Хрватот Јошко Гвардиол потпиша нов договор со Манчестер Сити - Канал 5

Хрватот Јошко Гвардиол потпиша нов договор со Манчестер Сити

Репрезенативецот на Хрватска, 24 годишниот Јошко Гвардиол потпиша нов договор со Манчестер Сити, со што се обврза кон клубот до летото 2031 година. 

Хрватот Јошко Гвардиол потпиша нов договор со Манчестер Сити

Хрватскиот репрезентативец, кој се етаблираше како еден од клучните играчи на тимот по доаѓањето од РБ Лајпциг во 2023 година, на тој начин ја обезбеди својата долгорочна иднина.

„Овој 24-годишен фудбалер, кој по природа е централен дефанзивец, покажа висок квалитет и играјќи на позицијата лев бек. Досега има одиграно 122 натпревари и постигнато 13 гола за клубот. Во овој период, тој освои шест трофеи со Сити: Премиер лигата, ФА Купот, Лига-купот, Светското клупско првенство на ФИФА, Суперкупот на УЕФА и Комјунити Шилд. Гвардиол е и редовен член на хрватската репрезентација, за која досега има забележано 52 настапи. Тој беше дел од составот и на Светското првенство во 2026 година“, се наведува во официјалното соопштение на Манчестер Сити.

„Кога слушнав дека Сити ми нуди продолжување на договорот, веднаш знаев дека го сакам тоа. Навивачите се прекрасни кон мене уште од првиот ден, а клубот им обезбедува апсолутно сè на играчите. Ова е најдобриот клуб во светот“, изјави Гвардиол.

„Во текот на овие три години почувствував огромна љубов и почит, на што сум многу благодарен. Соиграчите ми се фантастични; имаме тим од светска класа, кој е млад и полн со потенцијал. Уверен сум дека во годините што доаѓаат ќе постигнеме уште многу успеси.“- истакна Гвардиол п-о п-родолжувањето на договорот со Сити.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицевски: (СКАНДАЛ) Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните

Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните.

Мицевски: (СКАНДАЛ) Со Филипче како министер водата била неисправна и тоа се криело од граѓаните

Скоро 400 испитувања на водата во период кога Венко Филипче е министер за здравство и СДС е власт, покажале дека граѓаните пијат неисправна вода и тогашната власт не само што не преземала ништо за тоа, туку и го сокрила овој податок од граѓаните.

Венко Филипче и СДС свесно оставиле граѓаните бавно да се трујат само за да не изгубат политички поени.

Податоците со коишто располагаме покажуваат со какви искривени вредности се Венко Филипче и СДС.

Дозволете ми да прочитам дел од тие случаи:

На ден 19.05.2021 година, испитувањата за водата на Водостопанство Лисиче во Велес, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата, односно народски кажано, водата не била за пиење.

На ден 22.06.2021 година, испитувањата за водата во локален водовод во село Нивичани, Кочани, исто така, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата.

На ден 20.07.2021 година, , испитувањата за водата во Пештани, Охрид, не одговарале согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата, за што е направен записник и решение за забрана од 23.07.2021 година.

На ден 10.11.2021 година, во чешма во школо Страшо Пинџур, село Уларци, Чешиново, водата не била согласно законските прописи.

Водата во Здравствен дом Делчево на 11.01.2022 година, не била за пиење. Министер за здравство Венко Филипче.

За ниту еден од овие но и многу други случаи, јавноста не е информирана. Болниците биле полнети, на граѓаните очигледно им било лошо, но никој не знаел од што, а власта тоа вешто го криела.

За ова е известено МВР и институциите ќе постапат и ќе ги достават документите до ЈО.

Очекуваме ЈО веднаш и без одлагање да постапи по овој случај и да има одговорност по истиот.

Никола Мицевски, член на ИК и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

YouTube video

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МЗ: Владата одобри вработување на 300 приватни специјализанти

Силна инвестиција во младите лекари: Владата одобри вработување на 300 приватни специјализанти

МЗ: Владата одобри вработување на 300 приватни специјализанти

На предлог на министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, Владата донесе одлука со која се отвора можност за вработување на уште 300 приватни специјализанти во јавните здравствени установи до крајот на 2026 година.

Оваа одлука претставува силна инвестиција во младите лекари и конкретен чекор кон зајакнување на македонското јавно здравство. Со неа се создаваат услови младите специјализанти своето знаење, стручност и професионална иднина да ги градат во домашниот здравствен систем.

Со вработувањето на 300 приватни специјализанти ќе се овозможи:

задржување на младите лекари во државата;

пополнување на недостигот од специјалистички кадар;

зајакнување на клиниките, болниците, здравствените домови и центрите за јавно здравје;

порамномерна распределба на медицинскиот кадар низ државата;

пократко време на чекање и поквалитетна здравствена грижа за пациентите.

„Ова не е само одлука за 300 нови вработувања. Ова е инвестиција во 300 професионални иднини, во посилни здравствени установи и во подобра грижа за пациентите. Не ги школуваме нашите лекари за да ги изгубиме – инвестираме во нивното знаење за да го изградиме здравствениот систем што граѓаните го заслужуваат“, истакна министерот Клековски.

Вработувањата ќе се реализираат согласно потребите на јавните здравствени установи и недостигот од специјалистички кадар, со цел младите лекари да бидат ангажирани таму каде што се најпотребни.

Со оваа одлука, Владата и Министерството за здравство испраќаат јасна порака: младите лекари се темелот на идното јавно здравство, а нивното знаење, труд и професионален развој мора да бидат препознаени и поддржани.

Создаваме трајна вредност – лекари што остануваат, установи што се зајакнуваат и пациенти што добиваат навремена и квалитетна здравствена грижа.

300 специјализанти. 300 нови можности. Еден посилен здравствен систем.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Мисајловски во посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип

Министерот Мисајловски во посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип – со засилено темпо продолжуваат капиталните инвестиции во Армијата.

Министерот Мисајловски во посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски заедно со командантот на 1. пешадиска бригада, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски денеска беа во касарната „Јане Сандански“ во Штип, во увид на реновираниот објект кој е дел од инфраструктурните проекти кои се реализираат во касарните низ државава.

Министерот Мисајловски порача дека инвестициите за подобрување на инфраструктурата во Армијата продолжуваат со засилено темпо.

„Последните недели постојано промовираме нови проекти. Насекаде е раздвижено во касарните...Може да видите еден преубав реконструиран објект, се работи за целосна обнова, целосна реконструкција на објектот 35. тука во касарната во Штип. Инвестиција од 33.7 милиони денари“, рече министерот.

Тој истакна дека во рамки на реконструкцијата на објектот во касарната се вклучени: нова енергетски ефикасна фасада, обновени електрични инсталации, реконструкција на санитарните јазли како и сите останати градежни зафати и додаде: „Во овој момент повеќе од 100 милиони денари ќе инвестираме само во касарната во Штип...веќе е потпишан договор и за промена на покривот во војничкиот ресторан. Исто така работиме на промена на и адаптација на нови хангари“, потенцира Мисајловски.

Мисајловски посочи дека благодарение на одличната соработка помеѓу Министерството и Генералштабот на Армијата, се продолжува со инвестиции во инфраструктурата, кои пак ќе придонесат за значително подобри услови за работа, престој и извршување на задачите од страна на припадниците на Армијата и додаде дека во текот на оваа и следната година во инфраструктурни проекти за Армијата ќе бидат инвестирани повеќе од 12 милиони евра.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер