Хамас се согласи да ги одложи отворените прашања во преговорите за подоцна

Хамас се согласи да одложи неколку отворени прашања во преговорите со Израел за подоцнежна фаза од предложеното примирје, во замена за ослободување на заложниците, изјави извор близок до оваа милитантна група.

Изворот за катарскиот весник „Al Arabi Al Jadeed“ изјави дека египетските, катарските и американските посредници ја поддржале оваа порака на Хамас и дека Египет покажал подготвеност да го прифати одложувањето на повлекувањето на израелските сили од Газа по маршутата „Филаделфија“, долж границата меѓу Газа и Египет за подоцна.

Како што пренесува „Тајмс оф Израел“, изворот навел дека преговорите сега се „најблиску до крајот“ и дека одговорот на Израел на предлогот на Хамас се очекува во наредните часови.

Израел, меѓутоа, нагласува дека нема да се согласи на примирје што би спречило повторен почеток на борбите./МИА

Трудо: Канада со нетрпение очекува да работи со Трамп додека ги штити своите интереси

Канадскиот премиер Џастин Трудо му честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата втора инаугурација и рече дека Канада со нетрпение очекува да работи со новата администрација „додека ги штити и брани интересите на Канаѓаните“.

Коментарите на Трудо следат по заканите на Трамп да ја направи Канада 51-та американска држава и да воведе царина од 25 отсто за сите канадски производи.

Денешната изјава на Трудо не се однесува директно на забелешките на Трамп, туку наместо тоа, ја истакна „заемна корисна врска“ што ја уживаат двете земји.

- Канада и САД го имаат најуспешното економско партнерство во светот. Ние сме едни на други најголеми трговски партнери, со односи што создаваат милиони работни места, привлекуваат милијарди инвестиции на континентот и ги чуваат нашите луѓе безбедни, се вели во соопштението.

Лидерите на земјите од Западен Балкан му честитаа на Трамп

Лидерите на земјите од Западен Балкан му честитаа на Доналд Трамп откако денеска положи заклетва и стана 47-ми претседател на САД, јави Анадолија.

- Во име на граѓаните на Босна и Херцеговина и во мое лично име, упатувам најтопли честитки за вашето повторно преземање на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави. Ви посакувам добро здравје и успех во извршувањето на вашата висока функција, во интерес на пријателскиот народ на Соединетите Американски Држави, мир и добро во светот, се вели во пораката на Денис Беќировиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Беќировиќ подвлече дека САД одиграа клучна улога во градењето и зачувувањето на мирот во Босна и Херцеговина, континуирано дејствувајќи како силен гарант за мирот и стабилноста во БиХ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на Трамп и наведе дека со нетрпение очекува да работиме со него и неговата администрација за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство со Соединетите држави.

- Ќе ја надоградуваме нашата силна соработка на военото и енергетското поле и ќе продолжиме да ги подобруваме економските можности и размената во туризмот, напиша Пленковиќ објавувајќи фотографија од заклетвата на Трамп за 47-ми американски претседател.

Честитки за денешната инаугурација пристигна и од премиерот на Словенија, Роберт Голоб.

- Му честитам на Доналд Трамп за денешната инаугурација. Словенија и САД имаат долгогодишно пријателство и богати билатерални односи. Очекуваме дополнително подобрување на односите меѓу нашите две сојузнички земји и зајакнување на трансатлантското партнерство. Само заедно ЕУ и САД можат имаат големо влијание во справувањето со глобалните предизвици на денешната меѓународна заедница, изјави Голоб.

Вториот мандат на Трамп му го честиташе и косовската претседателка Вјоса Османи.

- Честитки до претседателот Доналд Трамп што положи заклетва како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Косово е подготвено да работи со вас, потпретседателот Венс, и вашата администрација за зајакнување на нашиот посебен однос, промовирање на заедничките вредности на слободата и соочување со предизвиците на нашето време. Во име на народот на Косово, ви посакувам многу успех. Божји благослов, рече Османи.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ му честиташе на Трамп за неговиот реизбор за претседател, велејќи дека „најдобрите денови за американската економија допрва доаѓаат“.

- Затоа, Црна Гора, како и целата светска економија, имаат причина за голем оптимизам. Ќе го унапредиме повеќе од вековното пријателство на нашите земји и повеќегодишната алијанса во рамките на НАТО, водени од заедничката визија за силен економски раст, пониски даноци и економија ориентирана кон нашите граѓани, напиша Спајиќ на Х.

По повод инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека три работи ќе го карактеризираат неговото владеење: борба против „длабоката држава“ во САД за да заштеди што е можно повеќе пари за неговите проекти, намалување трговскиот дефицит со Канада, Европската унија и Кина и напорите да се запре војната меѓу Русија и Украина. /МИА

Мицотакис: Грција е посветена на нашето силно стратешко партнерство со САД

Честитки до новиот американски претседател Доналд Трамп по неговата инаугурација, упати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс и ја изрази посветеноста на Грција на стратешкото партнерство со САД, јави дописничката на МИА од Атина.

- Грција е посветена на нашето силно стратешко партнерство и со нетрпение очекува да работи со вашата администрација за унапредување на безбедноста, стабилноста и заедничкиот просперитет, напиша Мицотакис на Икс.

Преку платформата Икс, честитки до Трамп упати и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, кој воедно порача дека Кипар и САД можат многу да постигнат, „тесно соработувајќи за да го подигнат стратешкото партнерство до нови височини, да промовираат регионален мир и стабилност и да ги продлабочат односите ЕУ-САД“. /МИА

притисни ентер