Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, избран за нов епископ на МПЦ-ОА - Канал 5

Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, избран за нов епископ на МПЦ-ОА

 Игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител", високопреподбниот архимандрит Партениј, едногласно избран за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, избран за нов епископ на МПЦ-ОА

На денешната седница на Светиот архиерејски синод, игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител", високопреподбниот архимандрит Партениј, беше едногласно избран за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Од Синодот за МИА информираа дека отец Партениј беше предложен за нов владика од страна на неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а едногласно потврден од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Неговата хиротонија е закажана за 12 јули годинава, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, во храмот „Света Софија" во Охрид.

Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски" (според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Со своето дваесет и пет годишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архиерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на нашата Црква. Во црковните кругови тој важи за искусен духовник, кој ужива голема почит не само од верниците, туку и од пошироката јавност.

Уште од своето доаѓање во Бигорскиот манастир, отец Партениј енергично се посветува на севкупната обнова на ова големо светилиште, после долгиот период на негова духовна замреност и материјална запустеност. Целосно се вложува себеси во делото за враќање на некогашното достоинството на бигорското светилиште. Како плод на таа посветеност, во 2001 година, потполно е возобновен и духовно заживеан и манастирскиот метох – женскиот манастир посветен на Св. Георгиј Победоносец во с. Рајчица.

Паралелно со обновата на Бигорскиот манастир и на неговиот метох во Рајчица, архимандритот Партениј се зафаќа и со нови градежни потфати, меѓу кои: дрвениот храм посветен на Св. Серафим Саровски, изградбата на храм во византиско-македонски стил во с. Ростуше, посветен на Пресвета Богородица, како и на новиот манастирски метох „Св. Кирил и Методиј" во с. Битуше. Во 2016 година, со благослов и во соработка со неговиот надлежен митрополит, Тимотеј Дебарско-кичевски, тој го возобновува монашкиот живот во уште еден голем македонски духовен центар – Манастирот Пречиста Кичевска, каде испраќа шест монахињи од Рајчица, негови духовни чеда, а исто така го продолжува и монашкиот живот во Кнежинскиот манастир.

Покрај градежните потфати на архимандритот Партениј, особено значење има неговата силно развиена духовна и општествена мисија, во текот на изминатите две и половина децении. Како искусен духовен раководител, тој со својата духовничка дејност им помогнал на многу души од Македонија и пошироко, да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми. Позната е и неговата хуманитарна дејност, која се состои од помош на лица на кои таа им е најпотребна. Особено е значајна социјалната мисија на архимандрит Партениј за помош на лица, пред сѐ од помладите генерации, кои западнале во пороците на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици млади луѓе, без разлика на нивната верска, национална и социјална припадност, со помош на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на зависностите, туку и целосно да се рехабилитираат и ресоцијализираат и така да станат полезни членови на општеството.

Игуменот Партениј, исто така, негува добар однос со црковни великодостојници од неколку помесни православни цркви, со што зема удел во борбата за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, најнапред од страна на Вселенската Патријаршија, како врховна црковна инстанца во православието, а потоа и од останатите Помесни православни цркви.

Како голем љубител и познавач на македонската историја и на македонското културно наследство, Архимандритот Партениј непрестајно се залага за нивна што поголема афирмација и презентација. Работи активно и на промоција на истакнати личности од нашата национална и црковна историја, како и на запазување на древни црковни и народни обичаи.

Познат како човек на мирот и на почитта кон сите луѓе, без разлика на нивната верска, етничка и социјална припадност, Архимандрит Партениј ги издигна Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица во вистински центри на соживот во реканскиот крај од Македонија. Со својот филантропски однос кон сите, тој успеа да го направи Бигорскиот манастир силен фактор на безбедноста, стабилноста и соживотот во тој крај, така што ова светилиште стана духовно прибежиште и културна знаменитост не само за православните верници, туку и за Македонците со исламска вероисповед и за етничките Албанци од Македонија, кои имаат голем респект кон манастирот и кон неговиот игумен.

Поради неговите долгогодишни заслуги, отец Партениј бил досега повеќе пати наградуван со црковни и граѓански признанија и награди од страна на разни поединци, организации и институции. Меѓу другото, тој е добитник и на највисоката почесна награда на Европската Унија – „Европски Граѓанин", поради, како што стои во официјалното образложение за наградата, „неговата хуманитарна дејност, работата со социјално ранливи категории, коишто се особено актуелен проблем на денешницата и придонесот за градење мостови и унапредување на соработката меѓу народите на културно и духовно поле, како и јакнење на соживотот и меѓусебното почитување".

Името на отец Партениј повеќе години се наоѓаше на листата на кандидати за епископи на МПЦ-ОА, а пред петнаесетина години нему му било предложено да стане митрополит на Повардарската епархија, достоинство коешто тој го одбил, со образложение дека не сака да го напушти Бигорскиот манастир и мијачкиот крај, за чиешто заживување го вложил сиот свој живот./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

НАСА бара луѓе кои ќе живеат на Месечината: Конкурсот е отворен, но условите не се за секого

Американската вселенска агенција НАСА бара кандидати со високо образование во научни и технички области, додека договор вреден 10 милијарди долари ги очекува приватните компании.

НАСА бара луѓе кои ќе живеат на Месечината: Конкурсот е отворен, но условите не се за секого

Американската вселенска агенција, НАСА, објави повик за регрутирање нова класа на астронаути. Овој пат, целта е многу поамбициозна од самиот престој во орбитата: се бараат поединци кои ќе живеат и работат на површината на Месечината.

Овој процес на регрутирање е дел од програмата „Артемида“, а избраните кандидати ќе сочинуваат тим задолжен за поставување на темелите за постојана месечева база, како и за подготовка на теренот за првите мисии со екипаж до Марс. Обуката ќе опфаќа движење по предизвикувачкиот терен на Месечината и издржување долготраен престој во екстремни услови. Како што се очекуваше, критериумите за подобност се исклучително строги.

Право на пријавување имаат само државјани на САД кои поседуваат магистерска диплома од областите инженерство, биологија, физика или компјутерски науки.

Нема многу време за размислување, бидејќи крајниот рок за поднесување пријави преку официјалната веб-страница на агенцијата е 3 декември 2026 година, а имињата на новите астронаути ќе бидат објавени кон крајот на 2027 година.

Истовремено, НАСА го решава прашањето за логистиката, без која една база не може да опстане. Распшан е тендер во вредност од дури 10 милијарди долари за втората фаза од програмата „Комерцијални услуги за испорака на товар на Месечината“ (Commercial Lunar Payload Services – CLPS).

Станува збор за десетгодишен договор со приватни компании за изградба и управување со летала за слетување, наменети за испорака на инструменти, залихи и опрема директно на површината на Месечината.

За овие договори се натпреваруваат осум компании, меѓу кои „SpaceX“, „Blue Origin“ и „Lockheed Martin Space“. Впечатливо е отсуството на „Boeing“ од списокот; вселенската програма на оваа компанија, „Starliner“, веќе подолго време се соочува со технички проблеми.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мајкл Керик на излезната врата на Манчестер Јунајтед!

Мајкл Керик е сè поблиску до заминување од клупата на Манчестер Јунајтед!

Мајкл Керик на излезната врата на Манчестер Јунајтед!

Иако раководството на клубот одлучи да му даде дополнително време по поразот од Борнмут, сè поголеми се шансите англискиот стручњак наскоро да добие отказ.

Според информациите на „Би-Би-Си Спорт“ (BBC Sport), челниците на Јунајтед сè уште се држат до првичниот план – детално да ја проценат ситуацијата за време на ноемвриската репрезентативна пауза.

Сепак, сè поизвесно е дека извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс ќе им предложат на косопственикот Џим Ретклиф и на семејството Глејзер да го сменат Керик. Капка која може да ја прелее чашата е нерешениот резултат против Астон Вила (4:4).

Јунајтед моментално се наоѓа на 18-тото место во Премиер лигата и го бележи својот најлош почеток на една домашна сезона во последните 40 години.

Манчестер Јунајтед веќе разгледа неколку опции за наследник на Керик. Како што претходно објави Би-Би-Си (BBC), клубот ја испитуваше можноста за ангажирање на поранешниот менаџер на Њукасл, Еди Хау, и поранешниот селектор на Германија, Јулијан Нагелсман.

Антонио Конте, исто така, покажа интерес за работа на „Олд Трафорд“, додека, според неколку извори, и Маурисио Покетино е отворен за враќање во клупскиот фудбал.

