И Порошенко се откажа од орденот, што го добил од Полска- повика на смирување на тензиите - Канал 5

И Порошенко се откажа од орденот, што го добил од Полска- повика на смирување на тензиите

Лидерот на украинската опозициска партија „Европска солидарност“ и поранешен претседател на земјата, Петро Порошенко, објави дека се откажува од полскиот Орден на Белиот орел и повика на ублажување на тензиите во односите меѓу Украина и Полска.

И Порошенко се откажа од орденот, што го добил од Полска- повика на смирување на тензиите

Во соопштение објавено на Фејсбук, Порошенко рече дека ја донел одлуката откако, како што тврди, не успеал да го убеди полскиот претседател Карол Навроцки да ја повлече одлуката за одземање на истото одликување на сегашниот претседател на Украина, Володимир Зеленски.

Порошенко истакна дека смета дека одлуката на полскиот претседател Карол Навроцки е погрешна и неправедна кон народот на Украина.

„Не е случајно што (заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј) Медведев веќе му честиташе. Кремљ секогаш аплаудира на сè што го ослабува единството меѓу Украина и Полска“, забележа политичарот.

Според него, во случајот на Зеленски, како и во неговиот, не биле наградени шефови на држави, туку Украинци, армијата што ја брани Украина, Полска и цела Европа.

„Ако се расправаме за минатото, некој друг ќе ја добие иднината. Претседателот на Украина конечно мора да го разбере ова. И претседателот на Полска. Пред да биде предоцна“, предупреди Порошенко.

Тој оцени дека потезите поврзани со одликувањата и историските прашања дополнително ги влошија политичките односи меѓу Киев и Варшава, предупредувајќи дека ескалацијата може да им оди во прилог на трети страни.

Додаде дека оние во Полска кои „не се занимаваат со историски митови, туку ја проучуваат историјата и извлекуваат заклучоци од нејзините лекции“ знаат дека откако Украина ќе ја изгуби својата независност, и Полска ќе ја изгуби.

„Не е минатото тоа што треба да ги одредува полско-украинските односи. Не сакам Полјаците да ги уредуваат нашите учебници и во никој случај не тврдам дека ние Украинците треба да ги корегираме полските учебници, бидејќи во спротивно ќе ни испратат заеднички учебник од Москва“, истакна Порошенко.

Порошенко нагласи дека стратешкото партнерство меѓу Украина и Полска останува клучно, особено во контекст на војната со Русија и безбедносната соработка, и дека треба да се избегнуваат понатамошни политички конфликти.

Во исто време, тој повика на дипломатско решение на спорот и на единство во поддршка на Украина, особено во рамките на европската и евроатлантската интеграција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денес објави дека го испратил Орденот на Белиот орел по пошта до полскиот претседател Карол Навроцки, наведувајќи дека Украина останува отворена за сите „суштински форми на соработка“ со партнерите.

Навроцки во петокот изјави дека одлучил да му го одземе на украинскиот претседател Володимир Зеленски највисокото одликување на Полска, Орденот на Белиот орел, откако Зеленски преименува воена единица по националистичките бунтовници кои масакрирале Полјаци во Втората светска војна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Општина Кисела Вода и ЈП „Лајка“ го одбележаа Светскиот ден на животните со настанот „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“

Во пресрет на Светскиот ден на животните, во паркот „Македонија“ се одржа голема едукативно-забавна манифестација под мотото „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“, организирана од Општина Кисела Вода во соработка со ЈП „Лајка“.

Општина Кисела Вода и ЈП „Лајка“ го одбележаа Светскиот ден на животните со настанот „Не можат да зборуваат, но можат да сакаат“

Ова дружење привлече голем број граѓани со своите миленици, а главниот фокус беше ставен на подигнување на свеста за одговорното сопствеништво и хуманиот однос кон животните.

Присутните имаа можност да добијат корисни совети од професионалци за тоа што значи вдомување и долгорочна грижа за едно животно, со акцент на соодветната здравствена нега, исхрана и условите неопходни за нивниот среќен живот. Едукативниот дел резултираше и со конкретен интерес кај граѓаните за вдомување на бездомни кучиња од стационарот.

Во рамките на предвидените активности, свој уметнички придонес даде и истакнатиот сликар Живко Поповски - Цветин, кој инспириран од природата и животните сликаше пред присутните.

-Љубовта кон животните е огледало на нашата хуманост и совест како општество. Со ова дружење сакавме да испратиме порака дека милениците не се само момент на радост, туку долгорочна обврска која бара посветеност и време. Ме радува фактот што сè повеќе граѓани покажуваат интерес за одговорно сопствеништво и за вдомување наместо купување. Општина Кисела Вода и понатаму останува посветена на хуманиот третман на животните и на подигнување на јавната свест преку вакви едукативни собири-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

Општина Кисела Вода упатува огромна благодарност до сите учесници и поддржувачи кои несебично помогнаа во успешната реализација: ветеринарната станица „Вет Тим“, груминг салоните „Grooming Twins“, „Shepa grooming“ и „Мое милениче“, како и пет-шоповите „Аба“ и „Пет Експерт“.

Програмата продолжува и во вечерните часови. Со почеток од 19:00 часот, пред Домот на културата „Билјана Беличанец“ (кино “Киноверзум”), граѓаните и нивните миленици се поканети на бесплатна проекција на отворено на македонскиот документарен филм „Приказната за Силјан“, во соработка со Кино Балкан Дистрибуција

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Реакција на прес-конференција на СДСМ

Добро е што Кузеска дава признание што од брусење шахти и казни на тие кои не употребуваат Северна, стигнавме денес и европските челници да употребуваат македонски идентитет и култура

ВМРО-ДПМНЕ: Реакција на прес-конференција на СДСМ

Прес-конференцијата на Богданка Кузеска каде посочува дека Урсула фон дер Лајен употребува македонски јазик, култура и идентитет, со оглед на фактот што доаѓа од партијата позната по тоа што кога беше на власт ги брусеше капаците од шахтите зошто имале сонце, ја разбираме единствено како големо признание на оваа Влада која од состојба каде Заев како премиер ги корегираше и казнуваше сите кои не употребуваат Северна дојдовме до ситуација европските челници да ја прифатат придавката македонски и да се јакне македонскиот идентитет.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Делегација на МЕРМС во Женева

58% од инсталираниот капацитет е од обновливи извори – следен чекор модерна мрежа и складирање.

Делегација на МЕРМС во Женева

Делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на UNECE Sustainable Energy Week која се одржа во Палатата на нациите во Женева, со фокус на прашањата поврзани со енергетската транзиција, енергетската безбедност, достапноста на енергијата и одржливиот развој.

Во рамки на настанот се одржаа состаноци на Групата експерти за енергетска ефикасност (GEEE), Групата експерти за почисти електроенергетски системи (GECES) и Групата експерти за обновлива енергија (GERE), како и 35-тата сесија на Комитетот за одржлива енергија на UNECE (CSE).

Во рамки на 13-тата сесија на Групата експерти за обновлива енергија (GERE-13), на панел-дискусијата Exchange of experiences on how to increase the uptake of renewable energy, Марко Минов од Секторот за обновливи извори на енергија, го претстави напредокот во спроведувањето на регулаторната рамка од Законот за енергетика и новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со кои се унапредува интеграцијата на енергетскиот пазар и се создаваат предвидливи услови за развој и инвестиции во обновливите извори.

Како клучни реформи беа опфатени прекуграничната распределба на капацитети, балансирањето, оперативната сигурност, гаранциите за потекло, активните потрошувачи, енергетските заедници и конкурентните механизми за поддршка на производството од обновливи извори на енергија.

