Истражување на ЦИКП: Правниот систем во земјава не овозможува примена на новите облици на вработување

Во земјава правниот систем не ги препознава новите облици на вработување кои се проследени со нови начини на извршување на работните задачи, ниту овозможува нивна примена. 

Договорите за вработување кои овозможуваат одредена флексибилност за работниците и работодавачите не се секогаш јасно, прецизно уредени во практиката и затоа се избегнува нивна примена, пред се заради правната несигурност која ја имаат работодавачите. Иако не се законски уредени определени облици на вработување неформално се применуваат од страна на работодавачите и работниците.

Ова денеска го истакна Кристијан Трајковски, истражувач од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) презентирајќи ги наодите добиени од истражувањето на репрезентативен примерок на работната сила од 1.089 испитаници од земјава што го спроведе ЦИКП во рамки на проектот „Прилагодување на индустриските односи кон новите облици на работа".

Повеќе од 29 проценти од испитаниците, како што рече Трајковски, сметаат дека Законот за работните односи е рестриктивен, а слично е мислењето и во однос на даночните закони, односно 26 проценти сметаат дека даночните закони се рестриктивни во однос на обликот на работа.

Според истражувањето, лицата во земјава се најчесто вработени на неопределено време, односно речиси 71 процент од вработените лица имаат склучено договор за вработување на неопределено време, додека 20 проценти имаат договор на определено време.

Најголемиот дел од испитаниците, 58,2 посто работат во приватниот сектор, 31 процент во јавниот сектор, останатите работат во организација или компанија со јавно приватно партнерство, како и граѓанскиот сектор со 1,9 проценти.

Вкупно 89,9 проценти од работниците вообичаено или воопшто не го менуваат своето работно место, додека речиси осум проценти, често или многу често го менуваат.

– За граѓаните изучувањето на странски јазик се смета како способност која им е потребна за да најдат добра работа, односно работа со која се покриваат сите задолжителни придонеси, стандардно вработување каде работникот е заштитен и неговите права не се експлоатирани. Покрај странскиот јазик граѓаните сметаат дека им се потребни комуникациски вештини за да најдат добра работа, но висок е процентот и на оние испитаници кои сметаат дека им се потребни ИКТ вештини односно познавање на новите технологии со цел да најдат добра работа односно да се вработат на место каде што сакаат, потенцира Трајковски.

Препораките на ЦИКП се дека новите облици на вработување треба да бидат дизајнирани на начин што ќе придонесе сигурност и заштита на работниците, истовремено овозможувајќи флексибилност која им е потребна на работодавачите особено во услови на лоши економски состојби. Овие нови облици, како што рече Трајковски, треба да бидат дефинирани и уредени на начин што ќе биде разбирлив за работодавачите, работниците и нивните претставници, но евидентно е дека честата промена на правната рамка во однос на овие прашања предизвикува конфузија и чувство на несигурност кај целните групи./МИА

Најмалку 10 загинати или повредени во напад во болница во Кина

Неколку лица се убиени или повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА, повикувајќи се на кинеската агенција Ксинхуа.

ДПА пренесе дека во нападот имало најмалку 10 жртви, но првично не било јасно колку се повредени, а колку загинале.

Во првичните извештаи од настанот немало информации за осомничениот сторител.

Според Ксинхуа, нападот се случил во раните попладневни часови во болница лоцирана во провинцијата Џенксионг во јужната кинеска провинција Сечуан.

На кинеската социјална мрежа Веибо, слична на X, корисниците споделуваа видеа на кои се гледа апсењето на осомничениот сторител.

Најстудено утрово во Лазарополе

 Најниска температура утрово е измерена во Лазарополе од 3 степени Целзиусови.

Следат Берово и Попова Шапка со 5 степени, 6 во Претор, 7 во Крива Паланка и Охрид, 8 Тетово, Маврови Анови, Битола, Демир Капија, 9 Скопје-Петровец, Прилеп, Гевгелија, Велес, 10 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Куманово, Крушево, Дојран, Кавадарци и 11 степени во Виница.

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне и во текот на ноќта ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 20 до 27 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од јужен правец. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе достигне до 27 степени.

Вембањама прогласен за дебитант на годината во НБА

 Центарот на Сан Антонио, Виктор Вембањама е прогласен за најдобар дебитант на годината во НБА, објавено е на официјалната веб-страница на лигата.

Дваесетгодишниот Французин во гласањето освои 495 поени. Второто место му припадна на кошаркарот на Оклахома, Чет Холмгрен со 295 поени, додека трет е членот на Шарлот, Брендон Милер со 86 поени.

Вембањама беше избран од Сан Антонио како прв пик на драфтот на НБА во 2023 година.

Во сезоната 2023/24, кошаркарот учествуваше на 71 натпревар од регуларниот дел од сезоната, со просек од 21,4 поени, 10,6 скока и 3,9 асистенции по натпревар.

Сан Антонио заврши на 14. место во Западната конференција и не успеа да се квалификува за плејофот.

притисни ентер