како одговор, израелските воени авиони вчера извршија напад врз пристанишниот град Ходеида, при што беа нападнати воени цели на Хутите. Јеменски медицински извори за британските медиуми денеска изјавија дека во нападот загинале шест лица, а 80 се ранети, сите цивили. Според ТВ каналот Ал-Масира, кој се смета за близок до Хутите, три лица загинале во штрајкот, цитирајќи го директорот на локалната болница, Калид Сухаил.

Сликите од местото на настанот покажуваат силен оган и густ чад што се издига од местото на ударот.

Израелската војска соопшти дека нејзиниот противракетен одбранбен систем „Arrow 3“ соборил проектил истрелан од Јемен претходно денеска пред да навлезе на израелска територија. Пред пресретнувањето, во Еилат се огласија сирени за воздушен напад, што ги натера жителите на туристичкиот град да побараат засолниште.

Размената на удари е дел од прелевањето на конфликтот во Појасот Газа, кој трае повеќе од девет месеци и во кој се вклучени регионални и светски сили./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Герасимовски: Отворена „Лига Центар“, доделени 53 спортски стипендии за најдобрите млади спортисти

Со ревијален одбојкарски натпревар меѓу девојчињата од основните училишта „11 Октомври“ и „Киро Глигоров“, денеска беше отворена новата сезона на „Лига Центар“.

Герасимовски: Отворена „Лига Центар“, доделени 53 спортски стипендии за најдобрите млади спортисти

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, им посака на младите спортисти од Центар многу успеси, добри резултати и спортски достигнувања, нагласувајќи дека општината продолжува да ги поддржува и вреднува нивните постигнувања.

„Овие ученици заслужуваат признание и поддршка за трудот, посветеноста и резултатите што ги постигнуваат. Продолжуваме да ги стимулираме спортските успеси и да ги поттикнуваме децата и младите да спортуваат, да се натпреваруваат и да се физички активни“, порача Герасимовски.

Оваа година Општина Центар додели вкупно 53 спортски стипендии, со месечен износ од 3.500 до 5.000 денари, кои се исплаќаат во текот на осум месеци од учебната година.

Стипендиите се наменети за ученици кои постигнале значајни резултати во различни спортски дисциплини.

За првпат годинава, Општина Центар додели стипендии и за екипен спортски резултат. Поддршка доби ракометарскиот тим на ООУ „Коле Неделковски“, за освоеното трето место на меѓународен натпревар.

Со отворањето на „Лига Центар“, Општина Центар продолжува да ги поттикнува спортскиот живот и правилниот развој кај младите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ковачевски до Јаневска: Се затвораат училишта и се спојуваат паралелки – дали децата ќе добијат поквалитетно образование?

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, постави пратеничко прашање до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за ефектите од оптимизацијата на училишната мрежа, затворањето и спојувањето на паралелките,...

Ковачевски до Јаневска: Се затвораат училишта и се спојуваат паралелки – дали децата ќе добијат поквалитетно образование?

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, постави пратеничко прашање до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за ефектите од оптимизацијата на училишната мрежа, затворањето и спојувањето на паралелките, како и прераспределбата на наставниот кадар.

Ковачевски посочи дека демографските промени и намалувањето на бројот на ученици бараат долгорочно планирање, но побара одговор дали спроведената реорганизација навистина обезбедува подобри услови за образование или првенствено значи намалување на трошоците.

Тој побара конкретни податоци за бројот на ученици кои се префрлени во други училишта, растојанијата што треба да ги поминуваат, обезбедувањето бесплатен и безбеден превоз, условите во училиштата и статусот на наставниците кои се опфатени со прераспределбата.

Воедно, побара одговор дали постои план за задржување на искусниот наставен кадар во образовниот систем и дали ефектите од реформата ќе се мерат преку квалитетот на образованието и резултатите на учениците.

Во продолжение, интегрално го пренесуваме пратеничкото прашање на Димитар Ковачевски:

Оптимизацијата на училишната мрежа ја најавувате како една од клучните реформи во образованието, со образложение дека демографските промени, намалувањето на бројот на ученици и нерационалното користење на ресурсите бараат поинаква организација на училиштата и наставниот процес.

Никој не може да го оспори демографскиот проблем со кој се соочува државата.