Во излагањето, Минов го истакна и значителниот раст на капацитетите од обновливи извори на енергија во Македонија, особено на фотонапонските електроцентрали, а ги претстави и Годишните планови за изградба на енергетски објекти како инструмент за предвидлив и координиран развој на енергетскиот сектор и систематско планирање на нови производни капацитети и системи за складирање на енергија.

Во рамки на дискусијата, меѓу другото беше нагласено и дека: „зголемувањето на капацитетите од обновливи извори е само дел од енергетската транзиција. Следниот предизвик е електроенергетскиот систем да стане пофлексибилен, поотпорен и способен да интегрира сè поголеми количини на варијабилни обновливи извори. Интеграцијата на нови капацитети од обновливи извори, модернизацијата на мрежна инфраструктура, пазарните механизми и складирањето на енергија ќе биде важен дел од идниот развој на енергетскиот систем“.

Во рамки на 35 сесија на Комитетот за одржлива енергија (CSE-35) на тема Strengthening Energy Security, Affordability and Sustainability in an Uncertain World, меѓу другото беше одржана и дискусија на високо ниво, посветена на приоритетите, предизвиците и можностите за зајакнување на енергетската безбедност, достапноста и одржливоста.

Во рамки на сесијата, Елена Ивановска, кабинетски службеник задолжен за следење на стратешките приоритети на Владата, која воедно претседаваше и со сесијата System-wide Solutions to Strengthen Energy Security, Affordability and Sustainability, се обрати во име на Македонија, претставувајќи ги приоритетите на земјата и конкретните активности за унапредување на сигурноста, достапноста и одржливоста на енергетскиот систем.

Во своето обраќање, Ивановска истакна дека за Македонија, трите цели (енергетската сигурност, достапноста и одржливоста) се тесно поврзани и дека забрзувањето на развојот на обновливите извори, намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија и обезбедувањето сигурно снабдување бараат модерна, отпорна и регионално поврзана електроенергетска мрежа.

Посебен акцент беше ставен на потребата развојот на мрежната инфраструктура да го следи брзиот раст на обновливите извори. Во таа насока, беше посочено дека Македонија од 2021 година, кога обновливите извори сочинувале околу 38% од инсталираниот производен капацитет, до 2025 година достигнала учество од околу 58%, со повеќе од 1.750 MW инсталирани капацитети од обновливи извори.

Брзиот развој на сончевата енергија носи и нови барања за преносниот систем, особено поради децентрализираното варијабилно производство, двонасочните текови на електрична енергија и потребата од балансирање на системот.

Ивановска посочи и на потребата од значителни инвестиции во преносната мрежа, унапредување на регионалната соработка и развој на механизми за флексибилност, батериски системи за складирање енергија и управување со потрошувачката.

Учеството на претставниците од Министерството: Елена Ивановска, Билјана Матевска, Марко Минов, Сара Кочева, Ангела Алексова, Ненад Стојковски и Љубица Трајковска Лешоска претставуваше можност за размена на искуства со земјите членки на UNECE, претставници на меѓународни организации и експерти од областа на енергетиката, особено во делот на забрзувањето на енергетската транзиција и создавањето пофлексибилни, сигурни и одржливи енергетски системи, но и можност за претставување на реформите и искуствата на нашата земја.

Државата останува посветена на сигурна, достапна и одржлива енергетска транзиција, со фокус на понатамошно зголемување на производството од обновливи извори, модернизација и проширување на мрежната инфраструктура, развој на складирањето на енергија, унапредување на пазарната интеграција и создавање предвидлива регулаторна рамка за нови инвестиции.

Пораката од Женева е јасна: амбициозниот развој на обновливите извори мора да биде проследен со инвестиции во мрежата, флексибилност, складирање, регионална поврзаност и институционален капацитет.

Само преку интегриран пристап може да се изгради енергетски систем кој истовремено ќе биде сигурен, отпорен и одржлив.

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер