Хамас вели дека со Хезболах во Либан тесно ги координира следните чекори на војната

 Милитантните групи Хамас и Хезболах поддржани од Иран тесно ги координираат нивните следни чекори во борбата против Израел, изјави за Политико висок функционер на Хамас во Либан.

Ахмед Абдул-Хади, шеф на политичката канцеларија на Хамас во Бејрут, инсистираше на тоа дека Хамас со седиште во Газа не го известил својот сојузник Хезболах однапред за нападите врз Израел на 7 октомври во кои загинаа повеќе од 1.400 луѓе. Сепак, и покрај ова, тој ја опиша тековната соработка меѓу двете групи, нагласувајќи дека Хезболах сега е „подготвен за голема војна“ против Израел на север, додека Хамас ќе го уништи „сонот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го протера од Газа

Изјавите ќе ги засилат стравувањата дека конфликтот на Блискиот Исток може да се прошири на два фронта и да го зафати Либан, особено ако Израел изврши копнена инвазија на Газа, каде што неговите бомбардирања веќе убија повеќе од 2.700 луѓе, наведува Политико.

„Имаме многу силни односи со Хезболах. Соработувавме со Хезболах пред нападот врз Израел, а сега сме во целосна соработка“, рече Абдул-Хади во интервјуто од неговата канцеларија во бегалскиот камп Мар Елиас во Бејрут.

Абдул-Хади вели дека израелската копнена офанзива во Газа ќе биде еден од клучните предизвикувачи што може целосно да го воведе Хезболах во конфликтот. „Хезболах нема да внимава на ничии закани. Времето кога Хезболах сака да војува или не ќе биде поврзано со израелската ескалација и инциденти на теренот, особено ако Израел се обиде да влезе во Газа по копно“, рече тој.

Израел преместува оклопна опрема на позиции во близина на Газа. Сепак, портпаролот на израелската војска Ричард Хехт предупреди да не се прават претпоставки за следниот чекор: „Се подготвуваме за следните фази од војната. Не кажавме што ќе биде тоа. Сите зборуваат за копнена офанзива. Тоа може да биде нешто поинаку“.

Абдул-Хади нагласи дека Хезболах веќе покажа дека нема да се оддалечи од борбата. „Хезболах рече дека нема да стојат настрана, а доказ за тоа е што Хезболах нападна долж јужната граница. Тие велат дека се подготвени за голема војна“, рече тој. „Хезболах јасно стави до знаење дека доколку Израелците ја преминат линијата, ќе извршат целосен напад врз Израел“.

Абдул-Хади рече дека Хамас нема избор и мора да го нападне Израел. „Израелската влада се обидуваше да ја ликвидира палестинската кауза и затоа моравме да дејствуваме и затоа се случи нападот“, додаде тој. И покрај неговата блиска соработка со Хезболах, Абдул-Хади инсистира дека нападот на 7 октомври е исклучиво дело на Хамас.

„Оваа операција беше организирана од бригадите Ал Касам (военото крило на Хамас), а подоцна и други палестински организации се приклучија на операцијата. Ова беше чисто палестинска мисија. Дури и нашите верни сојузници не знаеја што следува“, рече тој.

Морбиден профит: Аналитичарот Арсовски и доктор Даниловски најнови жртви на измамниците

Аналитичарот Петар Арсовски и доктор Драган Даниловски најнови жртви на измамниците што со лажни интервјуа продаваат чај, објави Слободен печат.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски и професор доктор Драган Даниловски се најновите жртви на измамниците кои со лажен и манипулативен маркетинг продаваат чаеви на кои им припишуваат „магични лековити својства“.

Овојпат станува збор за измислено интервју кое се шири на социјалните мрежи, а во кое лажно се тврди дека „Петар Арсовски повторно бил на границата меѓу животот и смртта“. Во измисленото интервју злоупотребено е и логото на „Канал 5“ телевизија, како и фотографија од презентерката Татјана Стојановска, за да се создаде лажна слика за веродостојноста на интервјуто, кое всушност никогаш не било направено ниту објавено.

Во интервјуто Арсовски невистинито е презентиран како „македонски актер“ кој „паднал поради хроничен висок крвен притисок и се здобил со скршеница“. Фантазијата на маркетинг гуруата кои стојат зад овие измами, оди дотаму што тие ги обвинуваат докторите што наводно го хоспитализирале Арсовски – дека го третирале само за скршеницата а не и за срцевата слабост, односно дека не му давале терапија. За да се добие на драматичност, во лажното интервју се вклучува и невистинито тврдење дека „македонскиот доктор Драган Даниловски му препишал на Арсовски билно средство за чистење на крвните садови – Хипертеа и така состојбата почнала да му се подобрува“.

