Хан: За жал малцинство земји-членки не прифатија отворање на преговори

Еврокомесарот Јоханес Хан по министерскиот состанок за општи работи на ЕУ на кој повторно се одложи одлуката за отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија, порача дека колективниот кредибилитет на ЕУ е во прашање.

-За жал, малцинство на земји-членки не беа во можност да го поддржат јасниот предлог на Европската Комисија да се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија. ЕК цврсто верува дека ЕУ треба да ги награди тие кои ги исполниле барањата поставени од самиот Совет минатата година, нашиот колективен кредибилитет е во прашање, во прашање еднакво се и нашето влијание и поттик, изјави Хан на прес-конференцијата.

Министрите на земјите-членки денеска одлучија да ја одложат уште еднаш одлуката за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија и се заложија дека ќе се навратат на прашањето најдоцна до октомври годинава.

Официјално, главна причина за тоа е „ограниченото време" со кое располага германскиот Парламент, кој има обврска да ги одобрува одлуките поврзани за проширувањето, иако многумина сметаат дека станува збор за недостиг на политичка волја, бидејќи се знаеше дека во јуни ќе се одржи оваа дискусија, а останува уште една седница на Парламентот на крајот на јуни.

Франција останува една од земјите со најголеми резерви кон проширувањето исто така.

На денешното излагање на седницата, Париз порачал дека „се уште потребни продлабочени дискусии" и продолжува да инсистира дека внатрешната реформа на Унијата мора да се случи пред било какви одлуки за проширувањето. Став со кој комесарот Хан не се согласува. Тој на француската државна секретарка за европски прашања денеска и кажал дека двата процеса можат да одат рака под рака, соопшти комесарот на денешната прес-конференција.

И покрај одложувањето, сите земји-членки топло го поздравиле Преспанскиот договор денеска, изјави Хан и изрази уверување дека во октомври ќе има позитивна одлука.

-Внимателно ги слушав нашите земјите-членки и тие рекоа дека многу ја ценат Северна Македонија, така што уверен сум дека ќе има зелено светло во октомври, рече Хан, одговарајќи на прашање какви гаранции добива Комисијата и земјите кандидатки дека во октомври нема повторно да биде одложена одлуката.

Тој смета и дека треба да се покаже разбирање за внатрешните демократски и институционални процеси на земјите-членки на ЕУ, како Германија, алудирајќи на процедурата во Бундестагот.

Европската Комисија и романското претседателство истакнаа дека е важно што во параграфот за Северна Македонија во заклучоците е вметнат Преспанскиот договор.

-Важно е што го задржавме како што е, заклучоците се многу јасни и Преспанскиот договор многу се цени, земјите-членки ни влеаја оптимизам за позитивен исход врз основа на компромисот постигнат од страна на ова претседателство, изјави романскиот министер за надворешни работи Георг Чамба.

Споменувањето на Преспанскиот договор во заклучоците било важно за земјите-членки и за европските институции во голем дел и поради дијалогот Белград-Приштина, бидејќи многумина стравуваат дека отсуството на опиплива награда за Северна Македонија по Преспанскиот договор би можел лошо да влијае врз српско-косовскиот процес. /MИА

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

притисни ентер