Илјада поклоници на литургијата на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски - Канал 5

Илјада поклоници на литургијата на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски

Врвот Голем Крчин, над долнореканското село Битуше, по петтипат ги дочека бигорската и раичката обител и многуте поклоници на Боженствена литургија.

Илјада поклоници на литургијата на Крчин за 1000-годишнината на Бигорски

Петтата јубилејна литургија се совпаѓа со одбележувањата на 1000-годишнината од основањето на Бигорскиот манастир, а во чест на овој голем јубилеј присуствуваа повеќе од илјада верници, планинари, алпинисти, спортисти, вклучително и неколку од Србија кои допатуваа специјално за овој настан.

-Оваа литургија по Божја промисла соединета со илјадагодишнината од основањето на свештената бигорска обител, повторно привлече голем број народ, кои соединети во една мисла, срце и ум, верно стоеја пред возвишениот крст, барајќи благослов од Бога за нив и за нивните ближни. Направија досега невиден подвиг, покажувајќи огромна љубов, духовна радост и почит кон делото на нашата Обител, која веќе десет века е силен спроводник на Преображенската светлина во срцата на нашиот народ. Нивните насмевки беа најголемото сведоштво за примената благодат, а преку восхитот во нивните срца ја изразуваа благодарноста кон нашиот старец и игумен, Владиката Партениј, кој им овозможи учество во еден ваков необичен настан и доживување, стои во објавата на сајтот на Бигорскиот манастир.

Како монашко братство и сестринство, се додава, им должиме голема благодарност на пожртвуваните членови на Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид, како и на членовите на Црвениот крст од Битола, кои и оваа година, со верна љубов кон нашиот Старец и игумен, владиката Партениј, но и почит кон секоја личност, максимално се потрудија да одговорат на својата навистина тешка задача, трудејќи се да ја сочуваат безбедноста на рутата.

– Од особено значење беше и учеството на водичите од Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП) и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), чија што професионалност, поддршка и несебична љубов кон секого, беа вистинска поткрепа кон добрата организација на овој настан. Искрено им благодариме и Го молиме премилостивиот Господ да ги исполни нивните срца со небесна радост и да го умножи плодот од нивните трудови, та секогаш да бидат исполнети со божествена сила, која насушно им е потребна во предизвиците со кои постојано се среќаваат, се наведува во објавата.

На врвот Крчин, во 2016 година, првпат по 80 години, беше отслужена Литургијата на местото каде што некогаш имало храм посветен на Преображението Господово, а денес стојат само остатоци од него.

Врвот Голем Крчин е највисокиот врв на планината Крчин во западниот дел на Македонија, кој се извишува над долнореканското село Битуше, на надморска височина од 2.341 метар. Планината се протега во продолжение на планината Дешат и е дел од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

За шест часа контролирани 870 возила – утврдени 73 неправилности кај возилата и 186 прекршоци кај возачите

За сите констатирани неправилности и прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

За шест часа контролирани 870 возила – утврдени 73 неправилности кај возилата и 186 прекршоци кај возачите

На 06.11.2026 година, во периодот од 14:00 до 20:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе општа акциска контрола на возачи и возила, насочена кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и откривање на неправилности и прекршоци.

Во рамки на контролата биле контролирани вкупно 870 возила, при што констатирани се 73 неправилности во однос на возилата. Од нив, 48 возила биле упатени на технички преглед, при што кај 37 е утврдена техничка неисправност.

Во однос на возачите, констатирани се 186 прекршоци, од кои најголем дел се однесуваат на користење мобилен телефон при управување со возило, некористење сигурносен појас, непрописно паркирање и други прекршоци.

Дополнително, евидентирани се и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, како и 137 прекршоци од друг вид.

За сите констатирани неправилности и прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на сообраќајни контроли и апелира до возачите редовно да ја проверуваат техничката исправност на возилата, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да придонесат за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во работна посета на Француската Република, по повод учеството на деветтото издание на Парискиот мировен форум.

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Сиљановска-Давкова утре, 10 ноември 2026 година, вторник, ќе присуствува на отворањето на форумот којшто годинава се одржува под наслов „Здружување на силите за она што е најважно“.

Таа ќе се обрати на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, а ќе биде дел и од свечената вечера, којашто во чест на шефовите на држави и влади – учесници на Парискиот мировен форум, ќе ја приреди претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЗНАM: Не ги менуваме ставовите според дневнополитичките интереси

ЗНАМ е државотворна политичка партија. Ние не ги менуваме ставовите од денес за утре, ниту ги приспособуваме според дневнополитичките калкулации и притисоци.

ЗНАM: Не ги менуваме ставовите според дневнополитичките интереси

Движење ЗНАМ – За наша Македонија ја разбира нервозата и хистеријата кај одредени претставници на моноетнички политички партии предизвикани од јасниот и принципиелен став на ЗНАМ дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите на државата.

Очигледно, некои политички структури сè уште не можат да се помират со фактот дека времето на институционалното самоволие, селективното толкување на законите и политичкото надмудрување со државните институции е завршено. Времето кога ДУИ и СДСМ ги толерираа и практикуваа таквите политики е минато. Македонија мора да функционира како правна држава, во која Уставот и законите важат подеднакво за сите.

ЗНАМ е државотворна политичка партија. Ние не ги менуваме ставовите од денес за утре, ниту ги приспособуваме според дневнополитичките калкулации и притисоци.

Нашиот став е јасен: почитување на Уставот, почитување на законите и заштита на институционалниот поредок на државата.

Потенцираме дека во моментов не постои уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ова не е прашање на нечии етнички чувства или политички амбиции, туку прашање на доследна примена на правниот поредок.

Особено е недозволиво преку таканаречени хибридни решенија да се создаваат преседани со потенцијално далекусежни последици за правосудниот систем и функционирањето на институциите. Токму затоа претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, побара лидерска средба со коалициските партнери, на која отворено и одговорно ќе се разговара за ова прашање, ќе се дефинираат принципите и ќе се утврдат црвените линии.

Ние не бегаме од дијалог, но дијалогот не смее да биде параван за заобиколување на Уставот и законите.

Во однос на пораките и заканите упатени кон претседателот на ЗНАМ, вклучително и алузиите за Врање и повиците да внимава што зборува, сметаме дека ваквиот речник е несоодветен, неодговорен и недостоен за избрани народни претставници.

Пратениците се избрани да ги застапуваат интересите на граѓаните во македонското Собрание, а не да испраќаат закани и да создаваат меѓуетнички тензии.

Би сакале да го потсетиме господинот Ријад Шаќири дека пратеничката плата ја добива од буџетот на Република Македонија, кој го полнат сите граѓани, и Македонци и Албанци и припадници на сите други заедници.

Затоа, наместо да упатува несоодветни пораки и да се занимава со други држави, би било одговорно својата енергија да ја насочи кон економскиот развој, подобриот животен стандард и решавањето на проблемите на граѓаните на оваа држава.

Што се однесува до навредливите квалификации на Аднан Азизи за ЗНАМ, сметаме дека тие повеќе зборуваат за политичката нервоза во неговите редови отколку за нашата политичка позиција. Резултатите од последните локални избори во Брвеница, каде што кандидатот на ВРЕДИ не успеа да се пласира во вториот круг, се доволно јасна политичка порака.

Нема потреба со навреди да се прикриваат изборните резултати и политичките слабости.

Во однос на реакциите од ДУИ и најавениот бојкот на свечената седница по повод Денот на Куманово, жалиме што една свеченост посветена на градот и неговите граѓани преку шовинистички и сепаратистички наративи се користи за дневнополитички пресметки.

Ваквиот пристап на ДУИ не е ништо ново, затоа што тие и досега никогаш не присуствувале на ваквите настани негирајќи ги придобивките од НОБ.

Куманово е град на сите негови граѓани, а почитта и соживотот се градат со меѓусебно уважување, а не со политички ултиматуми и бојкоти.

На крајот, сакаме да порачаме дека ЗНАМ нема да подлегне на притисоци, уцени и политички провокации.

Ние сме за еднаквост на сите граѓани, но еднаквост во рамките на Уставот и законите.

За нас нема селективна правда, нема привилегирани политички субјекти и нема хибридни решенија кога станува збор за функционирањето на правната држава.

Македонија мора да биде држава на закони, а не држава на политички пазарења.

Тоа е нашиот принцип, нашата одговорност и нашата црвена линија.

Центар за комуникации и аналитика

ЗНАМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер