За обука на пчелите, научниците од биоветеринарната лабораторија за истражување на универзитетот Вагенинген ги наградуваат овие инсекти со засладена вода откако им покажале примероци заразени со коронавирус. Ако им се покажат незаразени примероци, пчелите не добивале ништо, пишува Ројтерс.
Водачот на проектот Вим ван дер Поел, професор по вирусологија, кој бил дел од проектот, рече дека се земени „нормални медоносни пчели“ кои штом еднаш ќе се навикнат на ваков систем, ќе ги испружат јазиците за да ја освојат наградата, што стана индикатор дека примерокот е заразен.
Добивањето резултати по тестирањето за ковид-19 обично трае со часови, а пчелите веднаш откриваат заразени примероци. Овој метод е исто така ефтин, па затоа може да се користи во земји каде што тестовите се реткост.
Но, Дирк де Граф, професор кој изучува пчели и други инсекти на Универзитетот во Гент во Белгија, верува дека оваа техника во блиска иднина нема да ги замени конвенционалните форми на испитување на ковид-19.
"Добра е идејата, но повеќе сакам да ги извршувам тестовите со класични дијагностички алатки наместо со медни пчели. Јас сум голем обожавател на пчели, но повеќе би ги користел за други цели отколку за откривање на ковид-19", рече тој.
Техниката што ја користеле инсектите за наоѓање соединенија со мирис, била користена од Министерството за одбрана на САД во 90-тите години за да пронајдат експлозиви и токсини, забележал Де Граф.
Молците, пчелите и осите биле користени „за безбедносни цели, за откривање експлозив, но и за медицинска дијагностика“.
Досега се знае премногу малку за методот од Вагенинген за да се зборува за неговата ефикасност, вели професор од Белгија, иако ја поддржува опцијата пчелите да дадат индикација за инфекцијата кога не се достапни ПЦР тестови.