Хрватска со најевтино обработливо земјиште во ЕУ, а Словачка со најниски ренти - Канал 5

Хрватска со најевтино обработливо земјиште во ЕУ, а Словачка со најниски ренти

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, обработливо земјиште во 2022 година било најевтино во Хрватска, а најскапо на Малта, додека рентите биле најниски во Словачка, а највисоки во Холандија.

Хрватска со најевтино обработливо земјиште во ЕУ, а Словачка со најниски ренти

Просечната цена на еден хектар обработливо земјиште во ЕУ во 2022 година изнесувала 10.578 евра, што ја прави 45 пати повисока од просечната годишна рента за изнајмување на плодни површини, која изнесувала 233 евра по хектар, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, обработливо земјиште во 2022 година било најевтино во Хрватска, а најскапо на Малта, додека рентите биле најниски во Словачка, а највисоки во Холандија.

Според податоците на Евростат, цените и рентите на обработливото земјиште се разликуваат не само помеѓу членките на ЕУ, туку и помеѓу региони во самите земји, како резултат на широк спектар на фактори, меѓу кои националните законодавства, инфраструктурната поврзаност и капацитети, климатските услови, квалитетот на почвата, можноста за сопственост на странски државјани, како и од понудата и побарувачката.

Така, помеѓу 21 земја членка за кои има достапни податоци за 2022 година, еден хектар обработливо земјиште во Хрватска во просек чинел 3.700 евра, што ја прави земја со најевтини земјоделски површна, додека за парцела со иста големина на Малта требало да се одвојат просечно 233.230 евра. Како главна причина за високите цени на обработливото земјиште на Малта се наведува неговата ограничена достапност на оваа мала островска држава.

Од друга страна во три членки на ЕУ се регистрирани значителни разлики во цените на обработливо земјиште во зависност од регионот во кој се наоѓаат. Така, во Холандија, каде хектар обработливо земјиште во просек чинел 85.431 евра, во регионот на Фризија ораница со оваа големина можела да се купи просечно за 66.051 евра, а во Флеволанд за дури 150.644 евра за хектар.

Во Грција, пак, каде националниот просек изнесувал 13.571 евра за хектар, во регионот Западна Грција, долж брегот на Јонското Море, хектар обработливо земјиште чинел 6.290 евра, во областа на Атика - 84.820 евра.

Третата земја со драстични разлики во цената е Шпанија, каде во услови на просечна вредност од 10.263 евра за хектар, во регионот на Екстремадура за хектар земјоделско земјиште требало да се платат во просек 4.906 евра, а на Канарските Острови дури 83.299 евра.

Региони со најевтино обработливо земјиште со шведските Горен Норланд и Централен Норланд, каде хектар во просек чинел 2.041, односно 2.437 евра.

Рентите, пак, за земјоделско земјиште биле најниски во Словачка и во просек изнесувале 57 евра за хектар, а највисоки во Холандија - 843 евра.

По региони, највисоки ренти за изнајмување обработливо земјиште имало во холандскиот регион Флеволанд од 1.764 евра за хектар, по што следат шпанските Канарски Острови со 1.136 евра и грчка Атика со 1.048 евра за хектар. Шведските Горен Норланд и Централен Норланд се региони и со најниски ренти во висина од по 24 евра за хектар, по што следуваат словачките Централна Словачка и Источна Словачка со по 39 евра.

Кога станува збор за пасиштата, пак, нивната цена по хектар во 2022 година била за околу 2.200 евра пониска во однос на обработливите земјишта и во просек изнесувала 8.393 евра.

Најголема разлика меѓу просечните цени на обработливите земјишта и пасиштата имало во грчките региони Атика и Северен Егеј, кој ги опфаќа островите во Егејското Море покрај бреговите на Турција. Така во Атика хектар обработливо земјиште во просек чинело 84.820 евра, а пасиште 25.000 евра, додека во Северен Егеј за „нива“ требало да се платат просечно по 36.435 евра за хектар, а за пасиште 1.757 евра.

Од друга страна, рентите за пасиштата во просек биле најниски во Словачка, каде изнесувале 32 евра за хектар, а највисоки во Ирска од 354 евра. За споредба, просечната рента за обработливо земјиште во Словачка изнесувала 77 евра, а во Ирска 510 евра за хектар. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Неидентификувана жена е сериозно повредена кога разбојник ја прегазил за време на кражба на автомобил во вторник наутро (10 ноември) во населбата Бара Фунда, во западниот дел на Сао Паоло. 

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Таа претрпела тешка трауматска повреда на мозокот, морала да биде интубирана и била однесена во болницата Санта Каса.

Безбедносна камера го снимила моментот кога осомничениот разбојник се приближил до жртвата, ја презел контролата врз автомобилот и ја прегазил додека бегал, објави „Глобо“.

Злосторството се случило на улицата Хозе Крис, во близина на плоштадот Паскоал Мартинс и авенијата Маркес де Сао Висенте. Воената полиција била повикана околу 6:35 часот наутро.

Видеото го прикажува разбојникот како се приближува до жената, која штотуку излегла од аптека и влегувала во својот автомобил.

Осомничениот ја преминува улицата и се крие зад дрвја, чекајќи жената да влезе во возилото. Потоа ѝ се приближува и седнува на задното седиште.

Кога го забележува нападот, жената излегува од возилото. Разбојникот потоа седнува на возачкото седиште, но жртвата се обидува да го спречи грабежот. Следува физичка пресметка, при што мажот ја турка. Таа паѓа и ја удира со главата на земја. Потоа крадецот го става автомобилот во рикверц и ја удира со својот автомобил.

Луѓето на блискиот паркинг се обидуваат да го спречат да избега, викајќи му да застане, но осомничениот успева да избега со автомобилот.

Вработен на паркингот, кој бил сведок на инцидентот, рекол дека жената се обидела да ја зграби вратата од автомобилот за да го спречи крадецот да избега.

„Таа се обидела да ја повлече вратата, но тој успеал да се врати во рикверц токму кога таа ја зграбила. Потоа била фрлена назад со сета сила, ја удрила главата и ја изгубила свеста“, рекол сведокот.

Според него, луѓето на местото на настанот истрчале за да го спречат возачот да ја прегази жената.

„Трчавме за да не ја прегази. Малку забавил, потоа малку забрзал и скршнал, но и покрај тоа, гумата сепак ја зафатила главата. Потоа продолжил да вози“, рекол сведокот.

Жената била однесена во болница со тешка трауматска повреда на мозокот и крварење од увото. Таа мораше да биде интубирана пред да биде префрлена во болницата Санта Каса во Сао Паоло.

До последното ажурирање, немаше информации за тоа каде се наоѓа крадецот и украдениот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер