Харис: Нема да бидат донесени одлуки на вечерашниот самит на лидерите на ЕУ

Ирскиот премиер Сајмон Харис попладнево изјави дека на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ, на кој ќе се разговара за распределбата на функциите во европските институции.

Ирскиот премиер Сајмон Харис попладнево изјави дека на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ, на кој ќе се разговара за распределбата на функциите во европските институции, нема да бидат донесени одлуки и изрази надеж дека тие ќе бидат донесени на крајот на месецот.

Харис, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, за новинарите изјави дека факт е дека актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е водечки кандидат на партијата која освои најмногу мандати на изборите за Европскиот парламент, што се одржаа од 6 до 9 јуни.

„Нашите разговори ќе започнат вечерва. Вечерва нема да бидат донесени одлуки, тие одлуки ќе бидат донесени, се надевам, на крајот на овој месец“, рече Харис.

Назначени нови директори на ЈСП, ЈП Паркови и зеленило и ЈП Улици и патишта

Назначени тројца нови директори на јавните претпријатија Јавен сообраќаен превоз (ЈСП), ЈП Паркови и зеленило и ЈП Улици и патишта.

Како што информираат од Град Скопје, новиот директор на ЈСП е Драги Кушовски, на директорското место на ЈП Паркови и зеленило ќе седне Мартин Ангеловски, додека на ЈП Улици и патишта за нов директор е назначен Ванчо Умленски.

Од Град Скопје велат дека тројцата доаѓаат на позициите како професионалци од приватниот сектор, со повеќе од 15 години работно искуство на раководни позиции.

– Кушовски, Ангеловски и Умленски доаѓаат на позициите како професионалци од приватниот сектор, со поединечни портфолија секој повеќе од 15 години работно искуство на раководни позиции. Во следниот период ќе се посветат на отстранување и надминување на предизвиците, со кои јавните претпријатија се соочуваат континуирано во изминатите децении, унапредување на работата на претпријатијата и реализација на програмските активности и проектите, велат од Град Скопје.

Средба на претседателот Гаши со делегација на баварскиот Парламент

 Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со делегацијата од баварскиот Парламент.

Тој на средбата, како што што соопшти неговиот Кабинет, изрази големо задоволство за континуираниот германски интерес за унапредување на соработката на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво.

Сојузна Република Германија, рече претседателот на Собранието, е наш силен поддржувач во изминатите децении за остварувањето на нашите стратешки цели – претходно членството во НАТО и актуелно, напорите за наше што поскоро зачленување во Европската Унија, за што сме особено благодарни.

Гаши, исто така, се осврна и на трговската размена.

-Германија е наш најголем трговски партнер, рангирана на прво место, со кој остварувaме најголем обем на трговска размена со светот во последните 10 години. Високата трговска размена е резултат на значајни германски инвестиции, истакна Гаши.

Членовите на Делегацијата изразија благодарност за приемот и на Гаши му посакаа успех на неговата нова функција како претседател на Собранието.

Тема за дискусија беше и образовниот систем, при што беа разменети мислења за дуалното образование. Гаши нагласи дека таа тема е многу важна за нашата држава и дека, благодарение на интересот на германските компании да инвестираат во нашата земја и проектот за поврзување на образовниот систем со дел од компаниите, дуалното образование е вклучено во седум средни училишта во земјава.

Двете страни се согласија за продлабочување на парламентарната соработка, како и и за соработката на сите други нивоа.

Министерот за одбрана Мисајловски во посета на Командата за операции

Мисајловски беше брифиран за мисијата и задачите кои ги остварува оваа команда.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска беше во посета на Командата на операции во Касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде оствари средба со командантот, бригадниот генерал Бесник Емини, началникот на штабот бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и најодговорните офицери во командата.

Како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, за време на денешната посета министерот Мисајловски беше брифиран за мисијата и задачите кои ги остварува оваа команда, главниот двигател на Армијата во чиј состав се најголемиот број на армиски единици од сите родови и служби кои заеднички придонесуваат за заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на државата и во операции за поддршка на мирот и безбедноста предводени од НАТО, Обединетите нации и Европската Унија.

Мисајловски на денешниот брифинг упатил огромна благодарност до сите припадници на командата за сето она што го направиле досега и порачал дека максимално ќе ги поддржи сите активности и потреби кои ги има оваа Команда и единиците од нејзиниот состав.

-Сакам да ги запознам нашите припадници, чувари на мирот и безбедноста од блиску, да се запознам со вашите потреби и состојби и да направиме се што е потребно вашата работа да ја извршувате беспрекорно. Во мене имате сојузник на кој можете да се потпрете, порачал министерот Мисајловски.

На денешната средба министерот Мисајловски беше брифиран за идните чекори на Командата за операции, опремување и модернизација, обуката и вежбите и прифаќањето и имплементацијата на НАТО стандардите.

притисни ентер