Израел планира воен трибунал за 300 обвинети за нападот од 7 октомври - Канал 5

Израел планира воен трибунал за 300 обвинети за нападот од 7 октомври

Израел планира да ги изведе обвинетите за нападите од 7 октомври 2023 година пред специјален воен трибунал, објавија денеска израелските медиуми, цитирајќи ја државната обвинителка Гали Бахарав-Миара, јавува ДПА.

Израел планира воен трибунал за 300 обвинети за нападот од 7 октомври

Таа изјави дека воени обвинители, а не цивилни, ќе ги подигнат обвиненијата врз основа на закон што го поминал првото читање во парламентот.

Симча Ротман, еден од пратениците кои стојат зад законот, ги спореди планираните процедури со Нирнбершките судења од 1945 година, во кои високи нацистички воени злосторници беа изведени пред меѓународен воен трибунал.

Според израелски извори, повеќе од 3.000 членови на Хамас и други милитантни исламистички групи учествувале во нападот извршен од Појасот Газа, придружувани од палестински цивили. Се тврди дека тие убиле повеќе од 1.200 луѓе и дека земале повеќе од 250 заложници.

Според здравствениот орган контролиран од Хамас во Појасот Газа, повеќе од 72.000 Палестинци загинаа во војната што следеше кога израелските сили влегоа во регионот.

Околу 1.600 од вклучените во нападот се убиени, додека други избегале од регионот, веруваат израелските власти. Израелската веб-страница за вести „Инет“ објави дека се подготвуваат обвиненија против повеќе од 300 членови на елитната единица „Нукба“ на Хамас.

Изданието објави дека обвиненијата би можеле да вклучуваат геноцид, повреда на суверенитетот или територијалниот интегритет на државата, започнување војна, помагање на непријателот во воено време, антитерористички дела и убиство.

Израел ја укина смртната казна за убиство во 1954 година, но ја задржува за одредени случаи, како што се нацистички воени злосторници и предавство во воено време. Последното лице кое беше погубено беше високо рангираниот нацистички воен злосторник Адолф Ајхман, во 1962 година.

Кнесетот моментално дебатира за повторно воведување на смртната казна за терористички акти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Филипче за 25 години од Охридскиот договор: Соживот, а не поделби и омраза

По повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека договорот е темел на мирот, соживотот и демократската иднина на државата. 

Филипче за 25 години од Охридскиот договор: Соживот, а не поделби и омраза

Филипче нагласи дека Македонија е заеднички дом на сите граѓани и дека различностите треба да бидат наша сила, а не алатка за политички поделби и ширење омраза, но денес, наместо да се негуваат вредностите на мирот, дијалогот и меѓусебното почитување, власта на Мицкоски повторно ги разгорува поделбите и создава атмосфера на страв и омраза.

„Денеска одбележуваме 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт во 2001 година и се потврди територијалниот интегритет и демократската иднина на Македонија.

Токму најголемата сила на нашата држава е во тоа што е заеднички дом на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други наши граѓани. Различностите се дел од нашето општество и наша обврска е да ги негуваме како вредност, а не да ги користиме за политички поделби.

Охридскиот рамковен договор е потсетник дека мирот, дијалогот и компромисот се секогаш посилни од конфликтот, поделбите и омразата. По 25 години, сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување – а не со поделби, навреди и омраза.

Но токму во овие денови го гледаме спротивното. Криминалната група ВМРО и Мицкоски ја водат класичната кампања на Ванчо Михајлов - кампања за ширење омраза и поделби. Народот го нарекуваат „талог“.

Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв. Додека зборуваат за мир и соживот, во пракса прават сè за да го уништат. Македонија заслужува да биде просперитетна, интегрирана држава - дел од Европа, каде секој граѓанин ќе се чувствува сигурен во сопствената земја. Не со поделби. Не со омраза. Не со етикети како „талог“. Со вистина, со правда и со достоинство“, посочи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на измами

Превентивна активност на тема „Носи кацига“

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на измами

Денеска (13.08.2026), полициски службеници од Отсекот за превенција на СВР Тетово реализира превентивна активност на тема „Носи кацига“, насочена кон возачите на мопеди, мотоцикли и електрични тротинети, на кои им беше укажувано за обврската и потребата за носење на заштитен шлем, напоменувајќи им дека секој учесник во сообраќајот е еднакво одговорен како за својата, така и за безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. Превентивни активности за безбеден сообраќај спроведоа и полициски службеници од СВР Штип во Кочани, Штип, Пробиштип и Делчево. Овие активности имаат за цел да се зголеми нивото на сообраќајна култура и да се намали бројот на сообраќајни незгоди.

Отсекот за превенција при СВР Куманово, пак, во Куманово спроведе превентивна активност со цел информирање на граѓаните како да се заштитат од измами, особено при купување огревни дрва. На граѓаните им беше сугерирано да бидат внимателни, особено доколку некој им нуди огревни дрва по значително пониски цени, затоа што може да бидат жртви на измама, односно да не ги добијат дрвата кои ги платиле.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во текот на изминатото деноноќие 14 лица лишени од слобода поради безобѕирно управување моторно возило

Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 14 лица поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Во текот на изминатото деноноќие 14 лица лишени од слобода поради безобѕирно управување моторно возило

Од нив, 10 лица управувале моторно возило без возачка дозвола, од кои тројца малолетници. Додека, кај еден од возачите била пронајдена и бела прашкаста материја. Три лица управувале возило под дејство на алкохол, при што едно од нив учествувало во сообраќајна незгода. Едно лице управувало возило во спротивен правец во еднонасочна улица. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството за внатрешни работи апелира сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат моторно возило без возачка дозвола, доколку имаат изречена мерка за забрана за управување, ниту под дејство на алкохол. Одговорното однесување во сообраќајот е заедничка обврска и клучен предуслов за поголема безбедност на сите граѓани.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер