Инцидент на пробата на Евросонг: Палестински симболи за време на настапот на Израел

За време на последната проба, односно претпремиерата на втората полуфинална вечер на Евровизија, се случи инцидент во публиката.

Додека претставничката на Израел настапувала, двајца мажи држеле забранети пропалестински симболи - знаме и шамија популарно наречена „палестинка“.

Обезбедувањето веднаш им ги одзеде симболите и ги спроведе надвор од салата.

Организаторите на Евровизија претходно објавија дека „го задржуваат правото да ги отстранат сите палестински знамиња и пропалестински симболи за време на натпреварот“. Тоа значи дека е забрането внесување пропалестински симболи во салата, а надзорот се очекува да биде особено строг вечерва кога Израел ќе настапи во втората полуфинална вечер.

Мишел Роверели, менаџер за комуникации за натпреварот, додаде дека на посетителите им е дозволено само да носат и истакнат знамиња што ги претставуваат земјите што учествуваат на настанот, како и знамето на ЛГБТ со виножито.

„ЕБУ го задржува правото да ги отстрани сите други знамиња или симболи, облека, предмети и банери што се користат за веројатна цел за инструментализација на ТВ шоуто“, додаде таа.

Пропалестински и антиизраелски групи денеска организираа големи протести во Малме.

Шведската полиција проценува дека пропалестинскиот марш во центарот на Малме вклучувал до 8.000 луѓе кои носеа палестински знамиња и шамии, тапани, свирчиња, звучници и факели и извикуваа слогани како што се: „Ова е геноцид“, „Сите деца се еднакви“ и Шведска ве разбуди!"

Шведските медиуми јавуваат дека во протестите учествуваат граѓани од цела Шведска, како и од Данска, Франција и Португалија. Во протестната поворка има дури и семејства со мали деца и стари лица во колички и со патерици. Полицијата соопшти дека засега нема инциденти.

Некои медиуми јавуваат дека на протестот учествувала и познатата активистка за климата Грета Тунберг, која рече: „Прекрасно е да се види дека овде има толку многу луѓе кои се залагаат за Палестина“.

Потсетуваме, израелската евровизиска претставничка Еден Голан беше исвиркана од публиката на втората генерална проба, а на Твитер се проширија снимки од Малме Арената каде се одржува натпреварот. Таа, пак, вели дека се надева оти нејзиниот настап ќе помогне да се обединат луѓето. „Ова е многу важен момент за нас, особено оваа година“, изјави таа за Ројтерс во интервју оваа недела. „Се чувствувам почестена што имам можност да бидам гласот на мојата земја.“

Наградени најдобрите студенти на УКИМ за учебната 2022/2023 година

Во аулата на Ректоратот на УКИМ, денеска беа доделени награди на најдобро дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година, а во рамки на свеченостите по повод патрониот ден и одбележување 75 години од постоење на Универзитетот. 

На редовни студенти од завршниот семестар во прв циклус студии кои покажале особени резултати во студиите, им беше врачена наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија.

Наградите ги врачи ректорката на УКИМ, професор доктор Биљана Ангелова, а од Александар Стамболиев беше доделена наградата од Фондацијата „Стамболиев“.

Најдобриот студент на Медицинскиот факултет, Леонид Рене Томас Караџинов во изјава за МИА рече дека планот му е да остане во нашата држава.

- Одлуката ја темелам врз тоа што генерално целото семејство и поддршка ми се тука, не гледам причина да одам во странство. Во моментов цврсто сум убеден дека тука ќе ги барам моите почетоци за кариерата. Понатаму, ништо не е исклучено за во иднина. Но, се надевам дека тука ќе останам и понатаму за да придонесувам во здравството и во развој на целата здравствена грижа, изјави тој за МИА.

Една од наградените, Ана Софеска пред присутните рече дека времето што го поминале овде ги опремило со знаење, вештини и со самодоверба за да дадат значаен придонес во нашата татковина.

- Им честитам на моите колеги и знам дека иднината ќе биде светла, затоа што секој од нас ќе продолжи силно да блеска во своите полиња, кажа Софеска, која се обрати во име на сите добитници.

Награда за најдобро дипломиран студент добија Ангела Мешкова, Матеа Ташковска, Дејан Радуловски, Деспина Буцевска, Руфија Идризовска, Ана Софеска, Леонид Рене Томас Караџинов, Благоја Атанасоски, Виктор Мегленовски, Кристина Стоилковска, Габриела Козарова, Теодора Мазнева, Виктор Игнов, Марко Милчевски, Ања Митиќ, Марија Митевска, Ања Филипова, Теа Костадинова, Акса Зулбеари, Егзона Муртезани, Мергим Фера, Јана Панчевска, Ева Зовиќ, Иван Станишковски и Дамјан Наумовски.

Добитници на наградата „26 јули“ се Давид Стојаноски, Дејан Радуловски, Ана Софеска, Габриела Козарова, Кристина Стоилковска, Ања Филипова и Ева Зовиќ.

Наградата од Фондацијата „Стамболиев“ му припадна на Виктор Игнов.

Покрај наградените и членови на нивните семејства, на свеченоста присуствуваа и проректорите на Универзитетот, генералниот секретар, претседателот на Универзитетскиот сенат, деканите на факултетите.

На настанот беше кажано дека Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и понатаму ќе биде отворен за сите идни достигнувања на студентите.

Позната причината за хеликоптерската несреќа на Ебрахим Раиси?

Причина за тешкото слетување на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Ебрахим Раиси се лошите временски услови, изјави иранскиот амбасадор во Белорусија, Саид Јари. 

Иранскиот амбасадор во Минск изјави дека специјалната комисија ќе ги утврди точните причини за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси и ќе ги проучи временските и техничките услови. Покрај Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, идентификувани се уште три лица кои загинаа во хеликоптерска несреќа во северозападен Иран, објави денеска иранската државна новинска агенција ИРНА.

Во хеликоптерската несреќа живото го загубила и имамот во градот Табриз, ајатолахот Мохамад Али Ал-е Хашем, началникот на иранската провинција Источен Азербејџан, генерал Малек Рахмати и командантот на единицата за заштита на претседателот, Сардар Сејед Мехди Мусави. Загинаа и одреден број телохранители и екипаж на хеликоптер кои се уште не се идентификувани.

Кина: Обидите за воспоставување независност на Тајван се осудени на неуспех

Сите обиди за воспоставување на независност на кинескиот регион Тајван осудени се на пропаст, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи откако Лаи Чинг-теа ја презеде функцијата претседател на Тајван.

- Независноста на Тајван претставува ќорсокак, се истакнува во соопштението.

Додека кинеската Канцеларија за Тајван соопшти дека Лаи за време на инагурацијата испратил „опасни“ сигнали со цел да го поткопаат мирот и стабилноста.

- Актуелната ситуација во Тајванскиот Теснец е комплицирана и мрачна, соопшти Канцеларијата како одговор на инаугуративниот говор на Лаи.

Лаи ја презеде функцијата денеска и во својот инаугуративен говор побара од Кина, како што рече, да ги прекине своите воени и политички закани.

- Ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со неа за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец и во регионот, за светот да не мора да се плаши од избувнување на војна... Ние исто така сакаме да му соопштиме на светот: Тајван не прави компромиси за демократијата и слободата. Мирот е единствениот пат и нашата цел е долгорочен мир и стабилност, истакна Лаи.

Лаи (64) беше избрана на претседателските избори одржани во јануари и ја презеде функцијата од Цаи Инг-вен, која беше потпретседател за време на нејзиниот мандат во последните четири години.

Тој ја презеде функцијата од поранешната шефица на државата Цаи Инг-вен, чиј потпретседател беше во изминатите четири години, посочи дека луѓето мора да бидат реални и да ги сфаќаат сериозно заканите и оти Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

- Драги сограѓани, мирот е нашиот идеал, но не смееме да имаме илузии. Пред Кина да се откаже од употребата на сила за да го нападне Тајван, граѓаните мора да знаат: Дури и ако ги прифатиме сите барања на Кина и се откажеме од нашиот суверенитет, амбициите на Кина нема да исчезнат, истакна Лаи.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај соопшти дека шест кинески авиони ја преминале линијата во средина во Тајванскиот теснец, која претходно служела како неофицијална граница, но Кина не ја признава.

притисни ентер