Но, исто така, не може да се прифати дека секое намалување на бројот на училишта или паралелки автоматски значи подобрување на квалитетот на образованието. Напротив, вистинското прашање е дали со оваа реорганизација децата добиваат подобри услови за образование или само се намалуваат трошоците на образовниот систем.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека на почетокот на учебната 2025/2026 година во редовното основно образование биле запишани 3,6 проценти помалку ученици во однос на претходната учебна година.

Истото се случува и во средното образование, како и со намалувањето на бројот на првачиња запишани во оваа учебна година. Сето тоа е резултат на демографските фактори во изминатите децении во државата.

Овие податоци јасно укажуваат дека демографските промени имаат сериозно влијание врз образовниот систем и дека е потребно долгорочно планирање.

Но, податоците што самото Министерство ги објави на 8 мај годинава отвораат и други важни прашања.

Според Министерството за образование, две третини од училишните објекти се подрачни училишта, а во нив учат само 12 проценти од вкупниот број ученици.

Дополнително, во околу 100 училишни објекти во руралните средини учат помалку од пет деца. На 28 мај беше соопштено дека во 147 подрачни училишта во претходната учебна година немало ниту еден запишан ученик.

Потоа, на почетокот на новата учебна година, Министерството информираше дека се намалени вкупно 433 паралелки, дел во основното, а дел во средното образование, додека 26 подрачни училишта привремено се затвораат, а вкупно 148 училишни објекти практично се празни.

Истовремено, според вашите најави, наставниците треба да бидат прераспределени, доквалификувани или преквалификувани, а учениците од затворените училишта треба да продолжат со образованието во други училишни објекти.

Најавивте и дека децата нема да мора да патуваат на големи растојанија и дека ќе бидат обезбедени соодветни услови за продолжување на наставата.

Меѓутоа, досега јавноста нема целосна и транспарентна слика за реалните ефекти од оваа реорганизација.

Нема доволно информации за тоа колку ученици секојдневно патуваат подалеку, дали има организиран превоз, колку наставници навистина се прераспределени и дали во училиштата каде што се префрлени учениците постојат соодветни просторни и кадровски услови.

Затоа сметам дека е неопходно оваа реформа да се оценува и според резултатите за учениците, а не само според бројот на затворени објекти, споени паралелки и намалени трошоци.

Моето прашање до вас е поделено во две целини. Едната целина е насочена кон учениците, а втората кон наставниците.

Прво, какви се конкретните резултати од оптимизацијата на училишната мрежа во учебната 2026/2027 година?

Колку училишта и паралелки се затворени или споени, колку ученици се префрлени во други училишта и колку од нив треба да патуваат подалеку од местото на живеење?

Дали Министерството има направено анализа за просечното и максималното растојание што овие деца сега го поминуваат до училиштето, колку време им е потребно за секојдневно патување и дали за сите ученици е обезбеден бесплатен, организиран и безбеден превоз?

Исто така, дали училиштата во кои се префрлени учениците имаат доволен просторен капацитет, соодветни услови, потребен наставен кадар и можности за продолжен престој?

Дали постои посебна проценка за влијанието на оваа реорганизација врз децата од социјално ранливите семејства и од оддалечените рурални населени места?

И второ, во однос на наставниците, какви се конкретните резултати од најавената мобилност на наставниот кадар?

Колку наставници досега биле опфатени со прераспределување? Колку добиле ново работно место? Колку се во постапка на доквалификација или преквалификација? Колку сè уште немаат решен работен статус?

Колку наставници се прераспределени во предучилишното образование, имајќи предвид дека самото Министерство го посочува проширувањето на опфатот на децата во предучилишното образование како важен приоритет?

Дали постои конкретен план со рокови и финансиски средства за задржување на овие наставници во образовниот систем, наместо оптимизацијата да доведе до губење на искусен наставен кадар?

Од вас очекувам конкретни бројки, податоци и резултати за досегашната реализација, а не повторување на целите и очекуваните придобивки од реформите.

Затоа што на крајот, суштинското прашање е едноставно:

Дали оптимизацијата навистина им обезбедува поквалитетно образование на децата, кое ќе резултира со подобри резултати на ПИСА и на другите релевантни меѓународни тестирања за споредба на знаењето на децата согласно образовните системи, или само создава поевтин образовен систем?

