Судот во Амстердам денеска соопшти дека остатоците се собрани на местото на трагедијата, се делови од руските ракети „Бук“.
Обвинителството верува дека ваквите ракети биле користени за соборување на малезискиот патнички авион во јули 2014 година над зоната на конфликтот во источна Украина.
Девет делови од ракетата „Бук“ се пронајдени на местото на несреќата, според судските записи.
Малите метални делови биле пронајдени и во телата на пилотите, во багажот и остатоците од авионот и, според проценките на повеќе експерти, припаѓаат на ракетите „Бук“.
Судот покажал и фотографии од остатоците, реконструирани од пронајдените делови, на кои се гледаат илјадници дупки од куршуми, а најголемата штета е на левата страна од пилотската кабина, каде што наводно експлодирала ракетата.
Боинг 777 на Малезија ерлајнс патувал од Амстердам кон Куала Лумпур кога бил погоден на 17 јули 2014 година.
Четворица мажи - тројца Руси и еден Украинец се обвинети за вмешаност во авионската несреќа во која загинаа сите 298 лица на летот. Сите обвинети се бегалци на кои им се суди во отсуство во специјално чувана зграда во близина на аеродромот Шипхол во Амстердам.
Со оглед на тоа дека повеќето жртви се од Холандија, судењето се одржува во таа земја. По долги години истрага, главната расправа започна вчера. Пресуда не се очекува пред крајот на годината.