Иран и САД си разменија по петмина затвореници, плус 6 милијарди замрзнати долари

Петмина ирански државјани кои биле приведени во САД се ослободени, јави денеска иранската Прес ТВ, наведувајќи дека двајцата ослободени се на пат за Техеран.

Прес ТВ претходно објави дека Мехрдад Моин-Ансари и Реза Сархангпур-Кафрани слетале во Доха од САД.

Во меѓувреме, пет американски државјани денеска го напуштија Иран и слетаа во Доха како дел од размената на затвореници со САД и трансферот на 6 милијарди американски долари ирански пари замрзнати од САД.

Американските власти на меѓународниот аеродром во Доха пречекаа петмина Американци кои беа ослободени од притвор во Иран, а Американците биле придружувани од швајцарскиот амбасадор во Иран за време на летот за Доха.

Претходно денеска, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи потврди дека од петте Иранци затворени во САД, само двајца се враќаат во Иран, додека двајца побарале да останат во САД, а петтиот рекол дека сака да оди во неименувана земја во која ќе му придружи на неговото семејство.

Украина уништи 10 дронови лансирани од Русија

Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека украинските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта ги уништиле сите десет беспилотни летала лансирани од Русија против Украина, пренесоа британските медиуми.

Беспилотните летала се уништени над регионите Запорожје и Дњепропетровск во Украина, соопшти украинското воздухопловство на апликацијата за комуникација Телеграм./МИА

Регионална конференција за интернет-слобода

Во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) од денеска до 20 јуни во Скопје ќе се одржи регионална конференција за интернет-слобода.

На конференцијата, како што најавуваат од БИРН, ќе присуствуваат експерти од областа на дигиталните права и слободи од сите релевантни полиња, како и на институции задолжени за политиките поврзани со интернетот.

Меѓу нив ќе има владини претставници, граѓански организации, активисти за дигитални права, академици, новинари и ентузијасти за технологија и интернет политики од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.

-Во текот на трите дена од настанот, говорниците и учесниците ќе разговараат за дигитално управување, приватност и заштита на податоците, за онлајн дезинформации и насилен екстремизам, за одговорна употреба на вештачка интелигенција, за родово засновано насилство преку информатичките и комуникациските технологии (ИКТ), како и за регионалните иницијативи за управување со интернетот каде учествуваат повеќе засегнати страни. се вели во соопштението од БИРН.

Конференцијата ќе ја отворaт Ана Петрушева, директорка на БИРН Македонија и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Настанот, посочуваат од БИРН, ќе резултира со клучни пораки кои ќе бидат вклучени во натамошното креирање препораки, како и подобрување во известувањето и подигнувањето на свеста за медиумите и форумите за политики на национално, регионално и меѓународно ниво од гледна точка на Западен Балкан. Тој е организиран како дел од проектот Известување за дигитални права и слободи и е поддржан од Европската комисија./МИА

Свечена академија по повод 65-годишниот јубилеј на ФЕИТ

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот„Св. Кирил и Методиј“ – Скопје вечер ќе одржи Свечена академија по повод одбележување на својот 65-годишен јубилеј.

На академијата, како што најавуваат организаторите, треба да се обратат Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ, Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како и претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска – Давкова.

По завршување на Академијата ќе бидат промовирани и дипломираните инженери и магистри на Факултетот. /МИА

притисни ентер