Ѓоковиќ одби да го даде своето вообичаено интервју на теренот по неговата победа во четвртото коло над Чехот Јиржи Лехечка во неделата, чекајќи јавно извинување од Џонс и официјалниот преносител на турнирот во Мелбурн, „Канал 9“.
Џонс се потсмеваше на Ѓоковиќ и српските навивачи кои се собраа пред кабината за пренос на „Канал 9“, велејќи дека 24-кратниот Гренд слем шампион е „преценет“ и „минато“.
Во денешното интервју за каналот, Џонс рече дека коментарите ги смета за „шега“ и веднаш му се извини на „штабот на Ѓоковиќ“ откако сфати дека тие не се прифатени со смисла за хумор.
-Се извинувам на Новак и на српските навивачи. Ние изградивме добри односи со српските навивачи со текот на годините... имаше мајтапење и мислев дека тоа што го правам е продолжение на тие шеги. Сосема е јасно дека ова не беше така протолкувано. Се чувствувам како да ги разочарав српските навивачи, прокоментира новинарот.
Џонс рече дека единствениот коментар за кој особено зажалил е „избркајте го“, што тој прифатил дека може да се толкува како упатување на депортацијата на Ѓоковиќ од Австралија затоа што не бил вакциниран против КОВИД-19 на почетокот на 2022 година.
-Тоа го налути Новак, што сега целосно го разбирам. Тоа беше непријатна ситуација, додаде тој.
Седмиот носител Ѓоковиќ во вторник во четвртфиналето игра против светскиот рекет број 3, Карлос Алкараз.