ИЕА: Чистата енергија ја забавува побарувачката за нафта

Растот на побарувачката на нафта во наредните години ќе се забави поради преминот кон чисти извори на енергија.

Растот на побарувачката на нафта во наредните години ќе се забави поради преминот кон чисти извори на енергија, што заедно со очекуваното зголемување на производството на црно злато до крајот на деценијата, може да доведе до големи вишоци на нафта на пазарот и значителни последици за нафтениот пазар, тврди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), пренесува SEEbiz.

Во својот годишен извештај, ИЕА предвидува дека глобалната побарувачка на нафта ќе се стабилизира на 106 милиони барели дневно до крајот на деценијата, додека производствениот капацитет ќе се зголеми на 114 милиони барели дневно. Ова би значело вишок од осум милиони барели дневно на пазарот, што, со исклучок на 2020 година во време на короната, би било највисокото ниво на вишок капацитет досега.

Меѓу причините за намалувањето на глобалната побарувачка, ИЕА го посочува преминувањето кон електричните автомобили, со подобрување на ефикасноста на горивото за автомобилите со мотори со внатрешно согорување и намалување на употребата на нафта во земјите од Блискиот Исток за производство на електрична енергија.

Македонскиот џудист Шерифовски обезбеди настап на Игрите во Париз

Најдобриот македонски џудист Еди Шерифовски ќе настапи на претстојните Олимписки игри во Париз, објави денеска Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Шерифовски, како што е соопштено, ќе настапи на олимпискиот турнир во џудо во категоријата до 81 килограми.

„МОК беше информиран дека, со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната Џудо Федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечките правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски (категорија-81 кгр) ќе учествува на Олимписките игри Париз 2024“, се наведува во соопштението.

Игрите во Париз ќе бидат трета олимпијада по ред на која ќе настапат македонски џудисти, откако Катерина Николовска беше учесник на Игрите 2016 во Рио де Женеиро, додека Арбреша Реџепи настапи на Олимпијадата во Токио 2020.

Почнува 10.издание на Битола Шекспир фестивал

 Под мотото „Месечината јасно свети во ноќите како оваа“, од денеска до 2-ри јули во Битола ќе се одржува јубилејното 10-то издание на Шекспир фестивалот. 

Оваа година на фестивалот се шест претстави, а гостуваат театарски ансамбли од Прилеп, Турција, Србија, Италија и Бугарија.

Фестивалот се отвора со претставата „Едвард II“, која е во копродукција на НУ Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес и НУ Драмски театар од Пловдив, Бугарија во режија на едно најголемите имиња на европскиот театар во моментов, Андреј Жолдак.

Утре на програмата е домаќинот Народен театар – Битола со претставата „Хамлет – денот на убиствата“, а истата вечер ќе биде изведена и претставата „Цезар“ на Катс Шахне Театар од Истанбул, Турција во режија на македонската режисерка Сибел Абдиу.

Во недела, по трет пат во Битола гостуваат Имперфект денсерс компани од Италија кои ќе ја имаат светската премиера на нивната претстава „Отело“.

Во понеделник (1 јули) гостува Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Бура.

Фестивалот се затвора со претставата „Ромео и Јулија“ на Театарот „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија.

О. Центар распиша Конкурс за избор на идејно решение за нова општинската административна зграда

Општина Центар објави анонимен конкурс за избор на идејно решение за проектирање нова општинска зграда.

Со изградбата на општинската зграда, старите и дотраени бараки во кои сега се наоѓа општинската администрација ќе се заменат со функционален, современ и рационален комплекс што треба да ги задоволи не само општинските, туку и реалните потреби на жителите кои гравитираат во овој простор.

Идејното решение, покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, треба да содржи решение за подземен паркинг со околу 300 паркинг места, како и простор, внатрешен и надворешен, за паркирање на 100 велосипеди.

Со ова ќе се решат актуелните проблеми со стационираниот сообраќај во непосредното опкружување, настанати со половична реализација на претходните плански решенија.

Дополнително, на градежната парцела треба да се предвиди мал плоштад, парк со фокус на влезниот портал од Учителската школа, како и безбедно сообраќајно решение за пристапи и движење на возила, велосипеди и пешаци.

Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за најдоброто идејно решение за новата општинска зграда, и тоа за прво 750.000,00 за второ 400.000,00 и за трето место 300.000,00 денари.

Право на учество на конкурсот имаат правни и физички лица стручни во областа на архитектурата и урбанизмот, а крајниот рок за предавање на трудовите е 27.9.2024 година.

Општина Центар

притисни ентер