-По којзнае кој пат, пак е злоупотребено моето име за рекламирање на безвреден чај! Не наседнувајте! Целата содржина на написот вклучително и „разговорот“ со мене на Канал 5 е сосема измислена! Ја информирам јавноста дека ќе ги преземам сите правни чекори за санкционирање на измамниците, напиша професор доктор Даниловски на Фејсбук.

Целта на оваа манипулативна реклама е да се измамат граѓаните да нарачаат од чајот по цена од 2.400 денари откако ќе бидат наведени да поверуваат во оваа лажна приказна. „Слободен печат“ остави телефонски број за нарачка на чајот, по што добивме повик од телефонскиот број 02/311-6955 и телефонскиот оператор се претстави како оператор од „Монад Плуг“ компанијата. Со нарачката не продолживме бидејќи знаевме дека се работи за измамнички маркетинг. Во телефонскиот именик 1188 проверивме чив е овој телефонски број и оттаму ни кажаа дека се води на „Монад Плуг“ на улица „Козара“ број 41.

-Го видов ова интервју и секако дека е невистинито. Го пријавив ова во „Фејсбук“ но во македонските институции не сум се обратил, изјави за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Извор: „Слободен печат“

Од денеска вратени старите цени на полисите за автоодговорност

Осигурителните компании денеска ги вратија старите цени на полисите за автоодговорност.

Цената на полисата за автоодговорност е намалена 15,4 отсто, колку што беа зголемени на 24 април. Цените на полисите за автоодговорност се променија на 25 април, откако четири дена претходно осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на сумата на осигурувањето.

Се реевидентираат црквите и иконите во Крушево

Стручњаците од прилепскиот Завод и музеј денеска ја заокружуваат реевиденцијата на иконите и црквите во Крушево и Крушевскиот регион.

Ова е почеток на вториот циклус на евидентирање на движното и недвижно црковно наследство во Прилепско – Крушевскиот регион во кој се и Мариовскиот дел и општините Долнени и Кривогаштани.

-Реевиденцијата не е само евидентирање на движното наследство. Не се мисли само на иконите, туку и на црковните предмети и на фрескосликарството. Тоа е еден дел од иконопиството кое го имаме. Зографите кои ги работат иконите, го работат и фрескосликарството, вели Мимоза Христоска, виш кустос во прилепскиот Завод и музеј.

Во Крушево и Регионот се 23 цркви, а бројот на икони достигнува над 500. Претежно се работеше (зависеше од средствата) на црквите и наследството во Крушево, особено е богата црвата „Успение на Пресвета Богородица“. Повеќето се од 19-тиот век каде работеле, претежно, крушевските зографи.

-Богатството е невидено, репрезентативно. Посебно е застапена втората половина на 19 век, особено периодот на просветителството, пред сѐ, Преродбата. Од тој период е е интересно што зографите кои работат, одат да учат и се се школуваат за да може да го пренесат своето знаење во Македонија. Впечатлив е начинот на употребата на боите. Затоа 19 век е многу карактеристичен со употребата на сценското сликарство, посебно на Страшниот суд. Отсликан е на цел ѕид при влезот во црквите. Многу добро е зачувано фрескосликарството. Еден од крушевските мајстори кој најчесто се среќаваат во натписите во црквите е Коста Атанасовиќ. Работел со неговата тајфа, а тоа се неговите тројца синови. Имале своја, семејна школа и сликале фрески и икони во Крушево и Регионот, објаснува Христоска.

Потребни се поголеми средства за реевиденцијата. Се алармира на состојбата со црквата „Свети Никола“ во крушевското село Белушино.

-Црквата потекнува од 17-тиот век. Селото е напуштено од христијанското население во 70-тите години од минатиот век. Имавме дојави за упади. Во црквата беше евидентирана само една икона, но сега не е таму, а имаше и нелегално копање во внатрешноста. Пожелно е да се заштити црквата, зашто фрескосликарството е од 17. век и е зачувано околу 80 проценти. Црквата е евидентирано културно наследство, ама не е добро заштитено, вели вишиот Кустос Мимоза Христоска од прилепскиот Завод и музеј која раководи со реевиденцијата во Прилепско-крушевскиот регион.

Со реевиденцијата во Крушевско, почна вториот циклус на Музејот. Првиот започна 2016 година и реевиденцијата се прави на пет години.

Во Прилепско-крушевскиот регион се околу 7000 икони и околу 200 цркви и манастири. По Охридскиот е втор во Македонија по црковното движно и недвижно наследство.

Последните 10-тина години кражбите се намалени. Се случуваат упади во црквите, но претежно, се земаат парични средства.

притисни ентер