Линк до видеото : https://youtu.be/zidpj_YE09Y?si=ljGeTZsgVvNFSX7M

Скопје, 18.11.2026

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Историски момент за „Војаџер 1“. Сонда е оддалечена еден светлосен ден од Земјата или 25,9 милијарди километри

На 17 февруари 1998 година, вселенската сонда „Војаџер 1“ стана најоддалечениот објект создаден од човекот, надминувајќи ја сондата „Пионир 10“. Оттогаш, таа постојано поставува нови рекорди во оддалеченост. 

Историски момент за „Војаџер 1“. Сонда е оддалечена еден светлосен ден од Земјата или  25,9 милијарди километри

Денес, на 18 ноември 2026 година — речиси 50 години по нејзиното лансирање — леталото достигна нова пресвртница: сега се наоѓа на растојание од еден светлосен ден од Земјата, односно приближно 25,9 милијарди километри, пренесува „Сајанс алерт“ (Science Alert).

Тоа значи дека на радиосигналите од „Војаџер 1“, кои се движат со брзината на светлината, им се потребни 24 часа за да стигнат до Земјата. Леталото продолжува сè повеќе да се оддалечува и наскоро трајно ќе остане на растојание поголемо од еден светлосен ден.

„Кога почнав да работам на проектот ’Војаџер‘ во 1977 година, немав претстава дека ’Војаџер 1‘ ќе стигне до растојание од еден светлосен ден“, изјави за ScienceAlert планетарниот научник Линда Спилкер од Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА.

„Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ беа лансирани во 1977 година за да ги истражат најоддалечените делови на Сончевиот систем. Двете летала се опремени со научни инструменти и носат пораки наменети за евентуални вонземски цивилизации. Времето на лансирање беше избрано за да се искористи реткото порамнување на планетите, кое се случува приближно на секои 176 години.

Благодарение на гравитацијата на планетите, летала успеаја да забрзаат и да го продолжат своето патување кон следната дестинација.

„Војаџер 2“ беше лансиран на 20 август 1977 година, а по него, на 5 септември, и „Војаџер 1“. Поради побрзата траекторија, „Војаџер 1“ прв стигна до Јупитер во 1979 година, а до Сатурн во 1980 година.

Неговите набљудувања открија дотогаш непознати детали, вклучувајќи активни вулкани на Јупитеровата месечина Ио и сложената структура на прстените на Сатурн.

„Војаџер 2“ го продолжи своето патување кон Уран, покрај кој помина во 1986 година, а до Нептун стигна во 1989 година.

„Не можев ни да замислам какви откритија ќе направат овие две вселенски летала за време на нивната планетарна фаза. Секоја планета и секоја месечина донесоа неочекувани изненадувања“, изјави физичарот Бил Курт од Универзитетот во Ајова.

Првото вселенско летало во меѓуѕвездениот простор

Откако ги остави планетите зад себе, „Војаџер 1“ продолжи кон работ на хелиосферата – огромен регион околу Сонцето во кој доминира сончевиот ветер.

На 25 август 2012 година, на оддалеченост од приближно 18,2 милијарди километри од Сонцето, леталото ја премина хелиопаузата – границата каде што влијанието на сончевиот ветер престанува да биде доминантно – и стана првиот објект создаден од човекот што навлегол во меѓуѕвездениот простор.

Потврдата за овој историски настан пристигна дури една година подоцна, откако научниците ги анализираа податоците за густината на плазмата и утврдија дека вселенското летало навистина се наоѓа надвор од хелиосферата.

Сè до денес, „Војаџер 1“ продолжува да пренесува вредни научни податоци. Неговите мерења покажуваат дека Сонцето има влијание врз меѓуѕвездениот простор дури и милијарди километри подалеку од хелиопаузата. Притоа, научниците истражуваат и неочекувано однесување на магнетното поле, како и флуктуации во густината на плазмата.

Уште колку долго „Војаџер 1“ ќе остане функционален? Иако осум од неговите десет научни инструменти се исклучени, „Војаџер 1“ продолжува да истражува делови од вселената до кои претходно нема стигнато ниту едно друго вселенско летало.

Неговиот нуклеарен извор на енергија губи околу четири вати моќност секоја година, што ги принудува инженерите на НАСА постепено да ја деактивираат опремата за да го продолжат траењето на мисијата.

Според проценките на НАСА, можеби ќе има доволно енергија за да остане активен барем еден инструмент сè до 2030-тите години. Сепак, тоа е далеку од 300-те години што би му биле потребни на леталото за да стигне до внатрешниот раб на Оортовиот облак – регион што се смета за дел од најоддалечените граници на Сончевиот систем.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер