Истекува мерката за ограничување на маржите - Канал 5

Истекува мерката за ограничување на маржите

Доколку има злоупотреби ќе следуваат нови поригорозни мерки.

Истекува мерката за ограничување на маржите

Истекува мерката за ограничување на цените и маржите што ја воведе Владата пред рамазанските и велигденските празници. Од Министерството за економија и труд велат дека прво ќе ги согледаат конечните резултати што ги даде мерката, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму. Доколку има злоупотреби најавуваат нови поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека ќе има ограничување на маржите за речиси сите производи или зголемување на вредноста на ограничувањето на маржите доколку по завршувањето на владината мерка Државниот пазарен инспекторат утврди девијантно однесување од страна на маркетите и енормно зголемување на цените.

Како што вели, ограничувањето на маржите до 10 отсто дало резултати и се намалени цените на храната и пијалаците.

-Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека мерката дава резултати, односно во март имаме инфлација од 2,7 проценти, а споредено со февруари имаме дефлација за 1,3 проценти, во делот на храна и пијалаци. Истите информации покажуваат дека и овој месец цените во делот на храна и пијалаци се намалени, така што оваа мерка дава резултати. Со Државниот пазарен инспекторат ќе бидеме на терен, ќе ги следиме цените ако има девијантно однесување од страна на маркетите или ако има енормно зголемување на цените нормално дека ќе одиме пак со нови мерки, изјави неодамна Дурмиши.

Ако трговците не се однесуваат како што треба или пак ги зголемуваат цените најави дека ќе има поригорозни мерки од тие што ги имавме досега.

-Ако сега се опфатени 102 групи на основни прехранбени и непрехранбени производи тоа значи дека ќе опфатиме уште повеќе групи. Со одлуката што ќе ја донесеме за ограничување на маржите, ќе ги опфатиме скоро сите производи што ги имаат синџирите на маркети или вредноста на ограничувањето на маржите ќе биде поголема, рече Дурмиши.

Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески вчера посочи дека досегашните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека се добри резултатите од воведувањето на мерката, но кажа дека ќе ги чекаат крајните резултати кои ќе бидат готови наредната недела за да одлучат што ќе прават понатаму.

-Ако има потреба би продолжиле со мерката, а ако нема тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените, изјави Ристески.

Се надевам, додаде, дека поучени од минатото сите учесници во синџирот на трговија веќе ја научија лекцијата дека пред се треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард.

-Сите заедно треба да направиме се за да го заштитиме стандардот на граѓаните и да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и цените кога нема економски прилики за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата, посочи Ристески.

На предлог на Министерството за економија и труд од 20 март годинава се применува ограничена бруто профитната маржа на 102 групи на производи и за утврдување на највисоки цени на осум групи на прехранбени производи. Мерките истекуваат денеска.

Со измени на Законот за заштита на потрошувачи, што стапија во сила на 18. месецов, трговците на мало се обврзани јавно да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници и да ги ажурираат секој ден до 10 часот.

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предлага да се направи алатка за компаративна споредба на цените на производите, а од Министерството за економија и труд велат дека е потребно да помине еден месец од имплементацијата на обврската за да се согледаат резултатите, но не ја исклучуваат можноста да има општа веб-страница на која граѓаните ќе може да ги проверуваат цените на производите.

Се уште се анализира дали во просечната потрошувачка кошничка што ја подготвува Министерството економија и труд ќе се однесува на тричлено или четиричлено семејство. Како што изјави завчера ресорниот министер, се дискутира на таа тема, ги анализираат сите податоци, ќе се земе мислење од сите претставници во работната група и ќе се излезе со заеднички став.

- Имаме драфт верзија на која се дикутира, а во наредниот период во најкраток рок ќе биде достапна за граѓаните, новинарите, синдикатите. Направивме многу добра просечна потрошувачка кошница со податоци од релевантите институции, ќе ги опфати сите граѓани, точно ќе биде прецизирано точно кои производи во кој временски период се трошат, а ќе биде прецизирано и од каде се земени цените - ќе се земат од повеќе трговци не само од два или три како што е во синдикалната кошница, ќе биде земе во предвид и колку членови на семејствата ќе се опфатат. Работиме во оваа насока, Работната група работи веќе два месеца работи, мислам дека идниот месец ќе го имаме документот, ќе биде разгледан првин од другите членови на Владата и кога ќе се утврди резперезентативност на синдикатите ќе се достави и до ЕСС, ќе се разгледа, ќе се гласа и ќе биде достапна за граѓаните, изјави Дурмиши, на новинарско прашање.

Минималните трошоци во мај зголемени за 1.217 денари, од ССМ бараат раст на платите

 Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во мај се зголемени за 1.217 денари во споредба со април, покажуваат податоците што денеска ги објави Сојузот на синдикати на Македонија. 

Минималните трошоци во мај зголемени за 1.217 денари, од ССМ бараат раст на платите

Вредноста на синдикалната минимална кошничка, според објавените податоци, во мај изнесува 63.908 денари што е за 1.217 денари повеќе во однос на априлската синдикална кошничка која изнесуваше 62.691 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати синдикалната кошничка изнесува 79.283 денари.

Трошоците за храна и пијалоци во синдикалната кошничка во мај изнесуваат 22.434,00 денари и се за 954 денари зголемени во споредба со април.

- Евидентно е дека без мерки, цените неконтролирано се зголемуваат, а предизвикот со високите цени особено на основните прехранбени производи прави огромен притисок врз ниските плати на работниците во Македонија. Во услови на зголемени трошоци за живот, зголемената вредност на Синдикалната минимална кошница особено по завршувањето на мерките на Владата упатува на тоа дека е потребен раст на платите. Денеска е повеќе од јасно дека за растот на платите не говориме само ние од ССМ, туку се погласно зборуваат работниците и граѓаните кои на свој грб ја чуствуваат оваа неправда, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Лавров: Путин му ја потврди на Трамп целта за праведно решение во Украина

Претседателот на Русија, Владимир Путин, му ја потврди на претседателот на САД, Доналд Трамп, посветеноста на Москва за постигнување праведно решение за конфликтот во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Лавров: Путин му ја потврди на Трамп целта за праведно решение во Украина

Лавров потсети на цврстиот став на Русија за „праведно решавање на украинската криза создадена од Запад“, нагласувајќи дека тој став Путин вчера уште еднаш јасно го потврдил по телефонскиот разговор со Трамп.

Путин претходно изјави дека разговорот со Трамп траел повеќе од два часа и оти бил „содржаен и искрен“.

Тоа беше трет телефонски разговор меѓу лидерите на Русија и САД од почетокот на годината.

Путин додаде дека Трамп во разговорот истакнал дека Русија се стреми кон мирно решение во Украина.

Агентот на Клоп негира дека тренерот се согласил да ја преземе Рома

Агентот Марк Косицке, кој ги застапува интересите на поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп, одговори на информациите за можното назначување на неговиот клиент во Рома.

Агентот на Клоп негира дека тренерот се согласил да ја преземе Рома

Претходно ова го објави италијанскиот весник „Ла Стампа“.

-Клоп ќе биде тренер на Рома? Ова не е вистина - изјави Косицк за „Winwin“.

Педесет и седумгодишниот Германец го напушти Ливерпул во летото 2024. Тој беше на чело на премиерлигашот од 2015. Пред ова Клоп работеше во Борусија Дортмунд и Мајнц.

Од јануари Клоп е раководител на фудбалскиот оддел во корпорацијата Ред Бул.

притисни ентер