Има ли АЕК двојни стандарди кога се во прашање навивачите? - Канал 5

Има ли АЕК двојни стандарди кога се во прашање навивачите?

 Динамо Загреб и полицијата се целосно одговорни за тоа што се случи, полицијата затоа што дозволи конвојот да ја помине цела Грција, рече во август 2023 година извршниот директор на ФК АЕК, Јоргос Космас.

Има ли АЕК двојни стандарди кога се во прашање навивачите?

Динамо Загреб и полицијата се целосно одговорни за тоа што се случи, полицијата затоа што дозволи конвојот да ја помине цела Грција, рече во август 2023 година извршниот директор на ФК АЕК, Јоргос Космас откако во земјата беа пуштени околу 150 навивачи на хрватски Динамо, од кои поголемиот дел без билети, за натпреварот во квалификациите за Лигата на шампиони, кога се случија сериозни инциденти и беше убиен навивач на АЕК, со што се поставува и прашањето дали атинскиот клуб има двојни стандарди кога се во прашање навивачите?

Како што јави дописничката на МИА од Атина, пред две години ФК АЕК ја обвинуваше полицијата што ги пуштила хрватските навивачи во Грција во пресрет на фудбалскиот натпревар со Динамо Загреб, сега, две години подоцна РК АЕК (индиректно) ги обвинува македонските власти што не ги пушти нивните навивачи на натпреварот со Алкалоид.

Иако не станува збор за исто раководство или за ист случај со оглед на тоа што пристигнувањето на навивачите на Динамо во Атина резултираше со сериозни инциденти и еден убиен, сепак и тогаш и сега протагонист е АЕК и ставот во однос на навивачите, на својот или на другиот тим – во зависност од околностите.

Во неделата одбија да играат и беше одложен натпреварот со Алкалоид затоа што нивните навивачи беа запрени на граница, но од друга страна, пред две години пак имаа сосема спротивен став, кога навивачи на гостински тим беа пуштени да влезат во Грција – тогаш ја обвинија грчката полиција дека пуштила хрватски навивачи.

На 8 август 2023 година, ФК АЕК требаше да биде домаќин на Динамо Загреб во третото квалификациско коло во Лигата на шампиони, но ден претходно, пред стадионот во атинската населба Неа Филаделфија имаше сериозни инциденти меѓу навивачите на грчкиот и хрватскиот тим, а 29-годишен навивач на АЕК беше прободен со нож по што им подлегна на повредите.

Извршниот директор на ФК АЕК, Јоргос Космас, тогаш директно го обвини Динамо Загреб за инцидентите и убиството велејќи дека хрватскиот тим „е апсолутно одговорен што организирана група криминалци од Хрватска тргна организирано од Загреб за да го предизвика она што го предизвика“.

- Вториот главен виновник е полицијата која дозволи конвојот да ја помине цела Грција и да стигне до Атина и да го одржат планираниот „состанок“ со организираните криминални навивачи на друг грчки тим. И заедно им дозволи да стигнат до Нова Филаделфија. Динамо Загреб и полицијата се целосно одговорни за тоа што се случи, рече тогаш Космас.

Тогашниот министер за заштита на граѓаните на Грција, надлежен за полицијата Јанис Иконому во интервјуто за грчката телевизија „Алфа“ рече дека постоел „трагичен неуспех“ на полицијата да го спречи и запре патувањето во Атина на навивачите на Динамо Загреб, а говореше и за оперативни грешки и неискористување на информациите.

За пропустите на грчката полиција, сведочеа и документите објавени во медиумите, според кои полицијата била информирана дека во Атина доаѓаат навивачи на Динамо Загреб, информации кои стигнале и од хрватските и од црногорските власти.

- Во однос на преминувањето на грчката граница на навивачите на Динамо Загреб, нивното патување во Грција и нивното пристигнување на местото на инцидентите, нема да штедам зборови, недозволиво и неприфатливо е, бидејќи е под можностите и докажаните способности на грчката полиција, која иако брзо уапси 98 лица, потфрли во делот на превенција и спречување, рече тогаш Иконому.

АЕК најмалку пет часа пред натпреварот знаеше дека ќе добие само 200 билети

Сега, речиси две години подоцна откако Алкалоид и МВР, како што за медиумите изјави претставникот на тимот Зоран Цветановски, одлучиле бројот на билети за гостинскиот тим да биде ограничен на 200 влезници, ракометарите на АЕК останаа во соблекувалните.

-Правилото важи дека гостите добиваат десет проценти од капацитетот на салата, што во превод значи околу 650 билети. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука дека тоа не е возможно и бројот на влезници за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука се кршеа копјата. Дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, а дел не. Тие што беа во Скопје беа незадоволни што не добија билети колку што посакуваа и дадоа ултиматум на управата на АЕК дека ако истрчаат на терен без навивачи ќе трпат внатрешни последици по враќањето во Атина, рече Цветановски.

[Коментаторот на грчката национална телевизија информира дека раководството на АЕК бара одложување на натпреварот со Алкалоид, поради неприсуството на невините навивачи во СЦ „Борис Трајковски]

Околу пет часа пред натпреварот (а можеби и повеќе) од АЕК преку соопштение, како на сајтот така и на социјалните мрежи ги информираа навивачите дека им биле дадени само 200 билети, објаснувајќи дека „по утрински безбедносен состанок и покрај упорноста и титанскиот напор на АЕК да обезбеди што е можно повеќе билети за натпреварот, локалните власти на земјата донесоа непопустлива одлука дефинитивно да доделат 200 билети“.

- Затоа, пристапот на нашите навивачи до салата и околината без билет не е дозволен, бидејќи многу сериозно и опасно за личната безбедност на сите, соопштија во неделата од АЕК.

Сепак, над пет часа подоцна, ракометарите на атинскиот тим не излегоа на терен поради „неправдата кон навивачите на кои не им беше дозволено да ја преминат границата“.

Од АЕК соопштија дека „непочитувањето на навивачите е непочитување и на АЕК“ дека раководството „со еден глас, донесе тешка, но неопходна одлука“ и дека „ниедна сила не може да им направи неправда на навивачите, како што се обидоа да направат локалните власти на Скопје“.

Навивачите на АЕК на натпреварот во Атина ја нападнаа клупата на Алкалоид – Лазаров ги смируваше

На првиот натпревар во Атина, на 18 мај, навивачите на АЕК предизвикаа и мал инцидент откако со предмет но и хартиена чаша вода ја нападнаа клупата на Алкалоид.

Следеа и низа псовки и навреди кон Лазаров и играчите, како што се гледа и од видеото на МИА од салата, а тренерот на Алкалоид во спортски дух, се приближи до трибината и заедно со неколку ракометари од АЕК се обиде да ги смири навивачите, а натпреварот продолжи регуларно.

Во олимписката сала во Атина 7.800 гледачи го следеа натпреварот, а меѓу нив и помала група на навивачи на Алкалоид, а на почетокот од дуелот, домашните навивачи беа иритирани и реагираа на поддршката што македонскиот тим ја добиваше од групата што не надминуваше ни 100 лица.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Неидентификувана жена е сериозно повредена кога разбојник ја прегазил за време на кражба на автомобил во вторник наутро (10 ноември) во населбата Бара Фунда, во западниот дел на Сао Паоло. 

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Таа претрпела тешка трауматска повреда на мозокот, морала да биде интубирана и била однесена во болницата Санта Каса.

Безбедносна камера го снимила моментот кога осомничениот разбојник се приближил до жртвата, ја презел контролата врз автомобилот и ја прегазил додека бегал, објави „Глобо“.

Злосторството се случило на улицата Хозе Крис, во близина на плоштадот Паскоал Мартинс и авенијата Маркес де Сао Висенте. Воената полиција била повикана околу 6:35 часот наутро.

Видеото го прикажува разбојникот како се приближува до жената, која штотуку излегла од аптека и влегувала во својот автомобил.

Осомничениот ја преминува улицата и се крие зад дрвја, чекајќи жената да влезе во возилото. Потоа ѝ се приближува и седнува на задното седиште.

Кога го забележува нападот, жената излегува од возилото. Разбојникот потоа седнува на возачкото седиште, но жртвата се обидува да го спречи грабежот. Следува физичка пресметка, при што мажот ја турка. Таа паѓа и ја удира со главата на земја. Потоа крадецот го става автомобилот во рикверц и ја удира со својот автомобил.

Луѓето на блискиот паркинг се обидуваат да го спречат да избега, викајќи му да застане, но осомничениот успева да избега со автомобилот.

Вработен на паркингот, кој бил сведок на инцидентот, рекол дека жената се обидела да ја зграби вратата од автомобилот за да го спречи крадецот да избега.

„Таа се обидела да ја повлече вратата, но тој успеал да се врати во рикверц токму кога таа ја зграбила. Потоа била фрлена назад со сета сила, ја удрила главата и ја изгубила свеста“, рекол сведокот.

Според него, луѓето на местото на настанот истрчале за да го спречат возачот да ја прегази жената.

„Трчавме за да не ја прегази. Малку забавил, потоа малку забрзал и скршнал, но и покрај тоа, гумата сепак ја зафатила главата. Потоа продолжил да вози“, рекол сведокот.

Жената била однесена во болница со тешка трауматска повреда на мозокот и крварење од увото. Таа мораше да биде интубирана пред да биде префрлена во болницата Санта Каса во Сао Паоло.

До последното ажурирање, немаше информации за тоа каде се наоѓа крадецот и украдениот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер