Хрватска или Франција- кој ќе биде светскиот првак?

Два дена пред финалето на Светското фудбалско првенство во Русија меѓу Хрватска и Франција, сите светски медиуми и врвни фудбалски стручњаци во улога на коментатори, рафално  објавуваат анализи и прогнози.

Заедничко на сите им е дека никој не се осмелува со сигурност да го прогласи идниот светски првак, што укажува на израмнет однос на силите на Хрватска и Франција, иако блага предност им се дава на триколорите.

Една од главните поенти во огромен број колумни и коментари е дека ако се суди според финалистите во Русија, светскиот фудбал конечно се свртува кон вистинските спортски вредности, односно заедништвото и тимскиот дух. Русија 2018 покажа дека индивидуализмот што во модерниот фудбал е еднаков на екстремна себичност не носи добар резултат со што се врака вербата во коректноста и напорната работа.

Селекции полни со самобендисани индивидуалци од тимот на Бразил, Аргентина, Шпанија, Португалија, одамна се дома, а во прв план се пробија две репрезентации во кои не постои изразен индивидуален блесок, односно играта и тактиката се темели исклучиво на екипата и заедничкиот ефект.

Хрватска и Франција се одличен пример на добро вкомпонирани екипи во кои секој си ја знае својата улога и никој никому ништо не му должи ниту пак зависи од било што. Со тоа пак и притисокот што го носи вакво големо натпреварување е распределен рамномерно на сите односно не е сконцентиран на индивидуалци на кои постојано се вперува прстот во случај на неуспех.

Хрватска и Франција стигнаа во пресметката за светската титула без големи индивидуални блесоци, туку со континуирана работа и беспоштедна борба во сите досегашни натпревари.

Хрватите до Москва стигнаа на маченички начин, исрпувајки од себе се што имаа, а според многумина надминувајќи ги нормалните човечки физички способности што стана нивна главна карактеристика на мундијалот. Според многумина тоа би требало да се повтори и во финалето во кое Хрватите ќе инсистираат на тотална физичка пресметка. Французите пак, во нешто полежерен стил дојдоа до крајот, а оставија впечаток дека во секој момент имаат капацитет да префрлат во брзина погоре кога е потребно.

Сето ова финалето в недела во Москва го прави суперинтересно од многу аспекти, тактичка и физичка подготвеност, момент на инспирација на индивидуалец што досега го немаше на изразит начин и секако желба за достигнување светски врв. Французите имаат стапнато таму пред 20 години во Париз, а Хрватите за прв пат се во зоната на чекање што носи напнатост, бескрајно исчекување и морници низ рбетот. Но бруталното психичко страдање и жртвата што ќе се даде во следните 48 часа се ништо во однос на тоа што го нуди неделниот меч во Москва, светско злато и фудбалска легенда.

Утре и задутре „Графити фест“ во Куманово

Во Куманово во урбаната месна заедница „Панче Пешев“ утре и задутре со почеток во 12 часот ќе се одржи шестиот „Графити фест“, најавија организаторите, „Форма Куманово“.

На фестивалот ќе цртаат уметници од повеќе држави, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Турција, Хрватска Словенија, Германија. Организаторите велат дека се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура.

Младен Трендевски од „Форма Куманово“ ги повика кумановци да го проследат „Графити фест“, на кој покрај уметници-цртачи, ќе има и целодневна музичка програма на која ќе настапат македонски диџеи, ќе има промотивни штандови и забава за сите генерации. Цртачите ќе цртаат на слободна тема на површини во урбаната заедница. Шаренилото од бои и контрасти ќе го разбие сивилото во градот, сметаат организаторите.

- Сите ќе творат на свој начин, фестивалот има ревијаен карактер, изјави Трендевски.

Организаторите сметаат дека полека јакне свеста кај населението за зачувување на изработените мурали во Куманово. Изминатиов период беа исцртани површини на булеварот „Октомвриска револуција“, на неколку локации, меѓу училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, населба Гоце Делчев, скоро цело градско подрачје во Куманово, во повеќе урбани заедници. Уметниците исцртаа мурали посветени на великанот Блаже Конески, репрезентативецот Столе Димитриевски, на Гоце Делчев, на хероите од „Диво Насеље“, на Бобан Трајковски...

- Нè радува што граѓаните го препознаваат нашиот труд, кажа Трендевски.

За годинашниов фестивал, „Графити фест“ „Форма Куманово“ доби поддршка од бизнис заедницата од државата.

Изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ со второ претставување во Виница

Во галеријата на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница денеска ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ составена од дела од поранешни и сегашни студенти од Ликовната академија во Штип.

Изложбата е во рамки на Фестивалот на уметноста „Ликовна визија“, организиран од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Изложба претходно беше поставена во македонскиот КИЦ во Софија, а нејзиното финално презентирање пред публиката ќе биде на 28 мај во Штип.

Целта на оваа патувачка изложба на делата од поранешни и сегашни студенти од Ликовната академија во Штип е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот и да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со институцијата.

Изложбата се состои од дела настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од 2019 до 2023 година. Застапени се делата на авторите Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска, Дејан Витанов, Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска и Александра Јеротијевиќ-Андреева.

Д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.

Како што информираат организаторите, во образовната програма „Класично сликарство“ студентите работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, како и македонските професори: Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска и Јана Јакимовска.

Жанровски, најзастапена е мртвата природа, а може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.

Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски ја презентираше новата веб страница на општината

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски ја презентираше новата веб страница на општина Кисела Вода. 

Страната нуди 20 нови дигитални услуги што претставува втора фаза од дигитализацијата на општината како што е електронско аплицирање и плаќање на услугите како и елекстронски упис на деца во градинките.

притисни ентер