Сепак, ситуацијата со Покетино не е едноставна, со оглед на тоа што аргентинскиот стручњак во август го продолжи договорот со националниот тим на Соединетите Држави.

Наводно, неговиот договор содржи клаузули кои би му овозможиле да замине доколку добие понуда од одредени големи клубови.

На Керик му е дадена уште една шанса по поразот од Борнмут, но резултатите не ја оправдаа довербата на раководството. На последните десет првенствени натпревари, Јунајтед забележа само една победа, учинок што ги доведе до 18-тото место на табелата.

Со 19 примени гола, тимот има една од најслабите одбрани во Премиер лигата; повеќе голови примиле само Кристал Палас и Ипсвич.

Особено загрижувачки е фактот што „Јунајтед“ има само три победи на 15 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона.

Ова е најлошиот учинок во последните 40 години, токму на годишнината од доаѓањето на Сер Алекс Фергусон на „Олд Трафорд“.

Поразите од Манчестер Сити, Брајтон и Борнмут, како и натпреварите што завршија нерешено – при што тимот ја испушташе предноста во завршницата – претставуваа посебен удар.

Незадоволството станува сè повидливо и во самата соблекувална.

Лисандро Мартинез јавно ја критикуваше летната трансфер-политика на клубот, префрлајќи ја одговорноста врз спортскиот директор Џејсон Вилкокс. Дури и Бруно Фернандеш не го криеше своето незадоволство, па по поразот од „Кома“ (Манчестер Сити), упати критики кон тактиката на Керик.

На Карик му беше дадена шанса да ја промени ситуацијата, но резултатите и понатаму се под очекувањата.

Управата сега ги разгледува следните чекори, а сè поизвесно е дека Керик би можел да ја плати цената за катастрофалниот почеток на сезоната.

Конечната одлука сè уште не е донесена, но неговата позиција е сериозно разнишана. Манчестер Јунајтед наскоро би можел да започне нова потрага по тренер, во обид да ја спаси сезоната која веќе е далеку од очекувањата на навивачите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МОН: Светскиот ден на науката за мир и развој - 10 Ноември

Светскиот ден на науката за мир и развој - 10 Ноември го одбележуваме со нотиран прогрес во научно-истражувачката работа.

МОН: Светскиот ден на науката за мир и развој - 10 Ноември

Светскиот ден на науката за мир и развоj - 10 Ноември оваа година го одбележуваме со видливи резултати во научно-истражувачката дејност. Ова го нотира и Европската комисија во Извештајот за напредокот на државата за 2026 со оценката дека е направен добар прогрес во остварување на целите од Акцискиот план на Стратегијата за паметна специјализација, со основањето и ставањето во функција на Агенцијата за иновации, научно – технолошки развој и претприемништво ИНОВА, но и со продолжувањето на учеството во европски програми за наука и иновации.

Резултатите ја покажуваат посветеноста на Владата и на Министерството за образование и наука кон поттикнување на научните истражувања и иновациите.

Имаме јасна цел: да ги зајакнеме капацитетите за научно-истражувачка дејност и да го зголемиме влијанието на научно-истражувачките резултати врз општеството и економијата. Ова го поддржуваме преку континуиран раст на буџетот за наука, за да осигуриме дека научната заедница има ресурси и поддршка што ѝ се неопходни.

Овогодинешниот буџет изнесува рекордни 773 милиони денари, што е скок во споредба со 680-те милиони денари минатата година и повеќе од двојно зголемување во однос на 380-те милиони денари издвоени пред две години. И резултатите се опипливи. Минатата година поддржавме околу 50-тина двогодишни научни проекти, што се сега во завршна фаза.

Презедовме конкретни активности поврзани со потребата за зголемена научна продукција. Обезбедивме бесплатен пристап до главните глобални научни бази на податоци „Web of Science“ и „Scopus“ за нашите научници и академски професори. Ги покриваме трошоците за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, за организација на домашни и за учество на меѓународни научни конференции, ги покриваме трошоците за објава на зборници.

Системски инвестираме во наука и ги отстрануваме бариерите за да можат нашите научни работници да се натпреваруваат и да соработуваат глобално, а нивните резултати да можат да донесат вистинска вредност дома.

Наш стратешки приоритет останува забрзан развој на науката и подобро позиционирање македонските универзитети на глобалните ранг-листи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер