Инцидент во Нов Белград: Со автомобил влетала во насобраните граѓани и удрила студентка (Видео)

Непознато женско лице удрило студентка на улицата „Јуриј Гагарин“ во Нов Белград откако со своето возило влетала во насобраните граѓани.

Полицијата во цивилна облека, која ги придружуваше учесниците на протестот во Нов Белград, запре жена која се обидела да побегне.

Таа со својот автомобил ги удрила редарите на почетокот на колоната, а потоа продолжила понатаму, удирајќи уште неколку од нив.

Жената која го управувала автомобилот исфрлила настрана неколку полицајци, додека претходно на хаубата ја носела повредената девојка.

Како што јавуваат српските медиуми, девојката е тешко повредена, свесна е и згрижена од екипа на Брза помош.

Во Србија денеска е генерален штрајк кој студентите во блокадата го најавија претходните денови. На штрајкот, покрај универзитетите низ државата и дел од основните и средните училишта, се огласија и многу компании, културни институции, угостителски објекти, мали претпријатија, организации, како и синдикалците во државните претпријатија и градските администрации.

Граѓаните денеска се собираат во градовите низ Србија за да ги поддржат барањата на студентите.

Украина вели дека контролира 500 квадратни километри во руската област Курск

Украина денеска соопшти дека контролира 500 квадратни километри во руската област Курск, територија што Киев има намера да ја користи како договор за пазарење со Москва.

-Имаме своја безбедносна зона на територијата на Руската Федерација ..., која зафаќа околу 500 квадратни километри“, изјави на Фејсбук врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски.

Ова тврдење не е независно потврдено./МИА

Трамп: Украина нема да биде исклучена од можните мировни преговори со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина ќе добие место на маса во какви било преговори со Русија за ставање крај на војната.

Во изјавата за новинарите во Белата куќа, американскиот лидер повтори дека воениот конфликт во источноевропската земја мора да заврши. /МИА

Руте: САД се трајно посветени кон силен НАТО

Трошоците за одбрана веќе растат, порача Руте. 

Новиот американски секретар за одбрана Пит Хегсет на денешното заседание на Северноатлантскиот совет пренесе јасна порака за трајната посветеност на САД кон силен НАТО и за јасните очекувања на Америка сите сојузници да го преземат својот фер дел од товарот, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

- Сите сојузници и Украина се обединети во нивната желба за мир во Украина. Сите се согласуваме дека треба да ја доведеме Украина во најдобра можна позиција за преговори. И ни треба одржлив и траен мир, а не Минск Три. Не можеме да дозволиме претседателот (на Русија, Владимир) Путин да победи, порача Руте на прес-конференцијата по завршувањето на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.

Руте информира дека на средбата, на која учествуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски, биле одобрени плановите предложени од врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генерал Кристофер Каволи за зајакнување на одвраќање и одбраната на НАТО, со цел, како што рече, „да можеме да ги заштитиме нашите една милијарда луѓе“.

- За да се осигураме дека сме целосно подготвени да ги реализираме овие планови и во иднина, ни требаат повеќе воени капацитети, а за тоа ни треба значително поголеми одвојувања за одбраната. Нема време за губење. Од тоа зависат нашата континуирана слобода и просперитет.

Трошоците за одбрана веќе растат, порача Руте.

Тој потсети дека земјите членки на НАТО и Канада од 2014 година значително ги зголемија своите издвојувања за одбрана, а само лани во одбранбените потреби инвестирале 485 милијарди американски долари, што за 20 отсто повеќе во споредба со 2023 година.

- Но, треба да направиме повеќе, многу повеќе. И ние треба да го направиме тоа побрзо. Од нашите денешни дискусии е јасно дека сојузниците ја препознаваат потребата да инвестираат многу повеќе. Неколкумина на денешната средба најавија значителни зголемувања на трошоците. И очекувам многу министри да се вратат дома од денешниот состанок со уште поголемо чувство за итност, потенцира Руте.

Тој нагласи дека министрите разговарале и за потребата од зголемување на одбранбеното производството, паралелно со зголемувањето на трошоците за одбрана.

- Нашата индустрија мора да биде способна да го произведе она што дополнителните пари ни дозволуваат да го набавиме. Веќе видовме значително зголемување на одбранбеното производство ширум Алијансата во последниве години. Ние произведуваме повеќе и побрзо од кога било во последните децении. Но, можеме и мораме да направиме повеќе, додаде генералниот секретар на НАТО.

Според Руте, за да се обезбеди кредибилитетот на напорите на НАТО за одвраќање и одбрана во следните години, земјите членки треба да се префрлат на размислување како во за време на војна, на тоа треба да се прилагоди и индустријата.

- Индустријата презеде чекори за подобрување на производствените капацитети, но таа може подобро. Сигналите за (зголемената) побарувачка се јасни и тие ќе продолжат да растат. Денеска договоривме ажуриран Акциски план за обнова на силна одбранбена индустрија од двете страни на Атлантикот, информира Руте, додавајќи дека силната одбранбена индустрија ќе ја направи Алијансата посилна и ќе создаде повеќе работни места во Европа и Северна Америка.

Руте соопшти дека на денешното заседание на Советот НАТО-Украина, што се одржа во рамки на министерската средба, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ги информирал своите колеги за најновите случувања на теренот, а американски секретар Хегсет, пак, ги запознал со иницијативата на претседателот на САД, Доналд Трамп за мировни преговори за ставање крај на конфликтот во Украина.

- Разговаравме за важноста на нашата континуирана поддршка за Украина, што е клучно за да може оваа брутална војна на агресија да дојде до праведен и траен крај, рече Руте.

Тој посочи дека се разговаравме и за потребата европските сојузници и Канада да вложат повеќе напори во обезбедувањето безбедносна помош за Украина.

- Сојузниците вчера и денеска најавија нови пакети воена поддршка. Ова ќе и помогне на Украина во нејзината сегашна борба и да ги изгради своите вооружените сили на долг рок. Сето ова испраќа јасен сигнал дека Европа и Канада преземаат поголем дел од трансатлантското споделување на товарот, додаде Руте.

На почетокот на прес-конференцијата Руте се осврна и на денешниот инцидент во Минхен во кој се повредни најмалку 28 лица, од кои неколкумина потешко, кога автомобил влета во група луѓе, нагласувајќи дека е изразува шок и тага од овој, како што рече, по се изгледа намерен напад.

- Изразуваме солидарност со нашата сојузничка Германија и нашите мисли се со жртвите и нивните најблиски, истакна Руте./МИА

притисни ентер