Израел му возврати на Иран – одмазда или најава за нова војна?

Неполна недела по иранскиот напад со дронови и ракети, Израел го возврати ударот.

Експлозии утринава одекнале во Исфахан и Табриз, градови кои се дом на неколку воени и нуклеарни бази на иранската армија. Израелските власти за сега ниту потврдуваат,ниту демантираат дека стојат зад нападот, но американските медиуми пренесуваат дека официјален Вашингтон добил претходно предупредување за можен израелски напад. Техеран пак тврди дека нападот бил минимален и не предизвикал никаква штета. Дел од безбедносните експерти во ова гледаат начин на двете страни да ја де ескалираат ситуацијата.

-Двете страни тука, се обидуваат да си го обелат образот. Можете да видите дека израелците се обидуваат да си го обелат образот со тоа што ќе направат нешто, но не премногу за да ги вознемири сојузниците претерано. А иранците, се доста внимателни да не го преувеличат ова во моментот, и да покажат дека како што ќе реагираат, може да реагираат на начин кој нема да го погоди Израел директно. - Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Иранските медиуми пак, дополнително ја минимизираат ситуацијата и обемот на нападот, прикажувајќи мирни сцени од Исфахан.

-Го гледате Исфахан кој е во целосен мир, луѓето си живеат нормално. Мислам дека два или три часа по полноќ се слушаа звуци на небото над Исфахан. Врз основа на информациите кои ги имаме, неколку мали дронови летале над небото, и врз нив било пукано, вели еден ирански новинар.

Иранската армија тврди дека нападот бил извршен со дронови, а звуците над Исфахан биле од воздушната одбрана која ги уништила сите летала. Воените бази според нив, немале никаква штета во нападот.

-Во Зардањан областа на Исфахан, постројката за нуклеарна енергија помеѓу 4.30 до 5.30 часот наутро се слушаше пукање, но тоа не беше ништо, само звукот на воздушната одбрана. Војниците кои ги гледате тука се сигурни и безбедни, барем во оваа област каде што сме. Ништо не беше погодено или уништено било каде. - Иранска републиканска гарда

-Иранците тврдат дека пресретнале неколку дронови и никој од нив не се пробил, тоа е малку веројатно, бидејќи Исфахан е илјада милји од Израел и никој при здрав разум не би испратил дронови илјада милји.- Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Тензиите меѓу Израел и Иран се зголемија по експлозијата во иранскиот конзулат во Дамаск во која неколку ирански државјани го загубија животот, а Техеран прстот за тоа го впери кон израелските власти. Токму тоа беше и причината минатата недела Иран со над 300 беспилотни летала и проектили да го нападне Израел, чин за кој израелските власти најавија дека ќе се одмаздат.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер