Херл победник во Инсбурк

Австриецот Јан Херл со скокови од 134 и 127, м метри и освоени вкупно 267,5 бода е победник на третата од четирите скокалници во рамките на Новогодишната турнеја.

Домашниот ски-скокач зад себе ги остави Јапонецот Рјоју Кобајаши кој освои 258, 7 бода и својот сонародник Михаел Хајбек кој собра 254 бода.

Во пресрет на последната станица од „Четири скокалници“ на турнејата лидер е Рјоју Кобајаши со 857, 6 бода, пред Андреас Велингер со 852,8 и Херл со 834 бода.

Во Генералниот пласман од светскиот куп, боди Стефан Крафт со 809 бода, пред Велингер со 652 и Кобајаши со 511.

Турнејата „Четири скокалници“ ќе биде комплетирана на 6 јануари со натпреварувањето во Бишофсхофен (Австрија).

Српските земјоделци протестираат во повеќе градови

Српските земјоделци протестираат во повеќе градови барајќи промени и укинување на пасивниот статус.

Неколку здруженија на земјоделци во Србија денеска ќе протестираат во градовите во кои гравитираат, со барање да бидат сменети премиерот Милош Вучевиќ, ресорниот министер Александар Мартиновиќ и претседателот на собраниската Комисија за земјоделство Маријан Ристиќевиќ поради неисполнети барања од потпишаниот договор.

Меѓу барањата е и укинување на одлуките за ставање на земјоделските стопанства на политички неистомисленици во пасивен статус, со што ќе се изгуби правото на субвенции.

Протестите ќе започнат околу пладне во знак на оддавање почит на загинатите на железничката станица во Нови Сад и во рамки на граѓанскиот протест „Стоп Србија“./МИА

Намалена видливост поради магла од с.Гајре – с.Лисец и планинските превои Ѓавато и Плетвар

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла до 20 метри има од с.Гајре – с.Лисец и планинските превои Ѓавато и Плетвар до 50 метри.

Од ЈП Македонијапат информираат дека сите патни правци во државата се проодни, без забрани и ограничувања. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Екипи на ЈП Македонијапат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата.

Апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Членките на ЕУ ги усогласија ставовите за законот за борба против криумчарењето мигранти

Според унгарскиот министер за правда Бенце Тусон, третирањето на кривичното дело криумчарење мигранти на униформен начин низ ЕУ би одиграло клучна улога во справувањето со оваа појава. 

Земјите членки на Европската унија денеска постигнаа договор околу нивниот заеднички став за Предлог-законот за спречување и спротивставување на криумчарењето мигранти, кој ќе биде основа за претстојните преговори на Советот на ЕУ со Европскиот парламент за конечната верзија на ова законско решение.

Како што соопшти Европскиот совет, целта на овој предлог е да обезбеди усогласување на одредбите во кривичните законодавства на земјите членки на ЕУ за прашања како што се дефинирањето и санкционирањето на криумчарењето мигранти.

Според унгарскиот министер за правда Бенце Тусон, третирањето на кривичното дело криумчарење мигранти на униформен начин низ ЕУ би одиграло клучна улога во справувањето со оваа појава.

- Ако сакаме да бидеме сериозни во врска со заштитата на нашите граници, треба да ја засилиме борбата против шверцот на мигранти. Со заземање цврст став против шверцерите, можеме да ги заштитиме луѓето од експлоатација од страна на криминалците, додаде Тусон.

Борбата против криумчарењето мигранти е еден од приоритетите на ЕУ и се смета за клучен елемент во справувањето со илегалната миграција.

Согласност со договорениот текст, од земјите членки на ЕУ се бара како кривично дело во нивните национални законодавства да го дефинираат „намерното помагање на државјанин на трета земја да влезе, транзитира или да остане на територијата на која било од државите членки на Европската Унија во замена за финансиска или материјална корист“.

За индивидуално извршување на оваа кривично дело со Предлог-законот се предвидува максимална затворска казна од три години, а доколку неговите сторители се дел од криминална организација или употребуваат „сериозно насилство“ врз мигрантите, тогаш се предлага санкција од осум години затвор. Доколку вршењето на кривичното дело криумчарење резултира со смрт на мигрант, се предлага максимална затворска казна од десет години.

Според усогласениот текст, на земјите членки им се остава можноста да воспостават и подолги максимални казни.

Законскиот предлог предвидува и казни за правни лица вклучени криумчарењето мигранти, кои би изнесувале одреден процент од нивниот промет на глобално ниво до најмногу 40 милиони евра.

Во договорениот текст од страна на земјите членки е задржан и предлогот на Комисијата за вметнување на т.н. „хуманитарна клаузула“, која предвидува дека „одредена помош за илегалните мигранти, особено помошта на членови на блиското семејство или поддршката за задоволување на основни човечки потреби“ нема да биде третирана како кривично дело криумчарење мигранти.

Сепак, со предлогот им се остава на земјите членки сами да решаваат околу „хуманитарна клаузула“ во нивните национални законодавства поврзани со криумчарењето мигранти.

Според податоците на Европол, во 2023 година биле регистрирани речиси 380.000 илегални преминувања на надворешните граници на блокот, при што над 90 отсто од овие лица користеле услуги на криумчарите на мигранти.

Податоците на ОН, пак, укажуваат дека мрежите за шверц на луѓе остваруваат годишен профит од меѓу 4,7 и 6 милијарди долари, што го прави криумчарењето мигранти профитабилна криминална активност. /МИА

притисни ентер