Израел објави нова карта на Газа

Израелската војска направи мапа на Газа која е поделена на стотици зони. Се наведува дека мапата ќе се користи за да помогне во евакуацијата.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија нова мапа, со области означени со различни бројки и објаснија како ќе им помогне на цивилите да се подготват за следната фаза од војната, пишува Би-би-си.

ИД вели дека мапата е поделена на препознатливи области за да им овозможи на луѓето да се евакуираат од одредени места заради нивна безбедност. Ова го дели Појасот Газа на зони за да им овозможи на жителите „да се ориентираат, да ги разберат упатствата и, доколку е потребно, да се преселат на безбедно од одредени локации“. Целата мапа можете да ја погледнете овде.

Да потсетиме, повеќедневното примирје меѓу Израел и Хамас заврши денеска. Израел го обвини Хамас за кршење на примирјето, велејќи дека не се придржува до договорот, додека милитантната организација ја префрли одговорноста на Западот. Владината канцеларија за медиуми во Газа, која е под контрола на Хамас, ги обвини САД и меѓународната заедница за продолжувањето на борбите во Газа, пишува Си-Ен-Ен.

Министерството објави дека САД и меѓународната заедница „носат одговорност за злосторствата на израелската окупација и продолжувањето на бруталната војна против цивилите, децата и жените во Појасот Газа“. Во соопштението се додава дека Палестинците имаат право да се бранат со сите средства и да основаат палестинска држава со главен град Ерусалим.

Коцевски: Без разлика што е во бегство, постапката за Груби продолжува

Без разлика што е во бегство, и за Артан Груби и за другиот осомничен, постапката и натаму продолжува и јавноста ќе биде известена, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за медиумите.

Без разлика што е во бегство, и за Артан Груби и за другиот осомничен, постапката и натаму продолжува и јавноста ќе биде известена, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за медиумите прашан дали има напредок во истрагата за поранешниот вицепремиер, додавајќи дека и покрај меѓународната потерница, јавните обвинители и „понатаму преземаат дејствија во однос на постапката“.

Коцевски пред почетокот на 14-тата седница на Советот на јавни обвинители прашан дали има предистрага за судијата Енвер Беџети, ставен на „црната листа“ на САД, одговори дека „заедно со тој предмет што се однесува и за судијата, и за Артан Груби и, евентуално, за друг сторител, се води предистражна постапка и понатаму ќе се види како ќе се одвива.

Соопшти дека не е почната истрага за ставањето во фиока на предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

– Истрага не, се уште се работи за предистрага, се прибираат докази и за тој предмет јавноста ќе биде известена, а во моментот за оние дејствија што се преземени од наша страна, јавноста е известена, рече Коцевски.

За финансиската истрага за случајот „Соравија“, пак, одговори дека за Дрин Ахмети има две постапки – едната се води во Јавното обвинителство за организиран криминал, а другата постапка во Основното јавно обвинителство-Скопје.

- Едната постапка е по правна помош за „Соравија“, а другата постапка е за ископина на природни минерални, рече Коцевски.

За случајот со ЕСМ, јавниот обвинител посочи дека Основното јавно обвинителство Битола води постапки за шест јавни тендери.

- Можам да истакнам сега дека интензивно се работи и плус е вклучена Финансиската полиција. Се надеваме на брзо доаѓање до евентуални докази, рече Коцевски.

На прашање дали Обвинителството го истражува сертификатот за англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, како и за голем број други спорни сертификати за кои се зборуваше во јавноста, обвинителот одговори дека за предметот со Христовски чекаат одговор на барањето што е доставено до Бугарија за меѓународна правна помош.

Како што појасни, барањето до колегите од Бугарија е дали сертификатот е издаден од надлежен орган односно школа, институција или некоја установа која во моментот давала такви сертификати и била регистрирана.

- Во однос на сертификатите, и министерот за внатрешни работи изјави дека по негово сознание има околу 500 сертификати кои наводно биле фалсификувани. Што се однесува за лицето што го спомнавте, и за тој предмет до бугарските надлежни органи доставено е барање за меѓународна правна помош, штом го добиеме, ќе постапиме и ќе се донесе јавнообвинителска одлука, изјави Коцевски.

Во врска со истрагата за струмичкиот бизнисмен за кој во последното соопштение ЈОРСМ информираше дека УЈП не нашло неправилности, Коцевски одговори дека не може да споделува детали со јавноста затоа што се работи за предистрага и, како што рече, не може да биде соопштено повеќе од даденото соопштение од Обвинителството.

На прашање како го коментира тоа што на собраниска комисија е негативно оценет Годишниот извештај на Советот за јавни обвинители и дали смета дека петтемина членови во Советот кои ги избира Собранието треба да поднесат оставка од морални причини, Коцевски одговори дека тоа не може да го коментира зашто тоа, рече, е став на Советот и е нивна морална обврска дали ќе поднесат оставка.

На истото прашање претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, за медиумите изјави дека таа го презентирала Извештајот и дека „работа на Собранието е како ќе го оцени“.

-До денес не сме известени дали е оценет, рече Димитриеска.

На прашање како го коментира ставот на експерти дека од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители треба да почнат реформите во судството, со кои ќе се подигне довербата на јавноста што сега е многу ниска, претседателката одговори дека Советот на јавни обвинители како институција „не е посочена во негативна смисла во ниту еден од извештаите - ниту на домашните ниту на странските експерти“.

- Членовите на Советот објективно, законито и непристрасно ја извршуваат својата функција во заштита на темелните вредности на државата, истакна Димитриеска.

На 14-тата седница на Советот на јавни обвинители таа предложи членови што ќе бидат координатори во подрачните виши јавни обвинителства во Битола, Гостивар, Штип и Скопје, согласно Годишниот распоред за работа на членовите на Советот. На дневен ред на седницата беше и одлуката за престанување на функцијата на јавниот обвинител Јован Серафимовски поради исполнување на условот за старосна пензија.

Намалена испорака на топлинска енергија кај потрошувачите на ЕСМ Снабдување

Намалена испорака на топлинска енергија кај потрошувачите на ЕСМ Снабдување поради зголемени загуби на вода.

АД ЕСМ Снабдување информира дека поради зголемени загуби на вода во топлификациската дистрибутивна мрежа кај дел од потрошувачите ќе има намалена испорака на топлинска енергија.

- Екипите на Дистрибуција на топлина се на терен и активно работат на изолирање на проблемот, со цел воспоставување стабилен хидрауличен режим во системот и нормализација на снабдувањето со топлинска енергија. Се користат сите расположливи ресурси, а екипите преземаат засилени мерки и вложуваат максимални напори за што побрзо воспоставување на редовно снабдување со топлина до потрошувачите, стои во информацијата од ЕСМ Снабдување.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100.

Мицкоски во Вашингтон на вечера со Битов и Павловски

Во Вашингтон имав вечера и одлична средба со Devin Nunes , претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов - американски бизнисмен со македонско потекло

Во Вашингтон имав вечера и одлична средба со Devin Nunes , претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов - американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски сопственик на Rumble групацијата, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Разговаравме за можноста за инвестиции во Македонија, за конкретни проекти од бенефит за граѓаните. Меѓу другото ги посочив напорите кои Владата ги дава за стабилизирање на економијата, рекордот кој го остваривме во привлекување на инвестиции во државата и поволностите кои се нудат. Воедно ја искористив можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за нас. Станува збор за високо позиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас, стои во објавата на премиерот Мицкоски.

притисни ентер