Хуманитарна велосипедска тура утре околу Охридското Езеро

Во организација на здружението за друмски и планински велосипедизам „MacedonianBikeRiders" утре околу Охридското Езеро ќе се одржи велосипедската тура  „Tour de Lake", а собраните средства ќе бидат донирани за самохрана мајка, со здравствени проблеми.

– Осмото издание на „Tour de Lake", е за поддршка и помош на Светлана Георгиевска, самохрана мајка, по потекло од Украина. Во моментов нема постојан дом за живеење заедно со нејзиното дете, а покрај тоа има и онколошки здравствен проблем. Кога ја дознавме, приказната со Светлана, одлучивме ние како Здружение оваа година турата околу Охридското Езеро да ја огранизираме, токму за неа и колку што е во наша моќ, заедно со сите љубители на велосипедизмот да и помогнеме, соопшти огранизаторот.

Пријавувањето за учество, според информацијата, е со донација од 300 или 500 денари, со што секој учесник ќе добие стартен пакет, обезбеден од поддржувачи на настанот.

– До пред почетокот на возењето пријавувањето може да се изврши електронски или лично во салонот на Мерида или на денот на турата. Може да се пријават и оние кои сакаат да помогнат, а не се во можност да бидат дел од овој хуманитарен настан. Од секоја донација, а со која во истовреме ќе се изврши и пријавување, по електронски пат треба да се направи „Screenshot" и да се испрати на Вибер на 071 604-604 или на „мејлот [email protected]", посочува Здружението.

Стартот на турата е во 9 часот на паркингот пред спортската сала Билјанини извори во Охрид. Ќе се вози по стариот пат кон Струга покрај езерото, преку Калишта кон граничниот премин Ќафасан, преку Лин, Поградец, Свети Наум до Охрид, во должина од 92 километри. /МИА

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер