ИДФ: Од изутрината извршени воздушни напади врз околу 200 цели во Појасот Газа

Израелската армија соопшти дека од 7 часот изутрината, откако Хамас го прекршил примирјето, извршила воздушни напади врз околу 200 цели низ Појасот Газа.

Цел на нападите биле и неколку цели во Кан Јунис и Рафа, на југот на палестинската енклава, пишува „Тајмс оф Израел“.

Израелската армија соопшти дека копнените трупи истовремено уништиле структури кои биле минирани, тунели, како и локации за лансирање ракети и друга инфраструктура на Хамас.

Поморски ракетни чамци, тенкови и артилерија денеска извршија напади и во Газа, се додава во соопштението.

Во текот на денот од Појасот Газа биле истрелани околу 50 ракети врз градови на југот на Израел, пишува „Тајмс оф Израел“. /МИА

Скопје со умерено аерозагадување, Сараево најзагаден град во светот

Скопје утрово се најде на 26. место на листата на најзагадени градови во светот. 

Според платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“ („IQAir“), со индекс во однос на штетните честички од 137, главниот град се наоѓа во портокаловата зона со категоризирање на воздухот како штетен за лицата со чувствително здравје и хронични заболувања.

На првото место е Сараево со многу нездрав воздух и индекс од 296 во однос на присуството на штетни честички.

Меѓу првите 10 од Европа на второто место е Краков во Полска, со индекс од 198 единици, а трет е Ханој (196 ) во Виетнам.

Според податоците на табелата на „IQAir“, во 10 часот утрово од регионов, Приштина е на 19. место, Софија на 22, Букурешт на 23, Љубљана 37, Загреб 46 место, Белград на 51 и Атина на 87 место.

Специјализираната страница за мерење на квалитетот на воздухот „IQAir“ ги прикажува вредностите на аерозагаденост во реално време.

До крајот на денот облачно со сончеви периоди, од утре дожд и снег

 Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. По одделни котлини во поголем дел од денот со магла и ниска облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.

Максималната температура во котлините со магла ќе биде во интервал од -3 до 2, а во останатиот дел од земјата од 6 до 10 степени, информираат од УХМР.

Во Скопје, во поголем дел од денот ќе има магла и ниска облачност. Попладне ќе има делумно намалување на облачноста. Температурата ќе биде до 2 степени.

Синоптичарите за утре најавуваат повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.

- Врнежите ќе бидат со слаб, а во западните делови со умерен интензитет. Потоа во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините во претпладневните часови ќе има појава на магла. Во петок претежно во северните делови ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, известуваат од УХМР.

Судење за убиството на Вања и Панче: Обвинителството презентира видео записи

Со изведување на видео записи од безбедносни камери денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо.

Со изведување на видео записи од безбедносни камери денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски - Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

На првите неколку видеа, презентирани од Обвинителството, се гледа како обвинетиот Влатко Кешишев наплаќа и полни балон со бензин на бензинска станица Макпетрол кај Транспорниот центар Скопје во близина на партијата Десна околу 5 часот наутро на 27 ноември 2023 година.

Во судницата беа презентирани и неколку видеа од безбедносни камери од возилото Рено Кангу, како се движи во Центар, од седиштето на партијата Десна, кон Аеродром и во правец кон Гази Баба, околу 5 часот и 33 минути на 27 ноември 2023 година.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

На минатото рочиште, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.

Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата. Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно ги испланирале грабнувањето на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп и грабнувањето на Жежовски со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

притисни ентер