Израел денеска ги повика Палестинците во неколку области на градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат во, како што ја нарече, проширена хуманитарна област во Ал-Маваси, што е дополнителен показател дека израелската војска продолжува со плановите за копнен напад врз Рафа.
Во објава на социјалната мрежа Х, воениот портпарол исто така ги повика жителите и раселените лица во областа Џабалија во северна Газа и 11 други населби во енклавата веднаш да одат во засолништата западно од градот Газа.
Според палестинската новинска агенција ВАФА, 24 Палестинци биле убиени во текот на ноќта откако израелски воени авиони нападнале неколку области во центарот на Газа.
И покрај големиот притисок од САД и загриженоста изразена од жителите и хуманитарните групи, Израел рече дека ќе продолжи со упадот во Рафа, каде што повеќе од милион раселени луѓе побараа засолниште за време на седуммесечната војна.
Израелската војска соопшти дека досега околу 300.000 жители на Газа се преселиле кон Ал-Маваси.
Израел вели дека не може да победи во војната без да ги искорени илјадниците борци на Хамас за кои верува дека се распоредени во Рафа.
Израелските тенкови вчера го зазедоа главниот пат што ги дели источните и западните делови на Рафа, практично опколувајќи ја источната страна во нападот што предизвика Вашингтон да ја прекине испораката на дел од воената помош за својот сојузник. Белата куќа соопшти дека „со загриженост ги следи операциите на Израел“.
Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Во израелската воена операција во Газа, за која Израел вели дека има за цел да го елиминира Хамас, загинале близу 35.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.
Администрацијата на САД вчера соопшти дека употребата на оружје од страна на Израел може да го прекрши меѓународното хуманитарно право за време на операцијата во Газа, што е најголемата критика на Израел досега.
Но, администрацијата не даде конечна оценка, велејќи дека поради хаосот на војната, не може да провери конкретни случаи во кои употребата на ова оружје можела да биде вклучено во наводните прекршувања.