И покрај насилните протести, ММФ оцени дека Аргентина е на добар пат- доби 800 милиони долари

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го заврши осмиот преглед на проширениот аранжман во рамките на фондот за Аргентина и одобри исплата на околу 800 милиони долари на земјата за поддршка на економското закрепнување.

Вкупната вредност на помошта на ММФ за Аргентина на тој начин ќе се зголеми на 41,4 милијарди долари, а оваа сума ќе ги поддржи напорите на властите во Буенос Аирес за враќање на стабилноста и зајакнување на економијата на таа јужноамериканска земја.

Според извештајот, програмата за економско закрепнување на Аргентина останува „цврсто на вистинскиот пат“ и сите квантитативни критериуми за успешност за крајот на март се исполнети.

- Одржувањето на напредокот бара подобрување на квалитетот на фискалното прилагодување, преземање првични чекори кон подобрена рамка на монетарната и девизната политика и спроведување реформи за отворање на растот, формалните вработувања и инвестициите - се нагласува во соопштението на веб-страницата на ММФ.

Аргентинскиот претседател Хавиер Мајли строго ги намалува државните трошоци во борбата против инфлацијата, но земјата се соочува и со протести поради најавените реформи кои, меѓу другото, предвидуваат намалување на пензиите и ограничување на правата на работниците, пренесува Ројтерс.

До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури

 Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

Русија ги започнува воените маневри во Тихиот Океан

Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

Во различни фази, морнарите ќе изведуваат ракетни напади врз бродски групи на конвенционален непријател, како и ќе одбиваат напади со беспилотни летала и чамци без екипаж, нагласува Министерството. /МИА

Герасимовски: Учениците до 10 години може да бидат згрижени во градинките и за летниот распуст

Општина Центар известува дека учениците до 10 години ќе може да бидат згрижени во градинките за време на летниот распуст до исполнување на капацитетите. 

Денеска Општина Центар потпиша Меморандум за соработка со основните училишта и градинките за меѓусебна поддршка и соработка на проекти и работилници во областа на образованието.

„Преку оваа соработка сакаме да им излеземе во пресрет на сите родители кои поради работните обврски имаат потреба од згрижување на нивните деца до 10 годишна возраст. За таа потреба ги отвораме градинките и за школските деца каде со наставнички од основните училишта ќе имаат едукативни работилници и други активности за време на летниот распуст. Слободните места за упис на дечињата секако зависи од капацитетите на детската градинка“, потенцираше Герасимовски.

Општина Центар информира дека ученици до 10 години ќе може да бидат згрижени во 5 објекти, а за сите дополнителни информации и критериуми родителите може да се информираат во градинките.

Со почит,

Општина Центар

притисни ентер